Достапни линкови

Фудбал во страв од безбедносни закани


Над 90 илјади полицајци, војници и приватно обезбедување се распоредени низ Франција, задолжени за безбедноста на посетителите на Европското првенство во фудбал.

По терористичките напади, Франција се соочува со нов предизвик. Овој пат спортски. Сите очи деновиве се вперени во Париз каде се одржува европското фудбалско првенство. Обид за терористички напад минатата година имаше и на стадионот Стад де Франс каде ќе се одиграат дел од натпреварите, а сега земјата мора да се осигура дека безбедноста ќе биде на највисоко можно ниво и нема да дојде до непосакувани ситуации, каде ќе биде загрозен животот на посетителите.

Безбедносните мерки се огромни, никогаш досега немало вакви безбедносни мерки, дури 90 илјади припадници на безбедносните сили, на полицијата на Франција ќе бидат задолжени за десетте стадиони, во просек по девет илјади полицајци на секој стадион, по 17 милиони евра се потрошени за секој стадион од безбедносен аспект.
Златко Калински, спортски новинар

Македонија како и во минатото, па така и сега не успеа да обезбеди пласман, но Македонците како и сите останати фанови на фудбалот натпреварите ќе ги проследат покрај телевизорите низ кафулињата и ќе навиваат за некоја друга репрезентација. Коментаторот Златко Калински традиционално натпреварите ќе ги следи одблизу. Вели убаво е да се биде дел од тој спектакл.

„Прекрасно е чувството, голем настан којшто го исполнува секого којшто е во таа професија, спортски новинар. Мене ова ќе ми биде последно Европско првенство пред заминувањето во пензија и така уште на еден додатно посебен начин го доживувам сево ова. Убаво е да се биде дел од тој спектакл каде што се 32 репрезентации, каде што се илјадници колеги од целиот свет, каде што се мешаат колорити на навивачки бои, една, би рекол, еуфоричност што владее кај сите во очекување на почетокот на настанот и со убави желби дека нивните репрезентации ќе постигнат добар резултат“, вели тој.

Според него, безбедносните ризици со кои се соочува земјата делумно ќе влијаат, бидејќи некои земји како САД препорачуваа да не се патува и да не се присуствува на првенството во Франција, а тоа го сторија и некои други европски земји.

„Мислам дека духот на Европското првенство нема да биде загрозен. Безбедносните мерки се огромни, никогаш досега немало вакви безбедносни мерки, дури 90 илјади припадници на безбедносните сили, на полицијата на Франција ќе бидат задолжени за десетте стадиони, во просек по девет илјади полицајци на секој стадион, по 17 милиони евра се потрошени за секој стадион од безбедносен аспект“, вели Калински.

Три експлозии се слушнаа на стадионот Стад д Франс во Париз
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:35 0:00

Филип Нацоски, кој е уредник на Офсајд и долгогодишен фан на фудбалот, вели дека доколку би имал можност секако би отпатувал на европското првенство.

„После сето тоа што се случи во Париз и оваа нестабилна ситуација во Европа и пошироко којашто ја следиме во изминатиот период го тера човек да размислува колку е тоа безбедно. Имаше една интересна статија којашто ја пишував после финалето на Лигата на шампиони меѓу Реал Мадрид и Атлетико Мадрид на којашто интересно, еден навивач од Палермо успеа без карта да влезе на финалето на Сан Сиро во Милано. Замислете, зборуваме за финале на Лига на шампиони, еден од најголемите фудбалски и спортски настани во текот на годината“, вели тој.

Нацоски додава дека момчето успеало на стадионот да влезе без карта и тоа да го направи многу лесно.

„Облече само елегантен костум, си купи беџ и имаше врвца со официјалното лого од Лигата на шампиони и тоа го направи толку убедливо, дури успеа да сними и клип како влегува на Сан Сиро. Така што еве еден ваков пример те тера да размислуваш дека и на големите фудбалски настани на коишто мислиме дека сè е беспрекорно во однос на безбедноста и организацијата се случуваат и едни вакви интересни случки. Во случајов, ова беше едно момче коешто го направило тоа чисто од забава. Успеал да влезе во ВИП ложата, да слезе долу на теренот и да го подигне пехарот, да направи десетици селфија со познати играчи и имаше една интересна изјава во којашто вели – На оние коишто ме критикуваат за овој потег би им рекол дека ако сакав можев да убијам многу луѓе, но јас не сум лош човек и сето тоа го направив од забава“, вели Нацоски.

Роберт Марковиќ од одделот за безбедност при ФФМ вели дека по терористичките напади, безбедносните ризици секако дека во голема мера може да влијаат врз европското првенство.

„Сите се надеваме дека мерките на претпазливост или превенција од страна на домаќинот, на организаторот се предвидени и преземени во голема мера, но последните случувања пред два дена со нивниот државјанин на граничниот премин ми се чини со Украина покажуваат дека сепак треба да има повисоко ниво на организација и претпазливост. Секако не е воопшто наивна состојбата, особено во Франција, бидејќи во неколку наврати во изминатиот период видовме што се случи во срцето на демократијата на Европа“, вели Марковиќ.

Очевидец изненаден од смиреноста на напаѓачите на концерот во Париз
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:25 0:00

Универзитетскиот професор Стојан Славески потсетува на предупредувањето на САД дека се можни терористички напади во Европа во наредниот период. Тој посочува и дека европското првенство во фудбал е настан на кој се собираат луѓе од целиот свет и со тоа претставува можност за да се направи таков терористички напад кој би имал голем одек и би предизвикал големо внимание во светот и со тоа би ја постигнал целта.

„Во таа смисла одржувањето на толку голем број на натпревари на релативно мал простор, во смисла на бројот на стадиони на коишто ќе се одигруваат, претставува секогаш дополнителен предизвик за безбедносните сили, за полицијата, за војската, за разузнавачките и служби затоа што и тие имаат ограничени капацитети и ќе мора да ги дисперзираат, односно да ги раздвојат силите и нема да може да се концентрираат во смисла на превенирање на евентуални терористички закани“, вели Славески.

До Калински и неговите колеги кои ќе ги пренесуваат и коментираат натпреварите во живо пристигнала и препорака од УЕФА да бидат на стадионите минимум три часа пред натпреварите, бидејќи ќе бидат засилени безбедносните контроли.

„Сигурно ќе биде најтврдо обезбедување што воопшто досега било на еден спортски настан. Јас се сеќавам на Олимпијадата во Атланта во 1996 година, исто така беше многу тврдо обезбедувањето, препораката беше четири часа пред свеченото отворање да се биде на стадионот, па сепак не успеаја да се одбранат. Еден поединец, тоа не беше организиран тероризам, туку акт на поединец, постави бомба во Олимпик Парк каде што во еден момент имаше еден милион луѓе“, вели Калински.

Тој смета и дека духот на европското првенството нема да биде загрозен, но против таквиот вид на тероризам веројатно одбрана нема.

„Сепак мислам дека нема да дојде до она најмалку посакувано, да дојде до некаква катастрофа од тој вид, тоа би било за мене крај на убавината на човечкото живеење. Веќе никаде нема човек да биде безбеден, ниту во театар, ниту на стадион, ниту на некој плоштад, бидејќи знаеме на што сè се подготвени поединци и ако сака некој да постави бомба, тоа ќе го направи пред стадионот, тоа ќе го направи во метро и одбрана од тоа нема“, вели Калински.

Нацоски посочува и дека многу ретко се случуваат терористички напади на некои првенства.

И делегација на ФФМ ќе присуствува на првенството и на нив од одделот за безбедност ќе им се дадат препораки на претпазливост, а Марковиќ истакнува дека истото важи и за сите останати граѓани кои ќе бидат дел од спектаклот. Тој посочува и дека до ФФМ не стигнале посебни инструкции од УЕФА.

Калински додава дека препораките треба и мора да се почитуваат.

„Никогаш не сум размислувал на начин дека мојот живот може да биде загрозен каде и да сум одел, затоа што секогаш сум чувствувал дека некој друг се грижи за тоа и дека нема потреба да размислувам за тоа, има луѓе што се грижат за тие што ги носат акредитациите и сакаат сè да мине во најдобар ред“, вели Калински.

Според Славески, потребно е сите они што ќе присуствуваат на натпреварите да водат сметка за насоките и она што безбедносните сили го препорачуваат и соодветно да се однесуваат.

Европско првенство под будното око на полицијата

Над 90 илјади полицајци, војници и приватно обезбедување, се распоредени низ Франција, задолжени за безбедноста на посетителите на Европското првенство во фудбал, соопшти француското Министерство за внатрешни работи. Во Франција сè уште е во сила вонредната состојба, воведена по терористичките напади во Париз во ноември, кога беа убиени 130 луѓе.

Љупчо Наќев

Безбедноста на фудбалското ЕП во Франција
please wait

No media source currently available

0:00 0:07:59 0:00

На Европското првенство, кое трае еден месец, се очекуваат над 2,5 милиони посетители, на 10-те стадиони каде што ќе се играат натпреварите. Ќе има и фан зони во поголемите градови, што е дополнителен безбедносен ризик, бидејки се проценува дека низ нив ќе поминат околу 8 милиони луѓе. Имаше предлози да ги нема овие фан зони, но организаторите сметаат дека тоа е бесмислено. Но, во и околу нив, ќе има ригорозен безбедносен протокол.

„Решивме, во 10-те градови домаќини на Еуро 2016-та, да има фан зони, бидејки навивачите ќе бидат на едно место. Ќе бидат надгледувани со оптимални безбедносни мерки, што е многу подобро отколку да бидат на многу разни локации низ градот“, вели заменик градоначалникот на Лион, Јан Кушер.

За секој случај, беа одржани и вежби во случај да дојде до некаков инцидент. На пример, ако се случи бомбашки и напад на вооружени лица.

„Целта на овие вежби е за полициските сили од една страна и за останатите служби од друга, како спасувачките екипи, пожарникарите и слично. Не сакаме да правиме спектакли или да демонстрираме нешто, туку да ги координираме акциите на тимовите, доколку биде потребно“, вели Мишел Делпуе, претставник на регионалните власти во Лион.

Дека засилените мерки за безбедност во Франција не се случајни, потврдува и Патрик Калвар, првиот човек на француската разузнавачка агенција. Тој оцени дека Франција е под закана и оти милитанти на Исламската држава планираат нови напади, поставување експлозив на места каде што има многу народ. Калвар оцени дека милитантите на Исламската држава ја користеле мигрантската рута низ Балканот за да стигнат во Европа.

Шефот за безбедност на Европското првенство во Франција, Зиад Хури, вели дека станува збор за најголема безбедносна акција на јавниот и приватниот сектор во Франција, но оти заканите се општи, како за секоја демократска земја. На влезовите на стадионите и внатре и околу нив, француските безбедносни служби применуваат нови протоколи, со цел сè да помине во најдобар ред.

Инаку, Соединетите Држави деновиве упатија предупредување дека ова лето се можни терористички напади во Европа, а оти можна цел е и Европското првенство во фудбал во Франција.

Сепак, францускиот претседател Франсоа Оланд изјави дека Франција ги презела сите неопходни мерки за безбедноста и сигурноста на сите посетители. Ова треба да биде европски спортски фестивал, фестивал за луѓето, а ние тоа ќе го овозможиме, изјави Оланд.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG