Достапни линкови

Димитриоски - Хуморот е зачин, а не главниот мастраф


Димитриоски - Хуморот е зачин, а не главниот мастраф
please wait

No media source currently available

0:00 0:10:41 0:00

Димитриоски - Хуморот е зачин, а не главниот мастраф

Во Америка сите го исмејуваат Доналд Трамп, а неговата популарност расте. Хумор треба да постои, но да е зачин на манџата, не да е главниот мастраф, вели водителот Жарко Димитриоски во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Димитриоски, кога граѓаните се сомневаат што е вистина, кога постојат медиумски табори кои меѓусебно се обвинуваат дека едните ѝ служат на власта, другите на опозицијата, големи ли се очекувањата од хуморот?

Секако треба да постои хумор, но да не се очекува премногу од него. Мислам дека има многу поважни работи од хуморот, што треба да си ја завршат својата работа. Тука пред сè зборувам за тоа што го спомнавте - поларизацијата, таа е побитна и тука мислам дека треба да се бара чарето, а не во хуморот. Самиот хумор не се прима како што треба поради тоа што се поларизирани луѓето, самите тие една шега ја добиваат на два или повеќе различни начини, секој си ја прима како што сака. А дека хуморот не може нешто грандиозно да направи, тоа е еве најсвеж пример од Западот, од Америка, како некое општество кон кое ние се стремиме да изгледаме како него. Ете ти го Доналд Трамп, кого го убија од исмејување на сите можни начини, најбрутално, и со тоа само му помогнаа да си го крева рејтингот, така што ете во тоа општество на целосна демократија, какво што сакаме да бидеме, сепак хуморот ништо таму не направи. Така што, ако хуморот беше некаков главен носител на промени или слично, Југославија ќе беше во моментов цела и ќе гледавме „Топ листа на надреалисти“, наместо ова што се случува. Хумор треба да постои, но да е зачин на манџата, не да е главниот мастраф.

Колку нашите политичари може да поднесат критика на сопствена сметка, бидејќи колку е власта авторитарна, толку помалку го разбира и го поднесува политичкиот хумор и сатира?

Генерално никој кај нас не сака критика, не само политичари, никој, ни музичари, ни актери. Критика и шега на своја сметка никој не прифаќа. Кога сме кај политичарите, доволно е само да видиме едно видео скоро поставено, пред месец дена, на јутуб каналот на Белата куќа, видеото е со Барак Обама и темата е што ќе прави тој откако ќе се пензионира, т.е. откако ќе ја напушти претседателската функција. Во тоа видео има толку многу шега на своја сметка просто да не може да ти се верува. И после гледањето на оваа видео ти сфаќаш каде живееш. Значи ова е една мала земја со огромни суети. Рака на срце, нам никој не ни се јавил или не ни побарал да престанеме со нешто, никогаш не сме имале проблем од тој аспект, иако се шегуваме на сметка и на едните и на другите, кој како си заслужил, кој ни дал повод за шегување. А, тоа дека поавторитарна власт значи и немање стомак за политички хумор е нешто што е сосема нормално и не знам зошто некого би чудело. Генерално правилно е дека што е полиберална власта, толку поотворена е за шеги и за критики, а што поавторитарна, толку повеќе не сака да слуша ниту шеги, ниту критики и не можеме да очекуваме да биде поинаку. Замисли Хитлер да слушнел виц за него и да кажел 5 илјади марки за тој што го смисли. Не личи, нели.

Шарената револуција стана позната по уличните перформанси за обојување на дел од институциите и спомениците, но дали нејзините бои имаат ефект кај поголем дел од граѓаните да излезат на улиците за да се предизвика вистинска промена?

Да замислиме дека се игра фудбалски натпревар. Проблемот е тоа што теренот е под агол од 45 степени и сега едниве од долу треба да напаѓаат нагоре и да даваат некакви сизифовски голови, а другиве само треба да ја шутнат топката и да дадат гол и притоа, натпреварот уште не е за почнат, а семафорот веќе покажува 2-0. Тука јас го гледам проблемот. Не може да се постигне масовност или не знам каква поддршка или да успеат тие револуции, ако малку не се ускладат условите. Грешката е во тоа што луѓето договараат кога ќе се игра натпреварот, на кој датум и во колку часот, а не работат на тоа колку толку да се подисправи теренот и наместо 2-0, на семафорот пред почетокот на натпреварот, да биде барем 1-0 за колку толку да имаат некакви рамноправни шанси. Така што, тука јас го гледам проблемот. Да не бидам сфатен погрешно, секој што се бори за некаква кауза треба да се бори до крај, доколку навистина верува во истата, без разлика дали е само мал дел од мозаикот или е клучна фигура, подеднакво треба да се бори, така што воопшто не ја потценувам истрајноста на поединци, напротив, ја охрабрувам.

Целото интервју со Жарко Димитриоски може да го погледнете во видеото на почетокот на овој текст.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG