Достапни линкови

Анти-бегалска политика на чешката ТВ Прима


Антимигрантски протест во прага.
Антимигрантски протест во прага.

Менаџментот на чешката телевизија „Прима“ на редакциски состанок им наредил на новинарите да извесуваат негативно за бегалската криза, во спротивно да бараат друга работа.

Информативниот веб портал HlídacíPes.org, објави снимка од редакциски состанок на чешката „ТВ Прима“, на која се слуша како уредникот им наредува на своите новинари мигрантската криза да ја прикажат како сериозна закана за земјата, во спротивно ќе бидат отпуштени од работа.

Во објавата е наведено дека состанокот бил одржан минатиот септември, а на него присуствувал и заменик претседателот на одборот на директори на компанијата Лубош Јетмар, кој, исто така, ги изнесувал неговите очекувања од новинарите.

Јетмар ја опишал ситуацијата со бегалците како „почеток на крајот“, велејќи дека не сака неговата 9-годишна ќерка да носи бурка после 20 години.

„Сега овде ,во Европа, има неколку стотици илјади (мигранти), можеби милион, не знам. Во моментов тука има многу од нив и тие навистина не ги почитуваат нашите правила“, рекол Јетмар.

Објавените докази предизвикаа жестока дебата за известувањето на чешките медиуми за мигрантската криза.

Иако во Чешка во 2015 година само 1.525 луѓе побарале азил, бегалската криза стана прашање на поделби откако медиумите прикажуваа дека земјата ја преплавуваат колони бегалци и мигранти на нивниот пат кон Западна Европа.

Потоа се случија и неколку инциденти. Беше уништен центар за бегалци, а се случи и убиството на муслиман во Прага.

Според едно неодамнешно истражување повеќе од 70 проценти од жителите на Република Чешка сега веруваат дека сите странци кои живеат во земјата претставуваат голема закна за националната безбедност.

Еден од новинарите којшто присуствувал на состанокот на „ТВ Прима“ за Радио Слободна Европа анонимно вели дека менаџментот на компанијата бил „бесен“ поради известувањето за мигрантската криза и затоа новинарите биле повикани на состанокот.

Изворот сведочи дека неколку недели по состанокот многу материјали биле отстранувани од новинарските прилози, вклучително интервјуа со бегалци коишто ја покажувале човечката страна на кризата.

„Тие не сакаа ништо што ќе ги прикаже бегалците како луѓе, туку да се прикажат само како голема маса луѓе. Всушност ни беше кажано дека нема да бидеме објективни и балансирани. Тоа беше јасно прекршување на новинарскиот кодекс на етика“, вели анонимниот извор.

Телевизијата „Прима“ ги отфрли доказите на порталот „HlídacíPes“ како шпекулација, посочувајќи дека известувањето било базирано врз основа на независен опис на настаните и оти на новинарите не им било наредувано негативно да известуваат за мигрантската криза.

Сопственикот на порталот кој ги објави снимките Роберт Брештан, за Радио Прага изјави дека „ТВ Прима“ и другите чешки медиуми, или сите медиуми во светот имаат право на свој поглед на се, но основно новинарско правило е дека вестите и мислењето мора да се разликуваат.

„Кога имаш мислење, имаш мислење, но кога имаш вести, вестите треба да бидат објективни и неутрални. Не можеш да правиш вести врз основа на мислењето на менаџментот на телевизијата“, вели Брештан.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG