Достапни линкови

Ќе се оди ли на избори без рефомирани медиуми?


Пет новинарски и медиумски организации завчера во Собранието го доставија Предлогот на европскиот медијатор Питер Ванхауте за итна измена и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги
Пет новинарски и медиумски организации завчера во Собранието го доставија Предлогот на европскиот медијатор Питер Ванхауте за итна измена и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги

Предлогот на посредникот Питер Ванхауте за медиумите, кој го поднесоа петте организации, нема големи шанси да помине со оглед на распоредот на силите во Собранието.

По молкот за прашањето за медиумите кој траеше околу еден месец, односно од 24 февруари, откако на прес конференција претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски рече - нема да има нов Закон за медиуми, во Собранието за два дена стигнаа два предлог закони. Прво на петте организациите ЗНМ, ССНМ, МИМ, ИКС И СЕМ, а потоа и на Македонската медиумска асоцијација, поддржан од МАН.

За жал одиме на избори кои нема да ги имаат сите предуслови за да бидат слободни, а делот на медиумите сметам дека е многу битен, но се пропушти една голема шанса од сите страни особено од власта да покаже дека има демократска волја да се реформира медиумскиот систем.
Сефер Тахири, комуниколог

Според комуникологот Сефер Тахири земајќи го предвид распоредот на силите во Парламентот предлогот на посредникот Питер Ванхауте кој го поднесоа петте организации, нема големи шанси да помине. Тој според него е добар, но и да се случи какво било решение да биде изгласано нема да предизвика реални промени.

„Реформите требаше да започнат уште во септември минатата година за сега да ги почувствуваме некако тие реформи. Инаку сега и да се случат и да се усвои и да не се усвои законот мислам дека ситуацијата е безнадежна, мислам дека нема да има никакво влијание врз тоа да имаме добри предуслови за демократски избори“, вели Тахири.

Петте организации како што рече претседателот на здружението Насер Селмани всушност го предлагаат решението на Ванхауте, односно советите на Агенцијата за медиуми и на МРТВ да бидат составени од професионалци, владините кампањи да се емитуваат бесплатно само ако се од јавен интерес и тоа само на јавниот сервис, а предлагаат и корекции во казнената политика, конкретно пропорционални казни. Овој предлог СДСМ соопшти дека го прифаќа и ќе го поднесе на седница.

Ден подоцна Македонската медиумска асоцијација, поддржана од МАН достави свои предлог решенија, а меѓудругото бараат задолжително пренесување на националните телевизии, намалување на процентот на задолжителна домашна продукција, намалување на казните и неколку други работи. И двете страни очекуваат што е можно поскоро нивните решенија да се најдат на седница.

Тахири смета дека веројатно изборите ќе се одржат на петти јуни, но како што додава тие ќе се случеле без реформирани медиуми.

„За жал одиме на избори кои нема да ги имаат сите предуслови за да бидат слободни, а делот на медиумите сметам дека е многу битен, но се пропушти една голема шанса од сите страни особено од власта да покаже дека има демократска волја да се реформира медиумскиот систем“, вели Тахири.

Инаку разговорите во работната група во Клубот на пратениците прекина откако СДСМ го излезе со свој предлог на почетокот на февруари кој за ВМРО-ДПМНЕ беше целосно неприфатлив.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG