Достапни линкови

Дома политичка криза, надвор – тероризам


Дневните весници пишуваат за политичката криза и преговорите за излез од неа, за избирачкиот список, партиската посета на ВМРО-ДПМНЕ во Брисел, кампањата против СЈО, буџетот, а се осврнуваат и на заканите од тероризмот.

Дома политичка криза, надвор – тероризам. Што е посериозно и пострашно? „Македонија (не) е под закана на меѓународниот тероризам‟, насловува Утрински по терористичкиот напад на истанбулскиот аеродром во вторникот вечерта, објавувајќи мислења на домашни експерти кои проценуваат дека Македонија не е примарна цел на терористите, но дека треба будно да се следат состојбите во регионот и на Блискиот Исток.

Нова Македонија, пак, објавува анализа на хрватската безбедносно-разузнавачка агенција СОА:

„Во Македонија, Хрватска и во другите балкански земји постои реална закана од терористички напади и активности на радикални исламистички групи‟.

Овде, дома, некако се одвиваат насила средби меѓу претставници на партиската четворка, кои во моментот се натегаат околу Избирачкиот список. Дневник објавува: „40.000 спорни гласачи, ДИК бара проверка‟. Партиските претставници, всушност, побарале ДИК да подготви нацрт-верзија со предлог како ќе постапува со спорните категории гласачи – како ќе провери 40 илјади избирачи и 172.777 гласачи за кои се претпоставува дека се во странство. Утрински објавува информација од дебатата на невладини организации и Центарот за развој на медиуми со констатацијата дека:

„Избирачкиот список е во уште покатастрофална состојба од пред шест месеци‟.

И во меѓувреме, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ со уште неколкумина блиски сопартијци го посети Брисел, од каде, по средбата со Јоханес Хан изјави дека „со еврокомесарот се согласиле дека треба да се елиминираат сите надворешни и внатрешни ризици, како бегалската криза‟ и, како што рекол, „вештачките кризи што ни се наметнуваат‟. Дневник исто така ја објавува изјавата на Груевски дека требало да се елиминира „внатрешната вештачка криза‟. Од кабинетот на Хан, инаку, не е издадено официјално соопштение за средбата. Вечер од Брисел објави: „Груевски на средби со европратениците: Избори мора да се одржат‟.

Инаку Вечер продолжува со негативната кампања против Заев и СЈО и против Шарената револуција: „Сите криминали на Зоран Заев‟, „Финансиската полиција ја претресува општина Струмица откако беше објавена скандалозна документација според која Општината плаќа трипати поскапо за превоз на ученици во споредба со Токио‟, „Колку странците им плаќаат на фарбарите‟, и ја пренесува изјавата на Елена Гошева дадена за Дневник дека „Ултиматумите за СЈО се политички удар на Уставниот суд‟. Дневник ја пренесува и изјавата на Груевски дека: „СЈО е златната рипка на Зоран Заев‟. Утрински објавува дека „Се подготвува специјално судско одделение – ДУИ и СДСМ се за, ВМРО-ДПМНЕ е против тоа‟. Слободен печат, пак, прашува: „Кои се можните политички последици од новото задолжување – Со парите од еврообврзницата Груевски ќе си ги купи изборите‟.

Утрински исто така објавува: „Кризата удира посилно – значајно потфрлање на буџетските приходи во мај за речиси 24 милиони евра во однос на април. Затоа, Владата потрошила 3,5 милиони евра повеќе‟.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG