Интересирањето на туристите од Македонија за летување во Турција е значително намалено во однос на претходните години. Оваа го покажуваат резервациите во туристичките агенции. По терористичките напади, но и неуспешниот обид за државен удар, поголем дел од граѓаните велат дека годинава се предомислиле да патуваат во Турција, но како непожелни дестинации во овој период тие ги наведуваат и европските метрополи, по сè почестите напади таму. Поголем дел од граѓаните велат дека би патувале во овие земји само ако е неопходно, но има и такви граѓани кои ниту напади не може да ги убедат да се откажат од овие дестинации.
„Мислев во Турција да одам, но не одам. Колку терористички напади имаше, постојано загинуваат луѓе.“
„Па можеби би одел во Турција. Во европските држави не би одел во овој момент, ама вистина е подобро да си се седи дома и да се биде тука во близина.“
„Не би патувала, затоа што тоа се групни патувања, а напаѓачот оди таму каде што има многу луѓе.“
„Јас би патувала што и да биде. Верувам во судбина, што ќе се случи ќе се случи.“
„Јас не, светот стана опасен“, велат анкетирани граѓани.
Туристичките агенции кои имаат договорени аранжмани за ова лето во Турција продолжуваат да организираат патувања. Стравот од нападите влијаеше и врз намалување на цената на аранжманите и во најпознатите турски летувалишта можат да се најдат поевтини аранжмани кои се движат и до 300 евра во хотели со четири и пет ѕвезди. Од туристичките агенции велат дека резервации за Турција има, но ниту приближно како минатата година. Туристичките работници од друга страна наведуваат дека допрва ќе има биланс за интересот за патување во Германија и Франција, бидејќи тоа се дестинации каде се патува за празници и оти тие не се толку атрактивни во летниот период.
Најголемо откажување има на летувањата во Турција, вели туристичкиот работник Ангел Иванов.
„Во зависност од дестинацијата секако дека има откажувања. Мислам дека за Турција половина од луѓето кои уплатија се откажаа. Но за август мислам дека одѕивот е минимален“, вели Иванов.
Венко Спасов, сопственик на туристичка агенција вели дека има граѓани кои се загрижени по терористичките напади во Ница, но има и примери кои зборуваат дека последниот напад не ги убедил лесно Македонците да се откажат од оваа дестинација.
„Имаше пример патници кои патуваа за Ница. Два дена откако се случи нападот. Малку со страв. Но луѓето сепак си отидоа“, вели Спасов.
Дека ризикот од патување во некои земји е зголемен, зборува и тоа дека агенциите без надомест ги откажуваат патувањата во некои дестинации. По бранот терористички напади во Европа и надвор од неа, туристичките работници ги препорачуваат традиционалните места за летување како Грција и Бугарија, потоа Италија и Шпанија, како и домашните капацитети.