Достапни линкови

Ердоган: Турција ќе има посилна војска


Турција ги затвора воените училишта
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:00 0:00

Турција ги затвора воените училишта

Турција ќе ги затвори воените училишта, а вооржените сили ќе ги стави под команда на министерот за одбрана. Ова го изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, наведувајќи дека потегот е со цел војската да биде под построга контрола на владата по неуспешниот државен удар во Турција.

Некои од промените веќе се објавени во Службен весник и доаѓаат откако само во минатата недела над 1.700 воени лица беа отпуштени поради нивната улога во неуспешниот пуч на 15 јули.

Околу 40 отсто од отпуштените офицери се адмирали и генерали.

Претседателот Ердоган во интервју за турската телевизија изјави дека војската, втората по големина во НАТО, како резултат на планираните промени, ќе биде „многу посилна“.

„Нашите вооружени сили ќе бидат многу посилни со најновиот декрет што го подготвуваме. Нашите воени команданти ќе поднесуваат извештај до министерот за одбрана. Тие ќе бидат ставени под контрола на министерот“, рече тој.

До оваа реорганизација доаѓа во момент кога турската војска, на која долго време се гледаше како на чувар на секуларната република, е растргната од насилствата во претежно курдскиот југоисточен дел на Турција до нападите на милитантите на Исламската држава на границата со Сирија.

Ердоган во интервјуто ги најави и планираните промени во Уставот.

„Во тек се разговори или наскоро ќе се одржат и со лидерите на опозициските партии. Станува збор за донесување уставен пакет од мал обем, со што началникот на Генералштабот и Националната разузнавачка агенција ќе бидат ставени под контрола на претседателот“, рече Ердоган.

Тој исто така најави дека воените училишта во земјата ќе бидат затворени и ќе биде формиран Национален универзитет за одбрана кој ќе биде контролиран од владата.

Во истовреме во Дијарбакир на југоистокот на Турција се одржа митинг на Курдите против обидот за државен удар, но и против владиниот одговор на пучот и за потребата од градење на посилна демократија во земјата.

Претседателот на Демократската народна партија Селахатин Демирташ, рече дека ставот против државниот удар не е и знак на поддршка за владејачката партија на Ердоган.

Во поддршка на Ердоган околу 30 илјади демонстранти од турската заедница во Германија излегоа вчера во Келн. Тие вееја турски знамиња и носеа трнаспаренти „За демократија, против пуч“.

Инаку, во досегашната чистка се опфатени над 60.000 луѓе во армијата, судството, државната администрација и училиштата што ги зголеми тензиите меѓу Анкара и Западот.

Ердоган за пучот го обвини муслиманскиот свештеник Фетула Ѓулен, кој живее во САД и кој има многу следбеници во Турција.

Ѓулен, пак, изјави дека државниот удар е оркестриран од самиот Ердоган.

Турција побара од САД да го екстрадираат Ѓулен. Вашингтон соопшти дека ќе го стори тоа само доколку добие јасни докази.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG