И покрај тоа што власта е најповикана да го реши политичкиот конфликт кој трае и ја попречува во нејзиниот мандат, таа не само што не бара начин за излез од кризата, туку напротив пред граѓаните се апстрахира од каква било одговорност, префрлајќи го целиот товар на опозицијата, велат експертите. Во меѓувреме и останатите најголеми партии, потписнички на Договорот од Пржино, постојано заглавени во своите инертни позиции - дека виновен е другиот, очекуваат дека домашниот проблем ќе биде решен од меѓународниот фактор.
Професор Никола Дујовски вели дека никој не треба да очекува дека власта во Македонија ќе најде методи за да ја надмине кризата.
„Решенијата на проблемот ќе ги задскриваат, иако се очигледни и речиси сите добронамерни луѓе во Македонија и нашите политичари и странците гледаат дека решенијата се овде и многу близу, но власта успешно се обидува да ги сокрие. Не очекувам дека власта ќе презема иницијатива за надминување на оваа криза во скоро време, па дури и на среден рок.“
Власта не смее да се амнестира од одговорност за безизлезната политичка ситуација, бидејќи таа пред граѓаните е обврзана и должна да ги надминува сите предизвици во кои ќе се најде земјата, од причина што граѓаните и го дале легитимитетот таа да одлучува за спорните прашања, вели Дујовски. Тој исто така укажува дека е повеќе од полезно граѓаните кои се коректив на власта почесто да вршат притисок барајќи разрешница на политичката криза и дополнува дека опозицијата ја нема истата моќ и позиција како власта да ја реши состојбата.
„За тоа е одговорна власта. Формално правно таа не одговара пред граѓаните на таков начин, освен на денот на изборите. Но од морален аспект е многу важно власта да биде таа која ќе бара излез од проблемот во кој се нашла, но бидејќи таа е засеганата од тоа, ве уверувам дека нема да направат нешто околу ова прашање. Но оваа состојба нема да трае долго време. Ова е неодржливо, затоа што притисокот кој ќе го вршат, особено граѓаните, во наредниот период ќе биде многу повеќе засилен.“
Најголема загриженост за професор Љубомир Цуцуловски е дека кризата најмногу ќе се одрази врз граѓаните и оти двете партии во јавноста добија имиџ на тврдоглавост.
„И едните и другите се еднакво одговорни и ми наликуваат на басната која уште во градинки сме ја слушале, во која две кози се наоѓале на едно мало мостенце и се расправаат која прва ќе помине, односно која ќе дојде на власт. И во таа расправија во бајката двете кози се наоѓаат во вода, паѓаат долу. Но кај нас се плашам дека ќе се случи нешто друго. Имено дека овие две спротивставени страни, значи власта и опозицијата, ќе си останат на своите места, со своите свои привилегии, а оние кои ќе се најдат во вода тоа ќе биде народот“, вели Цуцуловски.
Цуцуловски оценува дека освен пред сопствените партии и ЕУ и НАТО, политичарите, за жал, не чувствуваат одговорност кон своите граѓани, при тоа заборавајќи дека не се политичари на меѓународната заедница, туку на Македонија и оти целосната одговорност треба да биде насочена токму во државата.