Достапни линкови

Македонија не е предизвик за терористите, но не е ни имуна


Македонија не е атрактивна за припадниците на ИД како што се Париз, Брисел или Лондон, но никогаш со сигурност не може да се каже оти државата е имуна на терористички цели.

Македонија како мала и сиромашна земја не претставува предизвик на деструктивната закана на џихадистичките терористи, но тоа не значи дека не треба да се преземаат сите мерки со кои државата ќе ја гарантира безбедноста на граѓаните особено имајќи го предвид фактот дека земјава претставува коридор низ кој поминуваат бегалците од ризичните земји, а заедно со нив беа евидентирани и озогласените терористи кои поминале од балканската рута на нивниот пат кон Франција. Невладините активисти велат дека Македонија не е атрактивна за припадниците на ИД како што се Париз, Брисел или Лондон, но оти никогаш со сигурност не може да се каже оти државата е имуна на терористички цели.

Но не сме ни најнезначајни бидејќи сме на бегалската рута и како земја се приклучуваме на мировните операции на НАТО, исто така терористичките архитекти гледаат каде е најслаба безбедноста и каде најмногу може да предизвикаат внимание. Сепак не сме на врвот, тоа морам да потенцирам.
Џабир Дерала, Цивил.

„Но не сме ни најнезначајни бидејќи сме на бегалската рута и како земја се приклучуваме на мировните операции на НАТО, исто така терористичките архитекти гледаат каде е најслаба безбедноста и каде најмногу може да предизвикаат внимание. Сепак не сме на врвот, тоа морам да потенцирам. Што се однесува до самиот интерес да се направи терористичка акција во Македонија, би можело да служи и структурата на населението во Македонија, политичката состојба и другите околности кои може да влијаат на зголемување на интересот, односно мотивот да се спроведе една таква акција во земјата“, вели Џабир Дерала од невладината организација Цивил.

Поранешниот амбасадор во НАТО, Нано Ружин посочува дека Македонија како сиромашна државата не претставува симбол на антитерористичката коалиција иако сме дел од неа. Исто така интересен е податокот дека Македонија не е населена од тој вид на популација како што е сунитската популација во северна Африка кои живеат во Западна Европа, а од каде беа регрутирани најголем број учесници во војните на ИСИЛ против антитерористичката коалиција и против шиитите во Ирак, Сирија и последно време во Либија.

Мора да се преземаат сите видови превентивни дејности. Добро е што постои регистрација, односно сознанија на луѓе што се вратиле од тие боишта. Постои пост воен синдром кој мора да се манифестира во извесни неконтролирани однесување кон средината, па се до екстремни настани како тероризам, масовни убиства, камикази.
Нано Ружин, универзитетски професор.

„Луѓето во Македонија со муслиманска вероисповед се од сунитската група, но исламот на Балканот воопшто не е екстремен ислам, она што е воведено од надвор е екстремизам. Затоа во превенцијата мора да се води смета за потеклото на имамите односно каде се формирани, дали се формирани на Блискиот исток или како што велат Французите - ние сакаме имами кои се формирани во слободен свет каде се почитуваат слободите на граѓаните. Голем дел од превенцијата на полицијата во Европа е да ги ограничат активностите на екстремните имами кои повикуваат на радикализам и вид активности кои може да предизвикаат масовни убиства и сл.“, вели Ружин.

Но, загрижува фактот што од Македонија се регрутираат борци во ризичните земји, а институциите евидентираа седумдесетина повратници и од тој аспект земјата не може да се чувствува спокојно, вели Ружин.

Не само службите да го применуваат законот, туку и верските заедници, цивилните организации да ги превенираат овие работи преку акција. Македонија е мултиетничко и мултирелигиозно општество и битни се и тие односи зошто и тоа понекогаш да биде потстрек за извршување на такви операции.
Стојан Славески, универзитетски прфесор.

„Мора да се преземаат сите видови превентивни дејности. Добро е што постои регистрација, односно сознанија на луѓе што се вратиле од тие боишта. Постои пост воен синдром кој мора да се манифестира во извесни неконтролирани однесување кон средината, па се до екстремни настани како тероризам, масовни убиства, камикази“, додава Ружин.

Џабир Дерала од Цивил вели дека ресоцијализацијата на повратниците од боиштата не е само во примена на репресивни мерки, туку дека секој случај треба да се профилира индивидуално во консултација со социолози, психолози, верски заедници и преку директни контакти со нивните семејства.

„Тоа се млади луѓе, треба да се работи на тоа како да ги депрограмирате. Нивните мозоци се испрани. Тоа се млади луѓе кои научиле да ракуваат со калшњиков, да убиваат, да колат. Да се надеваме дека меѓу повратниците во Македонија нема толку екстремизирани луѓе кои биле во првите редови на боиштата“, вели Дерала.

Откако неколку македонски граѓани загинаа на странски боишта на Блискиот Исток, Собранието изгласа измени на кривичниот законик со што се зголемени казните за учесниците во странските паравојски. Минатата година МВР имаше акција после која беше кажано дека била разбиена ќелија на ИД која со години функционирала во Македонија.

Професор Стојан Славески посочува дека поригорозни мерки за воените повратници ќе резултираат со поголеми ефекти во борбата против тероризмот и ќе елиминираат натамошна регрутација.

„Во вакви случаи треба службите да работат, да собираат информации и превентивно да реагираат, односно доколку постојат и имаат докази тие лица учествувале во тоа, да ги санкционираат согласно Кривичниот законик и измените кои беа направен.“

Професор Стојан Славески вели дека е неопоходна поширока општествена акција за да има резултат во одвраќање од идејата за заминување на боиштата во кризните земји.

„Имаше и акција на полицијата во која лица беа лишени од слобода и по судска постапка осудени поради ширење идеи за учество во странски војски. Не само службите да го применуваат законот, туку и верските заедници, цивилните организации да ги превенираат овие работи преку акција. Македонија е мултиетничко и мултирелигиозно општество и битни се и тие односи зошто и тоа понекогаш да биде потстрек за извршување на такви операции“, вели професор Славески.

Инаку експертите велат дека после терористичките акции во светот се очекува ЕУ да заземе поригорозна политика во однос на визната либерализација, но не и нејзино укинување. Напротив, Нано Ружин, укажува дека некои земји кои учествуваат во спроведувањето на мигрантската криза им се воведуваат бенефиции во поглед на визниот режим. Таков е примерот со Турција.

Тие укажуваат, исто така, дека посебно значајна ќе биде соработката меѓу министерствата за внатрешни работи и дека од секоја земја ќе се бара поголема контрола на границите, особено на секој сомнителен патник и соработка. Балканот не претрпе поголеми испади од учесниците кои заминаа на боиштата во Сирија и се вратија назад. Во Европа има над четири илјади повратници. Во таква состојба во земјата не треба да има политичка криза. бидејќи во тој случај можеме да станеме ранливи на таква категорија на луѓе, а она што е потребно е да бидеме конектирани со светот и да соработуваме преку размена на информации со службите и да ги следиме европските трендови во разрешување на заканата од милитантите на ИД. Експертите посочуваат дека во нашата земја засега нема активни групи чија целна група е спокојството на македонските граѓани.

Шенген и безбедноста под прашалник

По нападите во Брисел се интензивираа барањата од некои земји членки на Европската унија за зацврстување на граничните контроли, но и за редефинирање, па дури и напуштање на Шенгенскиот безвизен режим. Од друга страна, нападите уште еднаш ја потенцираа потребата од поголема соработка меѓу полициските и разузнавачките служби не само на членките на Унијата. Гоце Атанасов.

Шенген и безбедноста под прашалник
please wait

No media source currently available

0:00 0:07:53 0:00

„Од суштинско значење за Шенген системот е беспрекорно да се храни со информации од сите земји членки на Европската Унија, што не е случај во моментов. Оваа база на податоци на датотеки се поврзани и со други криминални досиеја“, изјави францускиот министер за внатрешни работи Бернар Казнев веднаш по нападите во Брисел.

Размената на разузнавачки информации меѓу земјите членки е од суштинско значење иако некои од нив, како на пример Франција не се подготвени на тоа. Земјите членки и пратениците во Европскиот парламент уште во декември постигнаа договор за систем на евиденција на патниците, но се уште не е одржано конечното усвојување на овој закон. Во меѓувреме, граѓаните на Европската унија се со поделени мислења за тоа дали Шенгенскиот договор кој им овозможува на сите носители на Шенген виза да патуваат слободно во рамките на ЕУ би требало да се зачува или да се менува со цел зацврстување на безбедноста по нападите во кои беа убиени триесет луѓе.

Дебатата за тоа започна откако беше откриено дека еден од бомбашите самоубијци во Брисел, правел експлозивни елеци кои се користеле во ноемвриските напади во Париз. Додека некои сметаат дека треба да дојде до промени во Шенгенскиот договор, повеќето Европејци бараат построги гранични контроли околу целиот континент. „Она што треба да го направиме е да се задржи Шенген, но да имаме повеќе контрола на надворешните граници на Европа.

„Бидете строги околу границите на Европа но, внатре овој пазар треба да остане отворен за сите“, вели еден жител на Брисел.

И други во Унијата сметаат дека терористичките напади имаат влијание врз животот на Европејците, но оти тоа не е неопходно да се промени Шенген договорот кој постои со децении.

„Не е доволно да се промени целата насока за она што се случува сега. Тоа не е доволно, мислам, тоа не е толку важно. Се разбира, тоа е страшно. Се разбира“, вели еден француски граѓанин.

Експлозиите во Брисел беа трет смртоносен терористички напад во Европа во последните 15 месеци. Првиот се случи во јануари минатата година во канцеларијата на весникот Шарли Ебдо во Париз, при што загинаа повеќе од 10 луѓе, а вториот, исто така, во Париз во ноември лани кога загинаа повеќе од 130. По сите овие напади, и Соединетите Држави најавија зголемена разузнавачка соработка со Европската унија во борбата против Исламската држава. Вашингтон оцени дека Европа и натаму мора да работи на унапредување на мерките за безбедност со цел спречување на слични терористички напади. Имаше сознанија дека дел од напаѓачите на терористичките акти низ Европа минале низ балканската рута на мигрантите. Тоа пак ги зголеми страхувањата дека и Балканот може да стане цел на слични напади. Некои експерти за меѓународен тероризам пак сметаат дека регионот како терористичка цел не е приоритет на Исламската држава.

Професорот на факултетот за политички науки во Сараево Владо Азиновиќ вели дека милитантите на ИД го посматраат Балканот повеќе како зона за врбување нови приврзаници и за логистичка поддршка на терористите, односно одмор и трансфер кон другите подрачја. Според него, ИД на делови од светот гледа како на зона во која, како што вели, е неопходно со терор и брутално насилство да се дестабилизираат властите и да предизвикаат револуционерни промени кои потоа ќе овозможат тие општества да бидат моделирани според идеолошкиот концепт на ИД.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG