Достапни линкови

Независни медиуми или политички пазар


ЗНМ предлага забрана за политичко рекламирање, затоа што смета дека со владините реклами се купува наклонетоста на медиумите.

Слушам дека власта и опозицијата заговараат политички пазар кој нема да донесе поголема медиумска слобода, туку само поделба на влијанието меѓу политичките актери врз медиумите, а за причините за тоа од одредени партии слушам изговори дека немало доволно време за сериозни промени во медиумскиот систем, изјави претседателот на Здружението на новинари Насер Селмани на завршната конференција за реформи во медиумската сфера. Тој истакна дека ЗНМ ќе се спротивстави на таквите сценарија и побара политичката битка да не се води со рекламни кампањи на медиумите.

Предлагаме забрана на политичкото рекламирање во највлијателните медиуми затоа што не сакаме медиумите да продолжат да бидат заложници на рекламирањето на богатите партии. Нудиме решенија за деполитизација и департизација на МРТ и на медиумскиот регулатори.
Насер Селмани, претседател на ЗНМ.

„Предлагаме забрана на политичкото рекламирање во највлијателните медиуми затоа што не сакаме медиумите да продолжат да бидат заложници на рекламирањето на богатите партии. Нудиме решенија за деполитизација и департизација на МРТ и на медиумскиот регулатори. Програмскиот совет на МРТ не смее да биде под контрола на владејачките партии, туку треба да ја одрази различноста на македонското општество. Потребен е нов модел на финансирање на МРТ и на медиумскиот регулатор, затоа што сегашниот систем е неефикасен“, рече Селмани.

Според анализата на ЗНМ, во медиумите постои магичен круг на државните пари кој се одвива преку донации од телевизиите за владејачките политички партии кои подоцна преку владини рекламни спотови ги враќаат делумно парите во телевизиите. Според нивната анализа, од 20 милиони евра кои влегуваат во медиумите од рекламниот колач, една третина доаѓа од владини реклами.

Не е во ред да ги доведувате пријателите од француската и германската амбасада во заблуда и да им понудувате вакви информации кои се далеку од вистината. Што е тука неточно? Неточни се сумите, крајно се неточни и тоа неколку пати ви го кажавме преку нашите средства за информирање, дека доколку сакате, може да дојдете да ги побарате и ќе ги добиете, нема ништо тајно ништо страшно.
Иван Мирчевски, директор на Канал 5 телевизија и претседател на Македонската медиумска асоцијација.

На ваквите тврдења се спротивстави претседателот на Македонската медиумска асоцијација, директорот на Канал 5 Иван Мирчевски, кој посочи дека податоците се неточни.

„Не е во ред да ги доведувате пријателите од француската и германската амбасада во заблуда и да им понудувате вакви информации кои се далеку од вистината. Што е тука неточно? Неточни се сумите, крајно се неточни и тоа неколку пати ви го кажавме преку нашите средства за информирање, дека доколку сакате, може да дојдете да ги побарате и ќе ги добиете, нема ништо тајно ништо страшно“, рече тој.

Селмани, пак, посочи дека ако тоа се неточни податоци зошто тогаш телевизиите не ги споделат нивните податоци.

„Податокот за попустите не го измисливме ние, тој е преземен од вашиот извештај доставен до изборната комисија. Ако вие сакате да придонесете во дебата, кажете ги тие податоци и симнете ја таа фама од јавноста дека податоците не се точни“, рече Селмани.

„Ви кажав колку изнесува просечна цена на една секунда во етер“, рече Мирчевски.

„Не кажавте колку пари земавте по основ на владини реклами, кажете ги колку сте земале оваа година, минатата година и по основ на домашна продукција, не зборете во формули“, одговори Селмани.

На конференцијата се водеше и дебата за како да се постигне независноста на медиумите. Француската амбасадорка Лоренс Оер смета дека во овој период преку работните групи се воспоставува процес на нормализација и од круцијално значење за процесот е влијанието на медиумите.

„Бидете сигурни дека француската и германската амбасада секако ќе бидат целосно внимателни и фокусирани во поглед на користењето на медиумите во текот на овој нов период, посебно откако ќе се одлучи за воспоставувањето на системот“, рече Оер.

Германската амбасадорка Кристине Алтхаузер смета дека е потребно во следниов период да воспостават ново поле на игра во кое медиумите ќе обезбедат фер натпреварување на политичките учесници, затоа што во залог е вербата во парламентарната демократија.

„Се надевам дека политичките партии ќе се согласат и ќе ги имплементираат потребните промени кои се однесуваат на медиумското законодавство, вклучувајќи го и финансирањето на медиумите и обезбедување на основа која треба да овозможи основа за јавноста која нема да припаѓа ниту на партиите, ниту на владата“, рече таа.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG