Ниту во договорот од 2 јуни, ниту во протоколот кон тој договор кој во вторникот го потпишаа лидерите на четирите партии со посредство на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, нема ништо конкретно и со рокови наведено во врска со слободата на медиумите или, пак, смените во јавниот сервис кој континуирано ги бараше опозицијата.
Ние мора прво на опкружувањето да поработиме за што нема време до април, но може да се дадат одредени добри основи.Жанета Трајкоска, Висока школа за новинарство и односи со јавност.
Во завчерашниот договор воопшто не се споменати медиумите, а во оној од втори јуни во контекст на поглавјата 23 и 24 е наведен меѓупартиски дијалог поврзан со поголема слобода на медиумите.
Од СДСМ брифираат дека за областа медиуми и пред сè за јавниот сервис разговараат работните групи кои ги предводи белгискиот експерт Петер Ванхаут, а кон кои тие се приклучиле вчера. Дел од тие разговори се смени на директорот и главниот уредник на МРТВ и на Агенцијата за медиуми, односно сè поврзано со препораките на Прибе. Од партијата додаваат и дека земјава веќе е во фаза на засилен надзор на поглавјата 23 и 24.
Мислам дека не е важен само јавниот сервис, туку целиот медиумски систем треба да се ослободи од притисокот на кој е изложен. Мислам дека треба да се има предвид оти владата престана со медиумското рекламирање или кампањите, меѓутоа сега треба да се инсистира на прекинување на сите пари што владата ги дава во медиумите, а пред сè мислам на домашната продукција.Насер Селмани, претседател на ЗНМ.
Жанета Трајкоска од Високата школа за новинарство и односи со јавноста посочува дека сепак има премалку време до изборите веќе договорени за на 24 април за суштински промени.
„Она што мене ме загрижува е и да има политичка волја и промени во МТВ мислам дека начинот на кој се работи со години наназад, а може да се каже и со децении, многу тешко може да се измени, бидејќи прво се однесува на тоа како работат самите новинари и сопствената самоцензура која си ја воспоставуваат. Значи ние мора прво на опкружувањето да поработиме за што нема време до април, но може да се дадат одредени добри основи“, вели Трајкоска.
Според претседателот на ЗНМ Насер Селмани, какви било промени се можни и за овој период, но само ако постои политичка волја.
„Мислам дека не е важен само јавниот сервис, туку целиот медиумски систем треба да се ослободи од притисокот на кој е изложен. Мислам дека треба да се има предвид оти владата престана со медиумското рекламирање или кампањите, меѓутоа сега треба да се инсистира на прекинување на сите пари што владата ги дава во медиумите, а пред сè мислам на домашната продукција“, вели Селмани.
Трајкоска, пак, посочува дека за да може кои било идни избори да се карактеризираат како фер и демократски, не само што е важна слободата на медиумите, туку, како што вели, е суштинска.
„Ние ако го гледаме начинот на кој се информираат граѓаните на територија на цела Македонија ќе видиме дека националните приватни и јавниот сервис сè уште предничат. Вие кога имате национални телевизии коишто дефинтивно се провладини и коишто се финансирани преку кампањи од т.н. јавен интерес и имате јавна радиодифузија која е под капата на секоја власт досега, тогаш јасно ни е дека граѓаните нема да можат да бидат информирани сеопфатно и да донесат свој сопствен став“, вели Трајкоска.
Инаку, во извештајот на Прибе кој го споменуваат и опозицијата и медиумските познавачи, се препорачува сите медиуми да бидат ослободени од каков било политички притисок без мешање и закани, а и да се дистанцираат од партиските политики и да не бидат во служба на политичарите и политичките партии. Јавниот национален сервис, пак, препорачува експертот, треба да настојува да биде комплетно непристрасен и независен од политички, комерцијални и други влијанија и идеологии и да придонесе за информирање на граѓанството.
Експертите препорачуваат и дека е неприфатливо купувањето политичка поддршка од медиумите преку финансиско поддржување на медиумскиот пазар, а треба да се применат строги правила за владиното рекламирање.