Достапни линкови

Неопходни промени во МРТВ и во Агенцијата за медиуми


Архивска фотографија - Новинарите чекаат пред резиденцијата на ЕУ во Скопје да заврши лидерската средба
Архивска фотографија - Новинарите чекаат пред резиденцијата на ЕУ во Скопје да заврши лидерската средба

Работната група дебатира за состојбата во медиумите. Познавачите на состојбите велат дека се потребни промени во целокупната програма на јавниот сервис и деполитизација на Агенцијата за медиуми.

Подобрување на состојбата во медиумите денеска тема на работната група што ги спроведува реформите поврзани со договорите од Пржино. Во досегашните документи произлезени од процесот на разговори меѓу политичките лидери состојбата во медиумите се споменува во договорот од 2 јуни и во препораките на европскиот експерт Прибе.

Значи мора кога се зборува за Jавниот радио дифузен сервис, да се зборува во комплет, не само во однос на вестите и информативната програма.
Жанета Трајкоска, Висока школа за новинарство и односи со јавноста.

Според Жанета Трајкоска од Високата школа за новинарство и односи со јавноста клучно во овој краток период е да се постигне консензус за измени во Македонската радио телевизија не само во информативниот дел, туку, како што вели, и во целокупната програма бидејќи во неа имало скриени пораки.

Архивска фотографија - Јавна расправа на тема „Потребни реформи во јавниот радиодифузен сервис.
Архивска фотографија - Јавна расправа на тема „Потребни реформи во јавниот радиодифузен сервис.

„На пример ако платените кампањи не одат веќе на приватните телевизии, на Македонската радио телевизија имате еден тон дневно кампањи кои се емитуваат бесплатно и се емитуваат под превезот на јавниот интерес. Тоа сепак прави некакво влијание врз граѓаните и врз гласачкото тело и во нив се промовираат политиките на сегашната влада, од вработувања до трето дете итн. Значи мора кога се зборува за Jавниот радио дифузен сервис, да се зборува во комплет, не само во однос на вестите и информативната програма“, вели Трајкоска.

Мислам дека за да имаме фер и демократски избори треба да имаме регулаторен орган на медиумите што ќе биде објективен и непристрасен.
Сефер Тахири, универзитетски професор.

Во однос на МРТВ во препораките на Прибе се посочува дека „ jавниот национален сервис треба да настојува, да биде комплетно непристрасен и независен од политички, комерцијални и други влијанија и идеологии и да придонесе за информирање на граѓаните”. За владиното рекламирање во приватните медиуми, пак, се наведува и дека купувањето политичка поддршка од медиумите преку финансиско поддржување на медиумскиот пазар е неприфатливо. Но она на што посочуваат упатените е веќе создадениот клиентелистички однос на некои сопственици, па и новинари што е тешко да се среди во краток период.

Професор Сефер Тахири оценува дека состостојбата во приватните медиуми може да се подобри ако се деполитизира Агенцијата за медиуми.

„Ние знаеме дека освен претставникот предложен од ЗНМ другите членови на агенцијата се фактични припадници на политичките партии, ако не директно, индиректно се предложени и поддржувани од политички партии. Мислам дека за да имаме фер и демократски избори треба да имаме регулаторен орган на медиумите што ќе биде објективен и непристрасен “ вели Тахири.

Инаку професорот Љубомир Фрчкоски во неделното интервју на Радио Слободна Европа оцени дека токму државната телевизија е третиот столб кој треба да направи некаков баланс во медиумите и дека расправата за тоа како ќе се структурира државната телевизија е многу важна.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG