Достапни линкови

Партиите немаат друг избор освен преговори


Во јавноста не се соопштуваат детали од последните преговори на четирите најголеми партии во земјава. Неофицијално, се разговара за датумот за изборите, избирачкиот список, медиумите, составот на новата влада.

Иако партиите отворено не зборуваат за конкретните теми околу кои се преговара, и власта и опозицијата не демантираат дека обезбедувањето на фер услови за избори, прочистување на избирачкиот список, медиумите се дел од спорните прашања во преговорите. На нашето прашање за што се преговара во моментот, од ВМРО-ДПМНЕ одговорија дека се преговара за излез од кризата, колку и како што велат, да се противи СДСМ и да измислува милион причини и пречки за нејзино пролонгирање. Во телефонска порака Иво Котевски од ВМРО-ДПМНЕ ни напиша:

„На крај на процесот, најважно е СДСМ да биде изведен на чистина дека мора да се соочи со граѓаните на избори и дека простор за бегање веќе нема. Веќе нема ниту простор за манипулации кои, според се што видовме досега, имаа единствена цел влегување во влада без легитимитет од граѓаните.Целта е на крај на процесот СДСМ да признае дека избирачкиот список е прочистен и да даде гаранција дека се создадени условите за одржување на избори“.

Според извори од опозицијата, покрај обезбедувањето на услови за фер избори, односно прочистувањето на избирачкиот список и решавање на прашањето за медиуми се разговарало и за функционирањето на Специјалното јавно обвинителство и натамошното процесуирање на предметите. Од таму не откриваат повеќе детали. Во дел од јавноста пак веќе се пласираа идеи за СЈО да добие специјално одделение во кривичниот суд, но не се знае какви се конкретните предлози на маса.

Во недостиг на информации околу точките за кои се преговара, долгогодишниот политичар Стојан Андов вели дека не може да се прогнозира дали и околу што ќе има конкретен договор.

„Сега тие четворицата се договараат за датумот за избори. И од тука ќе тргнат назад колку време треба да се состави Влада“, вели Андов.

Посочувајќи го како единствен субјект кој со својата активност може да ја промени перцепцијата за сегашната ситуација, Андов посочува дека сега е особено важна улогата на Специјалното јавно обвинителство и интензивирање на неговата работа.

Професорот Башким Селмани пак е оптимист дека овие преговори ќе донесат некаков конкретен договор.

„Преговорите без оглед на тоа дали се јавни или не, се од интерес на сите. Мислам дека има позитивен исчекор, зошто разбрале дека работата не е успешна ни на улица, ниту со вакво раководство внатре во државата. Партиите немаат друг избор. Или да преговараат или да ги снема, изјави Селмани.

По вчерашните средби во Пржино, Амбасадорот на САД, Џес Бејли изрази надеж дека наскоро четирите партии ќе постигнат некаков напредок. Ист став имаше и евроамбасадорот Аиво Орав.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG