Амбасадорке каква е вашата проценка – може ли да се исполнат условите за фер и кредибилни избори до 5-ти јуни?
Да, дозволете ми да почнам со констатaцијата дека времето е кратко, има уште помалку од три месеци дотогаш, уште многу работа има да се заврши. Државната изборна комисија треба да биде поддржана од сите институции, за да ја заврши работата навреме. Вкрстените проверки се направени, договорени се теренски проверки од страна на Kомисијата. Сега клучната работа е имплементацијата. Тоа е клучното. Понатаму веднаш е потребна јасна методологија за тоа како да се отстрани тоа што нелегитимно е впишано во избирачкиот список. Да заокружам, уште многу работа е потребна.
Што мислите има ли ризик да се случи повторно на 5 јуни условите да не бидат исполнети и опозицијата да одбие да учествува на изборите?
Се разбира, изборите треба да бидат инклузивни. Сите партии треба да работат заедно за да се случат кредибилни избори. Тоа исто така е клучно.
Преговори за медиумите нема, проблемот со избирачкиот список се уште не е решен, критериумот за одвојување на државата од партијата не е исполнет, гледате ли политичка волја кај владејачкото мнозинство за решавање на овие проблеми ?
Ги спомнавте постојаните недостатоци во процесот. Неопходни се одлуки и мерки кои треба да се донесат и преземат. Ќе повторам тие треба да бидат донесени, да бидат преземени што е можно поскоро. Очигледно е дека преговорите за медиумите во соработката со медијаторот од ЕУ Питер Ванхауте завршија. Сега процесот треба да биде рестартиран, треба да почне. Како ќе се случи тоа, за тоа треба да одлучат сите инволвирани партии. Дозволете да кажам дека на крај на партиите останува да ги донесат потребните одлуки. ЕУ, земјите членки на унијата, САД може да понудат помош, но одлуката ја носат партиите кои се инволвирани.
Гледате ли политичка волја за решавање на проблемот?
Останува на партиите да покажат волја. Потребна е волја за тоа.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски изјави дека од меѓународна заедница му било ветено дека нема повеќе да се прават оценки околу условите за изборите и преговори со медиумите, тоа беше демантирано од дел од амбасадите, но еве веќе цел месец нема преговори за медиумите, како го коментирате тоа?
Тоа што комесарот Хан го изјави, а Германија во целост го поддржува тој став, е дека квалитетот на изборите е побитен од датумот, и квалитетот ќе биде измерен врз основа на критериумите кои беа наведени во заедничкото писмо од амбасадорите на ЕУ и САД до премиерот кое датира од 19 февруари годинава. Нашата гледна точка е дека квалитетот на изборите е круцијален, тоа е клучно, тоа можам да го повторам. Нашиот фокус ќе остана на важните прашања, како што е медиумската средина која треба да им ја даде на гласачите информацијата што им е потребна, квалитетот на избирачкиот список, и воздржување од политичка манипулација врз гласачите и гласањето. Ние ќе продолжиме да ги адресираме проблемите кои ќе ги детектираме, и на приватни состаноци, а и во јавноста, се додека процесот е позитивен и до моментот кога ќе видиме дека нема потреба од понатамошно разгледување на процесот. И да повторам уште еднаш дека одлуката за тајмингот на изборите треба на крај да ја донесат владата и инволвираните партии.
И покрај повиците на меѓународната заедница за институционална поддршка на Специјалното Обвинителство, продолжуваат нападите и не - соработката од другите институции со тимот на Катица Јанева. Како ова да се надмине и што мислите зошто има толкав отпор кон нејзината работа ?
Назначувањето на Специјалната обвинителка е еден од резултатите од пржинскиот процес и пржинскиот договор донесен во јуни и јули минатата година. Овој договор беше поддржан од сите партии и се разбира дека Специјалното обвинителство треба да биде поддржано од сите институции. Има договор за тоа, и се разбира исто така е потребно интензивна соработка за потребите на тимот. Специјалниот обвинител поднесе обвиненија против високи политички фигури за криминал поврзан со избори. Последните изјави од Специјалниот обвинител сугерираат дека уште обвиненија ќе бидат покренати. Пресумпцијата на невиност налага дека овие обвиненија треба да се докажат со факти и чисти докази.
Според сомнежите на Специјалното обвинителство на претходните изборни процеси имало изборен криминал. Судот, сепак како да не соработува со СЈО, а пред некој ден ја видовме и одлуката на Уставниот суд со кој се поткопува напорите за работата на Јанева. Можно ли е и овој пат правдата да остане недостижна?
Владеењето на правото генерално е основен темел на функционална демократија, како што е и одвојување меѓу правосудната и извршната власт, што исто така е важен дел од функционалната демократија. Ние препознаваме дека тајмингот на тој потег што го спомнавте да се дозволи пошироко толкување на помилувањето, кое доаѓа на само помалку од две недели откако специјалното обвинителство отвори случаи против високи политички фигури за криминал поврзан со избори, отвора некои прашања. Целата ЕУ и Германија како дел од неа, ја поздравуваме јавната изјава на претседателот Иванов дека нема да помилува за изборен криминал.
Дали ЕУ има заеднички пристап кон мигрантската криза?
Ова е многу комплексно и многу тешко прашање и се плашам дека морам да кажам оти ова е прашање кое се уште трае. ЕУ како целина и канцеларката Ангела Меркел конкретно работат многу напорно за да обезбедат помош за да помогнат на двете страни. И на мигрантите кои бегаат од војна и да им помогнат на земјите членки на ЕУ. Стана очигледно за се повеќе земји членки на ЕУ дека и оградите и ѕидовите на крајот не помагаат, нема да ги задржи луѓето кои веќе многу страдале. Јас сум уверена дека ЕУ ќе изнајде заеднички начин во справувањето со ситуацијата, но сега можам да повторам дека ова е исклучително тешка ситуација. Договорот кој беше постигнат со Турција пред некој ден покажува дека сме во добра насока, на вистинскиот пат.
Како ги коментирате критиките на УНХЦР и други меѓународни организации за последното решение на ЕУ за бегалската криза?
Една од главните задачи на УНХЦР е да обезбеди хуманитарна помош и помош при катастрофи. Мислам дека постигнаа прекрасни резултати. Ја разбирам критиката што ја изрази УНХЦР, но не смееме да заборавиме дека политичарите во нашите држави освен што требаше да донесат одлуки кои ќе го решат проблемот, исто така тие треба да бидат во согласност со потребите на сопствените земји. Ние можеме да се надеваме на подобро и да бараме подобри решенија, но исто така мораме в предвид да ги земеме и околностите. Тие се како што реков тешки и многу комплексни.
Има мислења и стравувања дека во Грција и Македонија ќе бидат принудени да градат бегалски кампови поради договорот меѓу Брисел и Анкара? Што мислите во врска со тоа, дали е можно ?
Брисел и Анкара не се договорија за затварање на балканската рута, тоа беше решено од други земји. Како резултат од последниот развој на настани, Брисел и Анкара се сретнаа и се обидоа да најдат начин или подобро да кажам начини за да ги олеснат условите за живот во камповите на тие кои се сместени во тие кампови во близина на граничната линија. Прашањето не треба да биде дали треба или не треба да се градат кампови, туку како да се подобри состојбата со мигрантите. Тоа е главното прашање. И последниот договор за кој зборуваме го отвори патот за итно подобрување и задоволување на потребите на мигрантите.
Како политичката криза во Македонија влијае врз интересот на германските инвеститори за земјава?
Германските инвеститори се прилично задоволни од бизнисот во Македонија. Последните разговори со потенцијални инвеститори покажуваат дека тие се загрижени поради политичките случувања во Македонија, по што одредени инвеститори ја ставија на чекање конечната одлука за инвестирање. Македонија има многу да изгуби, и нема време за губење. Нови инвестиции се клучни за економскиот инвестициски развој. Економскиот раст е забавен, Македонија продолжува да назадува во однос на другите земји од регионот, особено во споредба со земјите членки на ЕУ. Уште еднаш да заокружам, итно потребни се здрава и стабилна политичка рамка, предвидлива работа на судовите и одговорна и ефикасна администрација со цел Македонија во иднина да има просперитет, ако може да кажам во блиска иднина.