Политичката ситуација со недели е иста, а засега не може да се прогнозира како и кога ќе заврши. За разлика од претходните моменти во кои имаше неизвесност, сега нема и никакви рокови до кои треба да се заврши одредена работа.
Факт е дека истата е неодржлива, дека времето работи неумоливо, факт е дека наскоро ќе треба да се организираат кредибилни избори, но исто така е факт и дека меѓународната заедница не го загубила интересот за Република Македонија.Никола Дујовски, универзитетски професор.
Имено досега кога се запнуваше за Законот за влада, прочистувањето на избирачкиот список, договорот за избори или пак Специјалното јавно обвинителство, пржинскиот договор предвидуваше конкретни датуми до кои треба да има договор, па иако вообичаено се пробиваа, под притисок на странците се наоѓаше решение.
Според професор Никола Дујовски тоа што нема конкретни рокови не е толку голем проблем, оти, како што вели, пржинскиот договор имаше датуми, но денес ништо од тоа не може да се каже дека е стопроценто исполнето. Според неговите прогнози, за решавање на оваа актуелна криза сепак ќе треба да поминат неколку месеци.
„Кај нас е ова континуитет, ние сме сега во ситуација кога не се добри воопшто проценките да кажеме дека до летото, до септемри или до наредните избори ќе се надмине оваа политичка состојба. Факт е дека истата е неодржлива, дека времето работи неумоливо, факт е дека наскоро ќе треба да се организираат кредибилни избори, но исто така е факт и дека меѓународната заедница не го загубила интересот за Република Македонија“, вели Дујовски.
Во моментот ниту една политичка страна не инсистира на датум за избори, а опозицијата само нагласува дека клучно е повлекувањето на аболицијата за да се седне на преговарачка маса. Всушност повлекување на помилувањата е единствена тема околу која и има некаков рок. Според измените на законот кој ги изгласаа ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ претседателот може во период од 30 дена да го повлече помилувањето без образложение, а потоа може да го стори тоа само по барање на помилуваните. Тој рок истекува на 19 јуни, а делумното повлекување на помилувањата не беше доволно за опозицијата, меѓународната заедница и граѓаните што протестираат. СДСМ како што се дознава подготвува и нова стратегија која се очекува да ја објават деновиве.
Во меѓувреме додека протестите остануваат, а почнаа и блокади на неколку крстосници во Скопје во организација на Шарената револуција, сè погласни се сомнежите дека е можно да се запрат или намалат секојдневните маршови поради летните одмори кога вообичаено следува помирен период.
„Власта го занемарува тоа што се случува на улиците подолг период односно од 12 април во Скопје и да нема ден без протести, меѓутоа никој не свртува внимание на тоа, а таквата состојба е неодржлива затоа што не можете во континуитет да одржите на улица пет-шест илјади граѓани на кои не им обрнувате внимание. Овие протести сега се интересни, допадливи, шарени итн., меѓутоа наскоро ќе дојде времето кога ќе се претворат во нешто друго и можеби тоа ќе биде капислата што ќе ја промени ситуацијата во Македонија“, вели Дујовски, кој додава и дека ако се дојде до запирање на протестите поради летните одмори, тие потоа пак ќе продолжат, зошто, како што додава, ваквата власт ќе морала да си го преиспита својот легитимитет на фер и демократски избори затоа што немала силна поддршка кај народот.