Достапни линкови

Договорот добар чекор кон евроинтеграција


Политичката криза, за жал, вели еврокомесарот Хан го забавила пристапниот дијалог на високо ниво. Тој очекува спроведување на реформите за вистински промени во државата.

Главната цел на мојата денешна посета е евроинтеграцијата на Македонија и посакувам ова секогаш да беше лесна приказна, но постигнувањето на политичкиот договор од јули со наше посредство е добар чекор во таа насока, порача еврокомесарот за проширување на ЕУ, Јоханес Хан за време на денешната посета на Собранието, при работата на Националниот совет за евроинтеграции. Со тоа, како што нагласи се покажало дека интересите на државата и на граѓаните се ставени пред партиските интереси и сега е важна неговата реализација.

Ова е време од суштинско значење за вашата држава и сите очи се свртени кон вас и во однос на сите реформи кои треба да ги исполните до наредниот месец.
Јоханес Хан, еврокомесар.

Тој рече и дека се радува на враќањето на опозицијата во Парламентот, а го поздрави и Законот за новиот специјален обвинител, при што нагласи дека специјалната обвинителка ќе ја има нивната поддршка. За жал политичката криза, според него го забавила пристапниот дијалог на високо ниво кој денеска ќе продолжи и кој е важен за спроведување на реформите, при што ќе се фокусира на пет специфични области.

„Признавам дека вашата земја веќе имплементираше голем број на реформи и оние кои остануваат се амбициозни и политички тешки, но ќе донесат вистински промени во државата“, вели Хан.

Факт е дека непостапувањето и невлегувањето во следниот чекор на Македонија ќе и значи само дополнително влошување и раст на нервозата која и онака постои во нашето општество меѓу политичките партии и граѓаните.
Илија Димовски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

Хан додаде дека ќе се работи на владеење на правото, независноста на судството, одвојување на партијата од државата, слободата на медиумите, како и јавната администрација и управувањето со јавните финансии и економската ситуација. Тој порача и дека изборните реформи треба да бидат спроведени пред изборите кои одблиску ќе ги набљудува меѓународната заедница и консултациите околу охридскиот рамковен договор.

„Ова е време од суштинско значење за вашата држава и сите очи се свртени кон вас и во однос на сите реформи кои треба да ги исполните до наредниот месец. Европската комисија ќе го претстави својот годишен извештај и се надевам дека ќе можеме да известиме за голем број позитивни вест и нешта.“

Хан порача и дека ова е тешко време за Европа и Македонија кои се соочуваат со мигрантската криза која бара решение. Пратениците од најголемите политички партии се согласија дека потребно е на глобален начин да се реши проблемот со мигрантите.

Лидија Димова, која е претседателка на Националниот совет за евроинтеграции вели дека ги очекува период полн со предизвици и оти Македонија предолго чека за влез во ЕУ, како и тоа дека е време е за решителна акција. Потпретседателот на советот, Илија Димовски порача дека очекува датум за почеток на преговори со ЕУ.

„Факт е дека непостапувањето и невлегувањето во следниот чекор на Македонија ќе и значи само дополнително влошување и раст на нервозата која и онака постои во нашето општество меѓу политичките партии и граѓаните. Таквата нервоза со тек на време стана фрустрација, а таквите фрустрации со тек на време станаа огромни политички и општествени проблеми“, смета Димовски.

И вицепремиерот за евроинтеграции Фатимир Бесими побара Македонија што побрзо да ги почне пристапните преговори.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG