Достапни линкови

Затворени граници, илегална миграција


Најавите за зголемена контрола на границите и затворање на некои од нив ќе предизвикаат безбедносни ризици, зголемен криминал, поголема илегална миграција, повеќе работа за криумчарите.

Зголемување на криминалот и безбедносните ризици очекуваат упатените по најавите дека Австрија, Германија, Шведска и Данска ќе воведат нови гранични контроли поради големиот бегалски и мигрантски бран со кој се соочува Европа.

Ќе произведат сигурно нови моменти кои што ќе вршат силен притисок на зголемување на криминалните групи и методологијата со која ќе се занимаваат кога станува збор за криумчарење на мигрантите, а веројатно и некои други безбедносни аспекти ќе бидат под силен притисок.
Трпе Стојановски, универзитетски професор и поранешен директор на МАРРИ.

Јасмин Реџепи од невладината организација Легис вели дека најверојатно ќе бидат затворени границите за мажите кои патуваат сами, а ќе бидат отворени за децата и семејствата. Тој истакнува дека тоа би резултирало со поголем број на илегална миграција и мерките кои европските земји ги спроведуваат се негативни и за бегалците, но и за земјите кои се на рутата, особено за Македонија која е прва на удар.

„Тоа ќе го зголеми криминалот, ќе се активираат криумчарите и ќе се зголеми корупцијата во полицијата. Од друга страна ќе дојде до уште еден пострашен ризик, бидејќи ќе дојде до киднапирање на децата, затоа што бегалците од машки пол на кои нема да им биде дозволен влез ќе се претставуваат како нивни татковци и вујковци за да ја поминат границата и да мигрираат кон Европа“, смета Реџепи.

Професор Трпе Стојановски од Факултетот за безбедност и поранешен директор на регионалната иницијатива за азил, бегалци и миграција МАРРИ вели дека она што се случува деновиве, односно неможноста европските земји пред се Германија и Шведска и натаму да ги примаат бегалците и мигрантите сигурно дека ќе предизвика промени и Македонија ќе се соочи со сериозни предизвици.

„Сигурно дека тоа ќе биде една нова состојба. Многу сериозна и со нови ризици, која што ќе бара дополнително ангажирање и следење и веројатно во некоја рана фаза со утврдување на некои рани индикатори за државата многу брзо и флексибилно да се соочува со овие состојби. Ќе произведат сигурно нови моменти кои што ќе вршат силен притисок на зголемување на криминалните групи и методологијата со која ќе се занимаваат кога станува збор за криумчарење на мигрантите, а веројатно и некои други безбедносни аспекти ќе бидат под силен притисок. Но, едноставно немате алтернатива на таа ситуација“.

Стојановски додава дека многу е важно ЕУ да покаже предвидлива и единствена реакција затоа што има поголема етичка одговорност бидејќи нејзините земји членки се соочуваат со проблемот на прифаќање на бегалците. Доколку ЕУ донесе одлука евентуално да ги враќа бегалците и мигрантите Реџепи смета дека тие ќе бидат вратени во земјата каде што за прв пат се регистрирале , а тоа е Грција. Но, според него тие нема да сакаат да останат во нашиот јужен сосед туку повторно ќе се движат кон некоја од западноевропските земји.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG