Работните групи кои работат на спроведување на договорот од Пржино за решавање на политичката криза во земјава се очекува во наредната недела да разговараат и за состојбата со медиумите. Според препораките на Прибе, јавниот сервис треба да се реформира и да се обезбеди негова непристраност, додека сите медиуми треба да се ослободат од политичките притисоци, при што не е прифатливо да се купува политичка поддршка преку нивното финансирање. Се препорачува и судовите за обвинувањата за клевета да носат пресуди на балансиран начин.
Медиумите треба да зависат од комерцијалните реклами на пазарот, а не нивното постоење и работење да го засноваат на јавните пари кои што ги добиваат од разни јавни институции.Насер Селмани, ЗНМ.
Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, вели дека посредникот во разговорите, белгискиот експерт Питер ван Хојт им најавил дека ќе бидат повикани за да ги претстават нивните предлози за подобрување на состојбата со медиумите. Според него, ова е добра прилика да се постави здрава основа за медиумите кои ќе му служат на јавниот интерес, а не да бидат заложници на политичките и економски интереси на центрите на моќ.
„Мислам дека клучна интервенција за подобрување и за зајакнување на независноста на медиумите во Македонија ќе биде прашањето околу нивното финансирање. Без комерцијализација на медиумите не може да се надеваме на нивната професионалност. Медиумите треба да зависат од комерцијалните реклами на пазарот, а не нивното постоење и работење да го засноваат на јавните пари кои што ги добиваат од разни јавни институции“, смета Селмани.
Мислам дека договор тешко ќе биде постигнат и не сум оптимист, затоа што има многу работи кои што кај нас се влезени во практиката од кои што нема да сакаат да се откажат оние кои што имаат клиентелистички однос со владата.Мирче Адамчевски, поранешен претседател на Советот за радиодифузија.
Селмани додава дека ЗНМ ќе предложи низа мерки, а меѓудругото да се забрани политичкото рекламирање во најмоќните медиуми со што ќе се прекине клиентелизмот меѓу нив и политичките партии. Истата мерка ја предлага и поранешниот претседател на Советот за радиодифузија, Мирче Адамчевски, според кој токму најтешко ќе биде медиумите да се ослободат од политичкиот притисок. Според него, платената политичка програма треба да оди на јавниот сервис.
„Мислам дека договор тешко ќе биде постигнат и не сум оптимист, затоа што има многу работи кои што кај нас се влезени во практиката од кои што нема да сакаат да се откажат оние кои што имаат клиентелистички однос со владата. Мислам на комерцијалните медиуми. Најлесен договор ќе се постигне за јавниот сервис, но и таму ќе зависи од модификацијата на тој договор и како ќе биде“, додава Адамчевски.
Селмани додава дека и на политичките партии веќе им е јасно дека без слободни и професионални медиуми Македонија не може да се етаблира како функционална демократија подготвена за интеграција во ЕУ.