Во тек се активности за создавање услови за средба на работната група за избирачкиот список составена од политичките партии, меѓународната заедница и невладиниот сектор, како и надлежните институции вклучени во процесот, велат од ДИК. Според нив, има шанси работната група да се состане и да продолжи со работа. Субхи Јакупи од комисијата вчера изјави дека доколку е потребно, ДИК уште еднаш ќе направи проверка на Избирачкиот список и оти се подготвени да ги разгледаат сите забелешки од партиите за да добијат точни насоки.
Една од причините за кои запнаа преговорите меѓу политичките партии е токму прочистувањето на Избирачкиот список. Од СДСМ велат дека не добиле покана од ДИК за евентуална средба и затоа е прерано да се коментира дали евентуално би учествувале. Според партијата, бараат тоа што е спорно и што e утврдено со проверката на базите на податоци, теренската и административна проверка да биде прочистено.
„Оние за кои било утврдено дека немаат право да гласаат, да бидат избришани од Избирачкиот список, а оние гласачи кои живеат во странство да бидат ставени на посебен извод. Бараме да биде сменето она што ДИК, по пат на политичко насилие и незаконски одлуки, го донесе“, велат од СДСМ.
Во ВМРО-ДПМНЕ, се повикуваат на изјавата на лидерот на партијата Никола Груевски, кој порача дека ДИК треба да направи проверка на гласачите по терк на СДСМ.
„Таква согласност се подготвени да дадат и членовите на ВМРО-ДПМНЕ во комисијата, но најпрвин од СДСМ треба да кажат што е проблемот во Избирачкиот список и како тој да се реши“, велат од владејачката партија.
Од таму посочуваат дека за нив Избирачкиот список не е спорен и затоа на потег е опозицијата. Од опозициската партија одамна тврдат дека избирачкиот список не е прочистен и сè додека тоа не биде спроведено нема да учествуваат на изборите. Вчера и двете партии, и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, соопштија дека нема најава за придвижување на преговорите и одржување на нова лидерска средба.