Во почетокот на следната недела се очекува во Собранието да се разгледува барањето за отповикување на претседателот Ѓорге Иванов. Иницијативата на пратениците од СДСМ, на која се потпиша и ДУИ, за утврдување на одговорност на претседателот Ѓорге Иванов поради одлуката за аболиција на 56 политичари кои се инволвирани во аферата за прислушување, е влезена во собраниска процедура.
Не се работи тука само за Иванов, пред сè се работи за аболицијата. Тие што сакаат да остане одлуката за аболиција, мора да го одбранат, да не го пуштат низ вода. Така што, мислам дека тие ќе го спасуваат него за да се спасат себе си.Стојан Андов, поранешен претседател на Собранието
За да помине оваа иницијатива во Собранието се потребни 82 гласа, односно двотретинско мнозинство, што опозициските партии и владејачката ДУИ заедно не можат да ги соберат. Поранешниот претседател на Собранието Стојан Андов вели дека собраниското отповикување на Иванов може да биде успешно само ако за тоа гласаат и пратеници од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ.
„Тука ќе се види лицето на ВМРО–ДПМНЕ. Тие постојано изјавуваат дека се против таа одлука, дека не ја одобруваат, дека не ја прифаќаат, а со импичментот, одлуката би била поништена исто така. Значи не се работи тука само за Иванов, пред сè се работи за аболицијата. Тие што сакаат да остане одлуката за аболиција, мора да го одбранат, да не го пуштат низ вода. Така што, мислам дека тие ќе го спасуваат него за да се спасат себе си“, објаснува Андов.
Претходно, министерот за надворешни работи Никола Попоски, во интервју за Дојче веле, изјави дека намерите на Иванов биле добри, но последиците негативни, додавајќи дека патот до пеколот е поплочен со добри намери. Ваквата изјава во јавноста беше протолкувана како обид на владејачката партија да се огради од неговото дело.
Тука се наметнува прашањето дали ВМРО-ДПМНЕ сака, оградувајќи се од одлуката на Иванов, да го свртат вниманието на јавноста во следниот период кон Иванов, продлабочувајќи ја политичката криза со тоа што би добиле повеќе време за справување со другите сегменти од кризата подалеку од очите на јавноста. Аналитичарот Алајдин Демири вели дека ВМРО-ДПМНЕ честопати користи стратегија за амортизирање на проблеми со нови проблеми. Пример за тоа е склучувањето на Пржинскиот договор и блокадите за исполнувањата на задачите кои произлегоа од него.
„Сето тоа кулминираше со претседателот Иванов, сè со цел за да се заборават претходните проблеми. Оваа е нивен начин на работа. Затоа што ВМРО-ДПМНЕ, потпомогната од ДУИ, само во таква атмосфера може да функционира, само на тој начин може да егзистира, во кризни состојби, во тензични состојби“, вели Демири.
Тој додава дека сега е прашањето дали ВМРО-ДМНЕ во овој период ќе има некаков бенефит ако народски кажано „го пушти Иванов низ вода“.
„Да се откажат од него или да го пуштат низ вода? Нема да го пуштат низ вода затоа што во идните фази кои се многу важни за разврската на кризата пак ќе им треба Иванов, како што беше случајот со збунувањето на политичката јавност со амнестија на 56 лица и суспендирање на правниот систем на Македонија“, вели Демири.
Андов додава дека не очекува да заврши успешно иницијативата.
„Кога би успеала, еден добар дел од кризата би се решил, ако успее тоа, но нема да успее, барем ќе се знае. Нека ја покранат постапката, добро е. Како ќе заврши, нека заврши, сеедно е. Нему ќе му остане дека е единствениот претседател на Македонија досега за кого е покрената постапка за импичмент“, вели Андов.
Според деловникот, сега треба да се формира комисија која треба да изготви извештај за утврдување на одговорноста на Иванов.