Достапни линкови

Има или нема договор за медиумите?


Партиите се договорија за медимите тврди министерката за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска. Од СДСМ велат - договор нема. Посредникот Ванхауте за Радио Слободна Европа изјави дека имало приближување на ставовите, но не и финален договор.

Имаше какафонија од различни предлози и различни интереси во разговорите за медиумите што се водеа во Клубот на пратениците, но добро е што на крај се договорија, односно беа со консензус прифатени три работи кои ќе значат подобрување во сферата на медиумите и во следниот период ќе треба технички да се допеглаат, тврди министерката за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска.

Точно е дека се разговараше за тие теми, најголемо приближување имаше во однос на финансирањето на МРТВ, додека за владините кампањи ВМРО-ДПМНЕ подготви предлог-закон, но не беше прифатен од сите учесници.
Питер Ванхауте, посредник во разговорите.

Министерката која учествуваше во разговорите во интервјуто што во целост ќе го емитуваме в недела вели и дека според информациите кои ги има постоел консензус од четирите партии за тие неколку прашања.

„Има консензус за прашањето за јавниот радиодифузен сервис во однос на финансирањето, во однос на износот на средствата кои што се потребни за да се унапреди работата на јавниот радиодифузен сервис, беше донесен кодекс за етичко и професионално известување на новинарите од МРТВ во соработка со Би-Би-Си , во однос на владиното рекламирање има договор дека средствата што треба да бидат обезбедени за јавни кампањи под услов јавните кампањи да се навистина од јавен интерес се распределат подеднакво, значи на сите медиуми кои потпаѓаат под дефиницијата за медиуми во законот, а тоа се радијата, телевизиите и печатените медиуми, за што е подготвен и закон за владино рекламирање и третата работа која што беше договорена е во однос на казнената политика на Агенцијата за медиуми“, вели Арсовска Томовска, која додава дека преговорите во форматот во Клубот на пратениците се завршени, одредени техникалии треба да се договорат, а тоа што се случувало таму резултирало со тие три прашања што биле договорени.

Роберт Поповски кој е претставник на СДСМ во разговорите за медиумите, пак, тврди дека ова не е точно, нагласувајќи дека договор нема.

„Сешто беше разговарано таму, се отворија многу прашања меѓутоа ништо не е договорено, значи нема договор меѓу четирите партии. СДСМ не дало амин за ништо, не може да има договор бидејќи договорот треба да подразбира цел пакет на реформи, клучно, односно приоритет за нас е департизација и професионализација на советот на Агенцијата за медиуми и советот на МРТВ“, вели Поповски.

И посредникот во разговорите во Клубот на пратениците Питер Ванхауте вели дека не бил постигнат консензус за овие прашања, појаснувајќи дека имало приближување на ставовите за некои од нив, но не се стигнало до финален договор поради одлуката на ВМРО-ДПМНЕ да не продолжи да учествува во разговорите на работната група.

„Точно е дека се разговараше за тие теми, најголемо приближување имаше во однос на финансирањето на МРТВ, додека за владините кампањи ВМРО-ДПМНЕ подготви предлог-закон, но не беше прифатен од сите учесници“, вели Ванхауте за Радио Слободна Европа.

Евроамбасадорот Аиво Орав, пак, неделава рече дека има комуникација меѓу партиите за прашањата за медиумите и се разгледувале неколку можни решенија. Дополнителни нејаснотии околу случувањата со медиумите се појавуваат и по информациите на 24 вести кои повикувајќи се на европски дипломат објавија дека е можно ДУИ да поднесат предлог за медиумите во собрание. Ваквата информација не ја потврдуваат од партијата на Ахмети, ниту пак дадоа одговор дали има консензус од четирите партии за одредени прашања.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG