Достапни линкови

Стабилна Турција за безбеден регион


Стабилизирањето на Турција по неуспешниот воен удар е од клучно значење за безбедноста во регионот, коментираат домашни аналитичари.

Многу е важно во наредните денови да се консолидира состојбата во Турција за земјата да може да продуцира безбедност во регионот, коментираат аналитичарите, откако по неуспешниот обид за државен удар се отворија прашањата за можните последици во Македонија и во регионот во однос на двете главни безбедносни прашања: мигрантската и бегалска криза и заканите од тероризмот.

Професор Стево Пендаровски не очекува промени околу овие прашања, бидејќи, како што вели, главниот владетел во Турција, претседателот Реџеп Таип Ердоган, и натаму е на власт. Пендаровски посочува дека Ердоган е потписник и гарант на Договорот за бегалците меѓу ЕУ и Турција и единствоно со негова неимплементациа е можно обновување на балканската бегалска рута.

„Исто така и во делот на евентуалната закана од џихадизмот, или од групата на Исламската држава, бидејќи Ердоган во последните месеци дефинитивно прејде на страната на меѓународната коалиција која се бори против ИД и во тој дел не се забележуваат никакви индикатори дека наскоро може да го промени своето расположение. Напротив, според новите регионални алијанси во однос на неколку битни регионални оски, пред сè кон Израел и кон Москва, може само да се претпостави дека тој ќе продолжи уште пожестоко во пресметката со припадниците на ИД. Значи, нема да има никакви консеквенци по Балканскиот Полуостров од тоа што се случи во Турција“, вели Пендаровски.

Универзитетскиот професор Стојан Славески истакнува дека на регионот му е потребна стабилна Турција и затоа во моментов таа треба да ги консолидира нејзините институции, особено односите меѓу војската и полицијата.

„За односот на Турција кон бегалците многу ќе зависи дали земјата ќе го почитува договорот со ЕУ. Новиот турски премиер во одредени елементи покажа несогласување со исполнувањето, така што ако Турција се откаже од договорот, сигурно дека Европа и Балканот ќе ги зафати нов бегалски и мигрантски бран, којшто може да има дестабилизирачки ефекти. Во однос на односот на Турција кон Исламската држава, се покажа дека токму поради овие тензии меѓу полициските и воените сили и нивната слаба координација, се случија бројни терористички напади во кои жртви беа цивили“, вели Славески.

Тој додава дека притисоците во преструктуирањето на безбедносните институции во Турција ќе продолжат и во наредниот период и поради тоа според него се можни нови терористички закани и во Турција и во другите земји во регионот.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG