Достапни линкови

Ердоган: пучот спречен, сурови казни за одговорните


Турскиот претседател Ердоган изјави дека обидот за воен удар е спречен и најави сурови казни за одговорните. Висок претставник објави дека Генералштабот е под контрола на провладините сили.

Генералштабот на турската армија веќе е под контрола на провладините сили, но мала група војници се уште пружа отпор и контролира неколку воени хеликоптери, изјави висок турски претставник. Тој додаде дека пучистите користат хеликоптери и оти нападите врз Парламентот и претседателската палата во Анкара веќе целосно се прекинати.

Ниту една сила не е над народот и одговорните за бунтот ќе го добијат неопходниот одговор, независно од тоа на која институција и припаѓаат, изјави рано изутринава турскиот претседател Реџеп Таип Еродган во обраќање до нацијата од истанбулскиот аеродром „Ататурк“. Лицата одговорни за обидот за воен преврат ќе бидат најсурово казнети, порача Ердоган. Тој нагласи дека обидот за воен удар бил насочен против единството и сплотеноста на нацијата, но бил спречен. Ердоган во обраќањето повторно го обвини муслиманскиот проповедник Абдулах Ѓулен, кој се наоѓа во доброволен егзил во американската сојузна држава Пенсилванија, дека стои зад обидот за воен удар во Турција.

Шефот на турската полиција Џељалетин Лекесиз изјави дека 16 пучисти загинале во судирите во зградата на командата на воената полиција во текот на ноќта, а други 250 се уапсени, Друг турски официјален претставник истакна дека 29 полковници и петмина генерали се сменети поради обидот за воен удар. Исто така се приведени 754 војници. Меѓу уапсените е генерал Мемдух Хакбилен началник на турската команда за егејскиот регион.

Турција - граѓаните на улица, се качуваат на тенковите
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:32 0:00

Според последните информации, загинале најмалку 60 луѓе, а најголем број од нив се цивили.

Турската војска синоќа соопшти дека „целосно ја презела контролата“ во земјата во обид да го заштити демократскиот поредок и да се одржат човековите права. Ова бешее наведено во соопштение пренесено од агенцијата Доган и турската телевизија.

Во соопштението од армијата се наведуваше и дека сите надворешни релации на Турција остануваат и дека владеењето на правото ќе биде главен приоритет.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во интервју за Си-ен-ен рече дека тој се уште е на власт и дека ќе го спречи обидот за воен удар. Тој ги повика граѓаните да излезат на улиците за да ја поддржат неговата влада.

Зборувајќи преку мобилен телефон за Си-ен-ен на турски јазик тој рече дека верува оти заговорите за удар нема да успеат. Во својата прва реакција по вечерашните случувања тој побара од Турците да се соберат на јавните места и аеродромите.

„Никогаш не сум верувал во моќ поголема од моќта на граѓаните“, рече тој.

Ердоган нагласи и дека се уште е претседател и врховен командант ветувајќи им на заговорниците дека ќе плателе многу висока цена.

Извори од неговиот кабинет велеа дека тој е на безбедна локација согласно владиниот протокол. Турскиот премиер Бинали Јилдирим на Твитер наведе дека безбедносните сили ќе возвратат на ударот и дека се што е потребно ќе биде направено и ако тоа би значело и жртви. Тој наведе и дека има опсади на некои важни згради без да прецизира кои, но побара од луѓето да останеле мирни, додавајќи дека актите против демократијата немало да бидат толерирани.

Државната агенција Анадолија јави дека високи претставници на турската војска се држат како заложници во седиштето на војската во Истанбул.

Претходно, премиерот Јилдирим изјави дека дел од турската армија презема активности без да го почитува синџирот на команда и оти е вклучена во обид за воен удар. Агенцијата Ројтерс, пак, јави дека во Анкара се слушале истрели од огнено оружје и оти воени авиони и хеликоптери во низок лет го надлетувале главниот град на Турција.

На социјалната мрежа Твитер жители на Анкара пишуваа дека слушнале екпслозии и истрели од огнено оружје пред социјалните мрежи да станат недостапни. Првите информации за акцијата на дел од војската стигнаа од Истанбул, кога членови на турската армија користејќи воени возила ги блокираа двата моста на Босфор кои го поврзуваат европскиот и азискиот континент.

Подоцна армиски тенкови беа поставени на влезот на истанбулскиот аеродром Ататурк. Кратко време по случувањата сите летови од аеродромот Ататурк беа откажани.

Турската војска плански беше маргинализирана во последниве тринаесет години за време на владеењето на Ердоган. Според аналитичарите Ердоган долго време на војската гледаше како на опасен противник.

Некои чекори што Ердоган ги презема последните месеци за да ја намали улогата на неговите политички опоненти, му овозможија на турското воено раководство да има поважна улога во претседателските политики.

Тоа и овозможи на турската војска која досега има урнато од власт четири влади од 1960 година да се врати како важен играч во турските политики. Во мај Ердоган го разреши поранешниот премиер Ахмет Давутоглу и го замени со Јилдрим кој е од неговата партија - Партија на правда и развој.

Од тогаш некои поранешни воен офицери и безбедносни аналитичари предупредуваа дека некои елементи во турската војска сакаат да го спречат засилувањето на Ердоган и да создадат систем за контрола на моќта на претседателот.Гласините за воен удар во Турција почнаа во март пред Давутоглу да биде тргнат од позицијата.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG