Достапни линкови

Политичката криза вратена на нулта позиција


Архивска фотографија: Еврокомесарот Јоханес Хан и европратениците Иво Вајгл, Ричард Ховит и Едуард Кукан
Архивска фотографија: Еврокомесарот Јоханес Хан и европратениците Иво Вајгл, Ричард Ховит и Едуард Кукан

Договорот од Пржино е вратен на почеток. Аналитичарите го гледаат излезот во формирање експертска влада која треба да го спроведе извештајот на Прибе или во интензивирана револуција на невладините и опозицијата

По минатонеделните посети на високите странски дипломати, Американецот Хојт Ји и Германецот Јоханес Хајндл на тема политички преговори меѓу партиите за надминување на кризата, владее молк. Извори од опозицијата тврдат дека нема никакви разговори за најкритичните прашања, нагласувајќи го повторно повлекувањето на аболицијата.

Мислам дека излезот од оваа криза во ваквата ситуација е формирање на една техничка влада, влада составена од експерти. Една таква техничка влада мислам дека ќе биде и способна да реши некои прашања, а пред сè мислам дека квалитетно ќе придонесе да се подготват фер и демократски избори.
Темелко Ристески, универзитетски професор

Претседателот на СДСМ Зоран Заев, пак, по извесно време повторно синоќа се појави на улиците и гаѓаше со боја кон Министерството за правда во знак на, како што велат од партијата, солидаризирање со демонстрантите кои се повикувани во полиција да дадат изјави. Сепак, од СДСМ засега не ја откриваат стратегијата, ниту, пак, дали ова значи нивно повторно враќање на улиците.

И ВМРО-ДПМНЕ се чини се врати на старите позиции, особено откако ги вратија министрите во внатрешни работи и труд и социјала, а постојат и гласини дека се подготвува враќање на Никола Груевски на премиерската позиција.

Според професор Темелко Ристески, ситуацијата сега е полоша отколку пред кратко време, особено, како што вели, по тргнувањето на кадрите од опозицијата од владата, бидејќи владејачката партија се вратила на позицијата - ние имаме сила и моќ и можеме да правиме што сакаме.

„Мислам дека излезот од оваа криза во ваквата ситуација е формирање на една техничка влада, влада составена од експерти. Една таква техничка влада мислам дека ќе биде и способна да реши некои прашања, а пред сè мислам дека квалитетно ќе придонесе да се подготват фер и демократски избори и што е многу важно за мене една таква техничка влада ќе му пружи ефикасна поддршка на Специјалното јавно обвинителство за тоа да си ја изврши својата работа“, вели Ристески.

И аналитичарот Џељаљ Незири смета дека излезот би можел да се бара и во експертска влада до која би дошло преку разговори во кој би бил вклучен и граѓанскиот сектор.

„Мислам дека има два начина за излез - или да се интензивира револуцијата од страна на невладините организации и опозицијата на улица и така да се притиска владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ да ги прифати и спроведе реформите кои се таксативно напишани во извештајот на Прибе или да седнат на маса сите четворица лидери и да договорат излез кој би значел компромисно решение“, вели Незири, кој смета дека состојбата денес е како пред Пржино, оти, како што вели, од договорот останало само изолираното Специјално јавно обвинителство кое не може да функционира.

Во меѓувреме и покрај инсистирањето на сите странски претставници на Специјалното обвинителство да му се овозможи да работи, покрај веќе донесената аболиција, претседателот Ѓорге Иванов, а и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски директно го обвинуваат за пристрасност.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG