Достапни линкови

Суштината на битката околу уставноста на законот за СЈО


"Суштината е дали ќе се води борба против криминалот или таа борба ќе запре“, вели во интервју за РСЕ професорот Светомир Шкариќ.

1.Во јавноста актуелна е иницијативата за преиспитување на уставноста на законот за СЈО. Проф.Шкариќ на што се темели уставноста на законот за СЈО?

"Авторите на пржинскиот договор воделе сметка за уставноста на Специјалното Јавно Обвинителство. Тоа се гледа и од законот за Специјалното Јавно Обвинителство, кое Собранието го усвои со консензус на сите политички партии застапени во Собранието на Република Македонија. Првата правна димензија на уставноста на законот за Специјалното Јавно Обвинителство е изборот на Специјалниот обвинител и на неговиот тим од страна на Советот на Јавните обвинители на Република Македонија. Овој орган избира и двесте обвинители на Државното обвинителството, освен обвинителот на Република Македонија кој го избира Собранието на Македонија, но на предлог на Советот на Јавни обвинители. Втората правна димензија на уставноста е одговорноста на Специјалното Обвинителство пред Советот на Јавни Обвинители и пред Собранието на Македонија. Станува збор за двојна одговорност, што е многу посилна од одговорноста на државните обвинители, кои одговараат за својата работа само пред советот на Јавни обвинители на Република Македонија. Но постои и политичка димензија на уставноста на законот за специјалното обвинителство. Тоа се огледа во тоа што зад Специјалното јавно обвинителство стојат четирите најголеми политички партии во Македонија. Две од македонскиот, а две од албанскиот политички блок. Значи постои и меѓуетнички консензус за оваа институција, што е ретка појава во досегашниот развој на Република Македонија . Втора политичка димензија на законот за СЈО е фактот што законот е изгласан со 111 гласови во Собранието на Македонија. Тоа е поголемо мнозинство на гласови од мнозинството со кои се донесени и Уставот на РМ какао интегрален текст од 1991 година и сите уставни амандмани што се донесени во периодот од 1992 година до 2011 година. Според тоа СЈО е израз на суверенитетот на граѓаните на Република Македонија , изразен преку претставниците, преку пратениците како негови претставници во Собранието на Македонија.

Специјалното Јавно Обвинителство е во функција на владеење на правото, темелна вредност на уставниот поредок и фактор кој има за задача да го идентификува криминалот, појава која не може да ја игнорира ниту едно цивилизирано и демократско општество. За наведените правни и политички димензии на уставноста на законот за СЈО, Уставниот суд мора да води сметка, ако сака во овој случај да се потврди какао чувар на Уставот, односно како заштитник на Уставниот поредок и на неговите темелни вредности. Подготвен сум овие димензии на Уставноста на законот за СЈО пошироко да ги образложам на јавна расправа, доколку таква расправа организира Уставниот суд на РМ. А таква расправа треба да организира, нека се чујат правните аргументи за и против, и да не се брза во постапката, иако постои силен притисок постапката што побрзо да се спроведе и да заврши. Според тоа Уставниот Суд во овој случај има голема шанса да го покаже вистинското лице, посебно да се види дали стои на страната на правото или на страната на владеачката политика".

2.Која е суштината на битката околу уставноста на законот за СЈО?

"Суштината е дали ќе се води борба против криминалот или таа борба ќе запре. Значи прашањето е многу суштинско и значајно. Станува збор за прашање кое има цивилзациско значање. Кога е во прашање криминалот, уште од римското право, од старите римски правници па до денес секојпат се подвлекува фактот дека криминалот не може да се игнорира, а уште помалку може да се заборава. Во овој случај по се изгледа иницијаторите за оценка на уставноста на законот за СЈО сакаат да застанат на страна на криминалот и да го запрат процесот кој во РМ е веќе на дело, процес што го подржуваат внатрешни сили, но и процес зад кој што стои и Меѓународната заедица. Тоа е услов не само да може Македонија да биде членка на ЕУ и други асоцијации, туку без борба против криминалот Македонија не може да биде сослушана ниту прифатена од демократските општества. Борбата против криминалот не е само македонска борба, тоа е меѓународна борба која трае со столетија и таа не може да застане, зошто ако застане општеството пропаѓа".

3.Како ги коментирате опструкциите кон СЈО и се позачестените гласини кои провејуваат во јавноста дека владеачкаат партија е со амбиција да го укине СЈО ако продолжи политичката криза?

"Аболицијата што беше донесена од Иванов, пред тоа Уставниот Суд со укинување на законот за помилување од 2009 година, иницијативата што е веднаш дадена до Уставниот Суд, се се тоа покази кои зборуваат против СЈО, односно тоа се настани или фактори кои сакаат да запре борбата против криминалот, бидејќи криминалот единствено може да се идентификува на правен начин преку СЈО и донесените судски пресуди. Спротивно од тоа овие актери што се против Специјалното Обвинителство сакаат на избори да се верификува нивниот статус односно да се аболира криминалот. А тоа народот не може да го направи, ниту го прави во било која цивилизирана земја. Изборите имаат сосем поинаква функција, немаат функција некого да го заштитат за сторениот криминал. Според тоа СЈО е создадено со цел да се идентификуваат носителите на криминалот и да добијат судска процедура, противниците на таа институција одат по политичка патека, одат преку избори, а улогата на изборите не може да се стави во функција на заштита на криминалот".

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG