Достапни линкови

Четири прашања по обидот за воен удар во Турција


Иако е неизбежно дека ќе има одмазда по неуспешниот државен удар во Турција предизвикот за властите е да обезбедат таа да биде воздржана. Сегашните претпоставки отвораат четири непријатни прашања. Пишува Абас Џавади.

Кратко време по неуспешниот обид за државен удар во Турција во кој загинаа речиси 300 луѓе, беа уапсени околу 6.000 осомничени лица, повеќето од нив полицајци, судии, обвинители и војници. Повеќето од апсењата се случија во текот на првите 24 часа. Без сомнение дека ќе има уште.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави: „Од членови на Високиот совет на судии и јавни обвинители до оние во Уставниот суд, луѓето се отпуштени и уапсени. Дали е тоа доволно? Не, тоа не е. Ова мораше да се случи, но тоа не е доволно“.

Иако е неизбежно дека ќе има одмазда предизвикот за Турција е да се обезбеди таа да мине воздржано. Сегашните претпоставки отвораат четири непријатни прашања.

1: Која беше целта на државниот удар?

Воен удар обично е насочен кон власта, но тоа се чини не беше случај во Турција. Кога првите истрели биле истрелани на 15 јули, претседателот бил на одмор. Ниту еден од клучните министри, гувернери, или полициски началници не беа уапсени.

Заговарачите на државниот удар како заложници земаа некои од своите воени команданти и го окупираа седиштето на шефот на командата, како и воздухопловната база во Анкара. Тоа изгледаше повеќе како потег против самата војска, а не против владата.

2. Зошто беше бомбардиран парламентот?

Откако парламентот на Турција беше бомбардиран на 15 јули, сите политички партии, вклучувајќи ја и опозицијата, се обединија во одбраната на парламентот и демократијата. И покрај нападите, пратениците се вратија во зградата на парламентот за да ја покажат својата поддршка.

Многу набљудувачи веднаш се прашаа која беше целта на бомбардирањето на парламентот, дури и ако тие успееа целосно да ја уништат зградата.

Штетата, сепак, беше минимална - и парламентот се уште функционира. Сателитската конекција на многу ТВ канали, вклучувајќи ја и државната телевизија, беше оштетена, иако неколку независни ТВ канали, особено Си-Ен-Ен Турк, останаа недопрени. Иронично, таа стана трибина на протест против обидот за државен удар.

Заговорачите исто така, испратија млади регрути да окупираат некои владини агенции и неколку медиуми. Но, тие војници беа неефикасни, несвесни за својата мисија, и брзо да се предадоа. Некои од нив беа брутално убиени од разбеснетата толпа.

3. Како да се најдат 6.000 осомничени за два дена?

Турскиот министер за правда Бекир Боздаг изјави дека биле уапсени 6.000 осомничени и оти апсењата ќе продолжат. Но, како е технички можно турските власти да соберат легитимни докази за 6.000 граѓани во толку кратко време?

Во отсуство на конкретни докази, можно е дека државните органи работеле по списоци на поединци кои ги сметаат за закана, што беа составени пред државниот удар.

Голем дел од апсењата - околу 2.500 луѓе – се од правниот систем. Ако државниот удар беше само "мала група" во рамките на војската, како што Ердоган изјави, зошто имало вклучено толку многу судии и обвинители?

4. Каде е доказот за улогата на Фетула Ѓулен?

Властите брзо вината за државниот удар ја фрлија врз турскиот свештеник Фетула Ѓулен. Тој негира дека е вклучен, а Анкара се уште не нуди јасни докази за улогата на свештеникот. Ердоган ги повика американските претставници да го екстрадираат Ѓулен, кој живее во САД од 1999 година.

Американскиот државен секретар Џон Кери изјави дека администрацијата на Обама ќе го разгледа барањето за екстрадиција на Ѓулен ако Вашингтон покаже докази за вината на свештеникот.

Како и да се, државниот удар обезбеди добра можност за борба против движењето на Ѓулен, кое во Турција е прогласено за терористичка организација. Многу функционери и медиуми ги интензивираат изјавите во врска со учеството на Ѓулен, со што се создава атмосфера каде што што малкумина се осмелуваат да се сомневаат во обвиненијата.

Исто така тоа може да се користи за демонизирање и на други непријатели на владата како на пример Курдската демократска партија во северниот дел на Сирија која е тесно поврзана со Курдистанска работничка партија.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG