Високите претставници на Европската унија и на Соединетите Американски Држави веќе се вклучени во решавањето на македонската криза и се во контакти со политичарите, коментираат експертите откако земјава беше тема и на Советот за надворешни работи на унијата. По состанокот зборуваше Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на Унијата, Федерика Могерини која ги пренесе заклучоците на Советот. И самото тоа, според Малинка Ристевска Јорданова од Институтот за европска политика значи дека веќе е подигнато дипломатското ниво кога е во прашање земјава.
„Со самата изјава на Могерини веќе гледаме друго претставување, значи се појавува Советот, а со поставување специјален пратеник од Германија исто така се зајакна повеќе позицијата на Советот, односно на државите членки. Колку тоа ќе биде добро ќе видиме, но факт е дека интересот се зголемува“, вели Ристевска - Јорданова.
Могерини вчера рече дека потребно е политичко лидерство да биде посветено на отворен дијалог, на имплементација на Договорот од Пржино, на создавање услови за кредибилни избори и на поддршка на работата на СЈО.
Според аналитичарот Алберт Муслиу сите претставници на меѓународната заедница инсистираат на поддршка на СЈО, оти, како што вели, и анкетите покажуваат дека имаат огромна поддршка и од граѓаните. И тој како Ристевска - Јорданова смета дека странците веќе се вклучени на повисоко ниво, но засега не јавно, туку во директни контакти.
„Дипломати од тој профил се вклучуваат на крај, кога работите се веќе договорени или пак кога работите се заглавени, па тие со нивниот авторитет или позицијата која ја претставуваат ги одблокираат процесите. Ние колку и да не ги гледаме работите, сепак некои работиме се случуваат - ние имавме сериозна оставка минатата недела од еден од стожерите на владејачката партија, министерот за финансии, така што некои работи се случуваат“, вели Муслиу.
Во меѓувреме во дел медиуми се појавија и гласини дека е можно и американскиот помошник државен секретар за европски прашања, Викторија Нуланд, но засега за такво нешто нема потврда. Највисок амрикански претставник кој дојде во Македонија беше американскиот заменик помошник државен секретар за Европа и Азија Хојт Ји кој е дел од тимот на Нуланд.
Како што објави државната агенција МИА на вчерашниот состанок пропаднало барањето на Германија и на Велика Британија ЕУ да заземе поцврст став во однос на политичката криза. Во веста се наведува и дека Хрватска, Словенија, Грција, Полска, Чешка и Унгарија, одбиле воопшто да се дискутира за можноста од поставување некаков вид услови или одредување санкции кон поединци во Македонија.