Достапни линкови

Нашиот Хавел


Зоран Ќука, уредник на македонската програма на Радио Слободна Европа
Зоран Ќука, уредник на македонската програма на Радио Слободна Европа

Да не беа неговите несреќни гафови, немаше да чуеме дека, според академик Вјекослав Герц, Иванов „потсетува на големите државници интелектуалци, како што беа Жорж Клемансо или Вацлав Хавел.

За многумина контроверзни личности, историјата зборува дека биле ценети надвор, а оспорувани дома. На Балканот, пак, ова непишано правило има посебна тежина. Имено, те осуди ли чаршијата, не те пере ниедна вода од Вардар до Триглав. Чаршијата, елем, некогаш грешела, но во најголем број случаи нејзиниот суд имал многу поголема историска и општествена вредност.

Точно е дека ниту еден македонски претседател не бил омилен од целата традиционално поделена јавност, но вака никогаш не било и дај боже да не биде.

Но, за „осудениот“ од чаршијата претседател Ѓорге Иванов, тешко дека сето ова е применливо стопроцентно. За него тешко дека може да се каже дека е ценет надвор, како што лесно може да се констатира дека не е омилен дома. Добро, точно е дека ниту еден македонски претседател не бил омилен од целата традиционално поделена јавност, но вака никогаш не било и дај боже да не биде.

Да не беа неговите „мудрости“ на пресот во Сараево дека во Македонија не би успеале ни Исус, ни Мухамед и несреќниот гаф дека учителот на Александар Македонски се викал Александар, веста дека претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов е добитник на годинашната меѓународна награда „Иса-бег Исаковиќ, што Босна и Херцеговина секоја година ја доделува, ќе минеше онака како обична вест.

Можеби ќе се посмеевме на неговата оценка дека ова признание е особено значајно, бидејќи е „посветено на голем визионер кој зад себе оставил трајни материјални и духовни мостови на мир, соживот и соработка“. Или можеби ќе се чудевме на изјавата на претседавачот со Комитетот за доделување на наградата, академик Вјекослав Герц, дека таа на претседателот Иванов му е доделена како признание за извонреден државник, човек кој е Европеец, космополит и кој има исклучителна духовна ширина и кој многу придонесол за европската култура како интелектуалец на рангот на Волтер, Зола, Иго. Добро, ќе простевме и за оценката на Герц дека Иванов по ширината на својот дух и својот интелект и делување, потсетува на големите државници интелектуалци, како што беа Жорж Клемансо или Вацлав Хавел.

Но, оваа награда доаѓа во време кога Иванов влета остро со сета сила во сржта на македонската криза со неговата и надвор и дома оспорувана аболиција. Неговата одлука беше повод за „шарениот револт“, таа е причина за големи критики, осуди и барања од ЕУ, САД и други европски функционери кои токму него го „осудија“ за поттикнување нееднаквост пред законот и потиснување на правото во Македонија.

Не е јасно која беше мислата водилка на претставниците на босанско-херцеговската академска заедница, кои како да „заборавија“ на извештајот на Прибе, кој произлезе како резултат на македонската криза, на непочитувањето на правото и законот во Македонија, на правата на слободите на граѓаните, на меѓународно верификуваната медиумска катастрофа.

Нејсе, Иванов во Сараево се најде во друштвото на добитниците на оваа награда како турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во 2012 година, австрискиот претседател Хајнц Фишер во 2013 година, словенечкиот претседател Борут Пахор во 2014 година и хрватскиот претседател Колинда Грабар Китаровиќ во 2015 година. Дома, пак, вечер повторно ќе му палат слики, ќе му спремаат импичмент, ако дозволи владеачката ВМРО-ДПМНЕ.

  • 16x9 Image

    Зоран Ќука

    Во Слободна Европа во Прага е од нејзиното формирање на 1 Септември 2001 година. Кариерата ја започна во Македонското радио, па следат ТВ - А1 и ТВ Телма, со истовремена дописничка работа за Радио и ТВ Босна и Херцеговина, Загребското Независно 101 Радио, и Љубљанското Студент Радио.

XS
SM
MD
LG