Капиталните инвестиции, како по обичај, паднаа како прва жртва на ребалансот на буџетот. Се кратат за 45 милиони евра, од 412 на 367 милиони евра, речиси колку што се кратат и приходите. Ќе има помалку и за субвенции, а повеќе пари за плати и за социјални трансфери.
Податоците на Министерството за финансии покажуваат дека во првите пет месеци од годинава на капитални проекти биле потрошени 85,5 милиони евра или нешто повеќе од една петтина од вкупно предвидената сума. Ако и во вториот дел од годината продолжат со истото темпо, станува неизвесно дали капиталните инвестиции ќе може да ја постигнат и скратената сума. Министерството за финансии, пак, објаснува дека во првата половина од годината имаше два обиди за одржување на избори, а согласно Изборниот законик капитални проекти не може да се реализираат во предизборен период.
Економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ вели дека кратењето на јавните инвестиции дефинитивно ќе го намали економскиот раст.
„Во принцип многу е лошо да се кратат капиталните трошоци, односно јавните инвестиции“, вели тој.
Посочува дека во ситуација кога треба да се намали буџетскиот дефицит, тоа е најлошото што може да се направи.
„Според економската теорија и пракса јавните инвестиции имаат највисок мултипликатор, односно највисок ефект врз БДП. Така што, дефинитивно овој потег за кратење на капиталните расходи е лош. Може да се крати на непродуктивни тековни трошоци“, вели Јовановиќ.
Стопанствениците посочуваат дека токму капиталните инвестиции се тие што може да ја поттикнат економијата, а опозицијата критикува дека ребалансот е антиекономски, должнички и непатриотски. Прашуваат како од најавуваниот развоен буџет, власта го сведе на буџет наменет исклучиво за исплата на плати, пензии и социјални трансфери, што законски им следуваат на граѓаните. Министерството за финансии, пак, вели дека со ребалансот се издвојуваат значителни средства за капитални инвестиции во инфраструктурата, во образованието и во здравството. Во Македонија никогаш досега не се инвестирало толку во инфраструктурата, посочува Министерството. Премиерот Емил Димитриев рече дека ниту еден капитален проект не е скратен, туку само се поместува динамиката на реализација.
Бизнисменот Венко Глигоров вели дека не е најважното прашање колкави се капиталните трошоци, туку во што се инвестираат тие пари. Тој посочува дека буџетот во последните години не ги отсликува потребите на граѓаните и на бизнисот со што владата се сведува на донаторска организација. Ние немаме стратегија за тоа што сакаме да постигнеме, вели Глигоров.
„Капиталните инвестиции, може да звучи и парадоксално, ако се искористуваат така како што се искористуваа во последните години, подобро да ги нема и предвидените средства директно да се вбризгаат на некој начин во економскиот систем. Ќе повторам, патната мрежа е во очајна состојба. Независно од тоа што сега се прават нови патишта, меѓутоа постоечките воопшто не се одржани. Болниците, сведоци сме, умираат доенчиња, немаат доволен капацитет за граѓаните да почувствуваат што значи квалитетен здравствен систем и информатичката инфраструктура. Ако во тоа не се инвестира, тогаш подобро да ги нема тие капитални инвестиции такви какви што се“, вели тој.
Со ребалансот на буџетот се предвидува кратење на приходите за 48,8 милиони евра и кратење на расходите за 13 милиони евра. Буџетскиот дефицит се зголемува за 35,8 милиони евра, односно од 3,2 на 3,6 проценти од БДП.