Достапни линкови

Демонстранти на повик за замајување на јавноста


Феноменот на секој протест да се одговара со контрапротест е добро познат и усовршен во земјата, со што граѓанските собири станаа банална појава. Поделбите се продлабочуваат и повеќе не се само по етничка линија, туку и по партиска.

Пред две недели поддржувачите на крстот и противниците на неговата изградба ги делеше кордон полиција. Од едната страна беа ДУИ, а од другата неофицијално поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ. Вчера кордон полиција ги делеше граѓаните, невладините организации и опозицијата од една страна и поддржувачите на ГРОМ и ВМРО-ДПМНЕ од друга. Дополнително и полицијата ја раководи министер од СДСМ и заменик од ВМРО-ДПМНЕ што создава уште повеќе несогласувања.

Поделбите во Македонија постојат од поодамна и пред сè имаат партиска, а не етничка основа, оценува Марко Трошановски од Институтот за демократија. Во последно време тие се продлабочуваат, но според него причина за тоа само делумно е наближувањето на изборите, засега договорени за петти јуни.

„Причините за продлабочување се процесите кои течат во нашето општество се само делумно поврзани со датумот на изборите, а разрешницата на политичката криза која што и нема крај е една од главните причини зошто се тие поделби, пред сè правната разрешница на кризата во овие последни случувања поврзани со Уставниот суд“, вели Трошановски.

„Бранители на институциите“ и полиција го чуваат Уставниот суд
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:47 0:00

И аналитичарот Алајдин Демири смета дека причината за зголемувањето на поделбите не се толку изборите, туку како што прецизира тој, очекуваниот исход од работењето на Специјалното јавно обвинителство.

„Овие протести и контрапротести во последно време преку Бутел до вчера кај Уставниот суд укажува на еден феномен кој е менаџиран од власта, а тоа е поделба на граѓаните, но сега не се работи за поделба на етничка основа, туку поделба врз основа на власт и опозиција“, вели Демири.

По протестот на невладините и опозицијата синоќа почна да се полни и просторот околу Уставниот суд кој од претпладнето беше опколен од стотина, како што велеа, поддржувачи на ГРОМ. Подоцна и таму пристигна повеќе луѓе, а по медиумите се објавуваа телефонски пораки од ВМРО-ДПМНЕ со повик да пристигнат во Скопје. Со контрапротестите кои не се нови во општеството се банализира правото на протест и ефектот кој одреден протест го има во јавноста, смета Трошановски.

„Тоа се случува преку два ефекта - протестот се сведува на банална, секојдневна појава која што нема никакво значење и дефокусација на луѓето од вистинските причини за протест односно вистинските пораки кои што од протестот сакаат да се пратат“, вели Трошановски.

Инаку вчера Скопје не беше единствениот град во Македонија со протести и контрапротести. Во Кочанско протестира оризопроизводителите со барање до Министерството за земјоделство да ги реши проблемите со откупот, а контра-протестантите го истакнаа своето незадоволство од реакцијата на Здружението „Бело зрно“.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG