Достапни линкови

Парламентот да му ја одземе аболицијата на Иванов


Ако е потребно, уште еднаш би ја донел истата одлука за аболиција, вели претседателот Иванов во интервју. Кризата се продлабочува и треба сите партии противници на аболицијата да се обидат тоа да го решат преку Парламентот, велат аналитичарите.

Изјавите на претседателот Ѓорге Иванов за германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ дека ако е потребно, уште еднаш би ја донел истата одлука за аболиција, не навестуваат дека тој би можел да ја повлече, оценуваат аналитичарите.

Ставот на претседателот Иванов е јасен, но тоа не води кон разрешница на ситуацијата во која се наоѓаме, дури напротив сметам дека тоа уште повеќе ќе влијае на продлабочување на истата, особено ако се повтори уште еден бран на аболиција на други личности кои потенцијално би можеле да бидат помилувани.
Митко Гаџовски, политиколог.

Иванов и покрај силното инсистирање на опозицијата, на демонстрантите од Шарената револуција и на меѓународната заедница да ја повлече аболицијата, во разговор за германскиот дневен весник тврди и дека оваа атмосфера на конфликт била дело на Специјалното обвинителство кое истражувало селективно само против владејачката партија.

Според аналитичарот Алберт Муслиу ваквата изјава требала да биде поттик за сите партии кои декларативно велат дека се против аболицијата да се обидат тоа да го решат преку Парламентот на начин со кој би му се одземало тоа право на претседателот.

„Самиот факт што Иванов кажа дека пак тоа би го повторил укажува на тоа дека ние не може да очекуваме дека тој аболициите ќе ги повлече самоиницијативно, така што во меѓувреме губиме време и тензиите се покачуваат во општеството и затоа велам дека ова треба да биде поттик и за Парламентот кој повторно е во сесија овој дел да го регулира со закон и да ја укине аболицијата, дали преку автентично толкување или преку барање од Уставниот суд, на кој било начин, но да не се чека“, вели Муслиу.

Со секое одолговлекување на повлекувањето на аболицијата се продлабочува кризата во земјава, смета и политикологот Митко Гаџовски.

„Ставот на претседателот Иванов е јасен, но тоа не води кон разрешница на ситуацијата во која се наоѓаме, дури напротив сметам дека тоа уште повеќе ќе влијае на продлабочување на истата, особено ако се повтори уште еден бран на аболиција на други личности кои потенцијално би можеле да бидат помилувани“, вели Гаџовски.

Разговорот на Иванов предизвика реакции во домашната јавност и поради неговата паралела меѓу сегашната ситуација и внатрешните борби во историското ВМРО пред повеќе од осумдесет години. Како што тогаш биле набуцкувани борбите во крилата на ВМРО од соседите, денешниот македонско-македонски конфликт бил дело на надворешни сили, рече претседателот.

„Ако се тврди дека ние сме под напад на странска служба тие треба да се дефинираат кои се и кон нив треба да се преземат мерки. Во друг случај не може да се излага со такви тврдења во јавноста и да се подигнуваат тензиите и кај граѓаните но и кон нашите стратегиски партнери чија помош и соработка ни е битна и ќе ни биде и во иднина“, вели Муслиу.

Тој нагласува и дека улогата на претседателот е да ја штити државата, но не требало да дава паушални изјави, за како што вели имагинарни непријатели.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG