Собирот за поддршка на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во Скопје само покажува дека турската заедница во Македонија најстрого го осудува обидот за рушење на демократски избраниот поредок во Турција, вели организаторот на вчерашниот настан, претседател на Сојуз на турски невладини организации „Матуситеб“ Тахсин Ибрахим. Тој вели дека не е точен впечатокот кој во јавноста се појави по иконографијата на собирот дека собирот е за поддршка кон Ердоган, а не кон демократијата во Турција.
„Потполна поддршка на државата, но се разбира дека особено поддршка имаме и за претседателот Реџеп Таип Ердоган, затоа што при секоја официјална посета на Република на Македонија го посетуваше Сојузот на турските здруженија“, вели Ибрахим.
Со турски песни посветени на Ердоган, извици „Алах е еден“ и транспаренти на кои пишува „ Ердоган остани силен“, и „отоманските внуци на Балканот се со тебе Ердоган“, помина вчерашниот собир на плоштадот „Карпошово востание“, во близина на старата скопска чаршија.
Ибрахим објаснува дека симпатиите на турската заедница во земјава кон Ердоган се должат на вниманието кое турскиот претседател и го посветил на Македонија.
Во меѓувреме аналитичарите стравуваат дека поделбите на ѓуленисти и ердоганисти во Турција по обидот за државен удар може да се прелеат и во Македонија, особено по притисокот на Анкара врз земјите од регионот за соработка во гонењето на ѓуленисти.
Македонското министерство за надворешни работи не ни одговори на прашањата дали од Анкара е пристигнато такво барања во Македонија како што беше примерот со Косово.
Македонија традиционално има добри билатерлани односи со Турција, но доколку такво нешто се побара од нашата земја, ние мора да го одбиеме со сериозна индигнација, вели претседателот на Дипломатскиот синдикат Сашко Тодоровски.
„Такво барање би значело прво и основно дека Турција ја смета Македонија за некоја општина и тоа од рурален тип, затоа што такво барање да се упати до суверена демократска држава во основа е навреда,“ вели тој.
Тодоровски вели дека внатрешната пресметка во Турција личи на прогон на членови на политички непожелна исламистичка група и оттука обидот тоа да се префрли во Македонија, тогаш тоа ќе биде подривање на уставниот поредок на земјава.
Ибрахим вели дека поделеност на турската заедница во Македонија не постои, особено не во Сојузот каде што повеќе од 10 години членуваат 65 невладини организации, но тврди дека има образовни институции кои што се поддржувачи на Фетула Ѓулен, додавајќи дека тоа е мал број.
По пишувањата во дел од македонските медиуми дека некои од образовните институции меѓу кои и колеџот Јахја Кемал, кои се во сопственост на турски бизнисмени се поврзани со дел од движењето на Ѓулен, пристигнаа деманти. Одговорните во колеџот велат дека како македонска компанија 20 години работи преку самофинансирање.
„Сериозните небулози кои се појавија во дел од македонските медиумите по случувањата во Турција ги вознемири дел од родителите на учениците во Јахја Кемал и тие побараа дополнителни инфомации за нашето финансирање, но и натаму ја добиваме поддршката од нив“, велат од таму.
Во Турција е прогласена тримесечна воена состојба. По неуспешниот обид за пуч беа приведени илјадници војници, разрешени и уапсени еден куп судии, а последниот удар беше врз образованието, каде од работа беа отпуштени илјадници просветни работници.