Достапни линкови

Арсовска Томовска - Договорени се три работи за медиумите


Арсовска Томовска - Договорени се три работи за медиумите
please wait

No media source currently available

0:00 0:10:51 0:00

Арсовска Томовска - Договорени се три работи за медиумите

Има консензус меѓу четирите партии за финансирањето на јавниот радиодифузен сервис, за владиното рекламирање и за казнената политика на Агенцијата за медиуми, но треба да се допрецизираат деталите, вели министерката за информатичко општество и администрација, Марта Арсовска Томовска, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Госпоѓо Арсовска Томовска, политизацијата на администрацијата на централно и локално ниво останува сериозна загриженост на Европската комисија, а и во извештајот на Прибе се посочува на партизираност. Кој е вашиот коментар на ваквите забелешки на европските институции и практично на европските експерти?

Ова е едно прашање на коишто навистина треба да се пристапи отворено, да се види генезата на проблемот за да може да се најде решение на проблемот. Пред 20-25 години, по осамостојувањето на државата, кога 200 илјади луѓе останаа без работа, работното место во администрацијата стана практично и најпосакуваното работно место затоа што тоа е најсигурно работно место и таа перцепција сè уште постои. Од тој момент почнаа притисоци за фаќање врски за вработување во администрација, и тоа не само партиски, туку и роднински, пријателски, комшиски и секаков вид на притисоци за да се најде место. Проблемот не почна вчера и решение не може да се најде утре, меѓутоа ние направивме многу на оваа тема, бидејќи откога практично почна реформата на јавната администрација и откога се формираше институционален облик за координирање на реформите на јавната администрација, почнаа да се чешлаат состојбите и да се бара чаре, да речеме, за таквиот проблем и врз основа на новите законски решенија, коишто беа подготвени во соработка со Европската комисија се воспостави еден целосен мерит систем. Значи, мерит системот беше тоа што недостасуваше, дека секое вработување во јавната администрација ќе биде базирано на една фер и конкурентска постапка на селекција, во транспарентна процедура, во која што само најдобриот кандидат, оној што е најстручен, најкомпетентен, којшто најдобро би ги исполнил задачите на работното место, ќе биде селектиран и ќе биде вработен.

Министерке, прашањата околу медиумите се дел од вашиот ресор, како министер бевте дел од работната група за медиумите, што се случи реално со преговорите за медиумите?

Добро е што преговорите завршија во Клубот на пратеници, затоа што тој формат и тој состав на преговори, барем според мене лично, не требаше така да се одвива, значи целиот тој процес не требаше така да се одвива, затоа што, од оваа временска дистанца, се изгубија пет месеци на непродуктивен начин, бидејќи се реализираа политички преговори, преговорите беа политички, а темата многу широка - како да се унапреди состојбата во медиумите? ВМРО-ДПМНЕ, којашто неодамна донесе нова регулатива во областа на медиумите, а којашто е со европско знаменце и којашто е усогласена со сите европски директиви, имаше за цел да се унапреди состојбата во медиумите во однос на тоа да се подобрат некои празнини и недостатоци во имплементацијата на законската рамка и да се испочитуваат идните реформски приоритети. Имаше една, да речеме, какафонија од различни предлози и различни интереси и добро е што на крај се договорија три работи. Беа, да речеме, со консензус прифатени три работи коишто ќе значат подобрување во сферата на медиумите и коишто во следниот период ќе треба технички да се допеглаат.

Кои се тие три работи што беа договорени?

Има консензус за прашањето за јавниот радиодифузен сервис во однос на финансирањето, во однос на износот на средствата коишто се потребни за да се унапреди работата на јавниот радиодифузен сервис, беше донесен кодекс за етичко и професионално известување на новинарите од МРТВ во соработка со Би-Би-Си, во однос на владиното рекламирање има договор дека средствата што треба да бидат обезбедени за јавни кампањи, под услов јавните кампањи да се навистина од јавен интерес, да се распределат подеднакво, значи на сите медиуми кои потпаѓаат под дефиницијата за медиуми во законот, а тоа се радијата, телевизиите и печатените медиуми, значи рамномерна распределба на средства, за што е подготвен и закон за владино рекламирање и третата работа којашто беше договорена е во однос на казнената политика на Агенцијата за медиуми.

Кога велите беше договорено, сите четири партии се договорија околу ова?

Да, имам информации дека околу овие прашања е постигнат консензус, меѓутоа има техникалии, детали коишто треба да се испеглаат.

Целото интервју со министерката за информатичко општество и администрација, Марта Арсовска Томовска, може да го погледнете во видеото на почетокот на овој текст.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG