Достапни линкови

Нема независно судство со цел живот должни судии


Секоја година Европската комисија забележува дека судскиот систем во Македонија сè помалку напредува, а годинава и дека назадува. Опозициските „бомби“ го открија начинот на назначување судии.

Селективна правда и политичко вмешување во одредени сензитивни судски случаи од висок профил, широко распространета корупција, сериозни сомнежи поврзани со високи претставници и членови на владата дека ја злоупотребиле својата моќ во јавните набавки, урбаното планирање, финансирањето на партиите и влијание врз судството, медиумите и изборниот процес. Ова е сликата за напредокот на Македонија во последниот извештај на Европската комисија за напредокот на земјата.

Ако студентот каже дека не знае кои се трите власти во поделбата на власта, ние ќе му пишеме петка, но ако каже дека има само извршна власт сега треба да му пишеме 10, затоа што човекот погодил како отприлика изгледа состојбата во Македонија.
Гордана Бужаровска, универзитетски професор.

Секоја година Европската комисија забележува дека судскиот систем во Македонија сè помалку напредува, односно дека годинава и официјално наместо да напредува, назадува. Во последниот извештај е јасно нотирано дека достигнувањата на реформите кои се спроведуваа изминатава деценија се поткопани од политичко мешање во работата на судството. Во него се бара да се истражат индициите од снимките за злоупотребите во судството, а властите да покажат реална политичка волја за да се овозможи целосна независност на судскиот систем, овозможувајќи му на специјалниот јавен обвинител да работи непречено во истражување на содржината од снимките.

Македонија доби слаба оценка и за борбата против корупцијата, каде се наведува дека недостатокот од легислативните и институционалните постигнувања биле засенети од недостатокот од политичка волја и мешање во работата на релевантните тела, особено кога се работи за високо-профилирани случаи. Се бара ефективно гонење на случаи кои вклучуваат високо ниво на корупција, затоа што кредибилитетот на борбата против корупција е ослабнат со неподготвеноста да се испитаат сериозни обвинувања против високи јавни службеници. Ова ги вклучува и обвинувањата од неодамнешниот скандал со прислушување, во кој неколку политичари беа вклучени, пишува во извештајот.

Материјалите од прислушувањето, како што се наведува во Извештајот, само ги продлабочиле сомневањата во однос на политичката вмешаност и во назначувањето на судиите и во донесувањето на пресуди. Комисијата смета дека Судскиот совет и Здружението на судии не придонеле доволно за судската независност и за одбрана на судската професија од каква било форма на отворен или прикриен притисок.

Андреја Стојковски од Македонскиот центар за европско образование смета дека годинава земјава доби најлоша оценка.

„Во поглавјето 23 имаме „some level of preparation“ и „no progress“ што го прави убедливо најлошо поглавје, затоа што ако се земат анализите и оценките за политичкиот критериум, би рекле дека имаме многу за зборување, ама немаме многу за фалење“, вели тој.

Универзитетската професорка по кривично процесно право Гордана Бужаровска смета дека Европската комисија го напуштила дипломатскиот речник и тоа лошо зборува за државата и за влошувањата на она што е нејзина основа.

„Ако студентот каже дека не знае кои се трите власти во поделбата на власта, ние ќе му пишеме петка, но ако каже дека има само извршна власт сега треба да му пишеме 10, затоа што човекот погодил како отприлика изгледа состојбата во Македонија. Години наназад се зборуваше судството, сега имаме функционирање на судството - ќе не биде или не. Дали судството како такво воопшто успеа да се избори за своето место под сонцето во нашава држава. Влијанието на извршната власт е неверојатно, за жал сега сме на ниво од 2005 година, една декада вратени назад“, вели Бужаровска.

Таа додава народната поговорка молчењето е злато во судскиот систем е надградена и проширена.

„Молчењето во животот е злато, но молчењето во судството значи функција, а кооперативноста значи унапредување, значи малку со поинаква терминологија се служат во судството, затоа сме на ниво на враќање назад“, вели таа.

Со самото тоа што требаше да се назначи специјален обвинител да работи на случаи што во другите земји се сработуваат во вообичаеното обвинителство покажува дека нема доволно независност.
Кристине Алтхаузер, амбасадорка на Германија во Македонија.

Германската амбасадорка во Скопје Кристине Алтхаузер неодамна пред дел од претседателите на неколку судови на јавна дебата истакна дека самиот избор на специјален јавен обвинител кој треба да расчисти одредени индиции за криминали покажува дека, како што рече, работите не се како што треба да бидат.

„Со самото тоа што требаше да се назначи специјален обвинител да работи на случаи што во другите земји се сработуваат во вообичаеното обвинителство покажува дека нема доволно независност. Парламентот е ограничен веќе неколку месеци поради отсуството на опозицијата, но и по нејзиното враќање во Собранието во парламентот нема темелни дискусија за важни законски иницијативи“, рече Алтхаузер.

Таа во директното обраќање кон преставниците на судовите истакна дека како странски набљудувач има впечаток оти нешто не е во ред со балансот на уставните овластувања во Македонија, законодавната, судската, извршната власт и на медиумите кои некогаш се нарекуваат и четврта уставна моќ.

„Многу добро знаете дека вашата работна средина е далеку од совршена. Неколку истражувања во текот на последните неколку години изнесоа на виделина дека различни страни се обидуваат и доволно често успеваат да вршат притисок врз судиите, адвокатите и јавни обвинители поединечно и за судскиот систем во целина. Жалам што морам да кажам дека нема успех да се одолее на тие притисоци“, рече таа.

Загриженост предизвикува и драматичниот пад изминативе години на дисциплински постапки против судии, иако неодамна е формиран посебен Совет за утврдување на факти и иницирање процедура за утврдување на одговорност кај судиите. Тоа, според Комисијата, е дополнителен удар врз судската професија која веќе се наоѓа во заложништво.

„Но, зарем не би се согласиле дека е навистина многу жално што делови од системот дури придонесоа за овој притисок, особено преку злоупотребата на дисциплинските мерки? Според моите сознанија, постојат сет мерки во случај на дисциплински прекршок, што доведе до разрешување во најтешки случаи, а оваа мерка беше најчесто користена во 2013 и 2014 година. Има толку многу екстремни злоупотреби во правосудството што не може да се применат послаби средства? Или постоеја други вистински цели на овие мерки? Не знам, јас не сум инсајдер, вие сте експерти, јас можам само да ги споделам моите забелешки со вас“, рече Алтхаузер на дебатата, обраќајќи им се на судиите.

Таа заклучи дека судството треба да се врати на европскиот пат и дека македонските граѓани заслужуваат да бидат правно и ефикасно заштитени и да бидат третирани еднакво пред законот и владеењето на правото.

Законската одредба според која членовите треба да се од редот на универзитетски професори по право, адвокати или еминентни правни експерти не е почитувана во пракса: трojцa од петмината актуелни членови доаѓаат од јавната администрација, а само двајца се судии. Ова го поткопува професионалниот биланс и високото ниво на компетентност предвидени со закон.
Извештај на ЕК за Македонија.

Дел од ова поглавје од извештајот е посветено на Судскиот совет, за кој се наведува дека во текот на 20124 година именувал тројца нови судии кои дипломирале во Академијата за судии и обвинители, 14 претседатели на основни судови и 14 обвинители, од кои четворица дипломци на Академијата. Извештајот забележува дека имало примедби за изборот на претседателот и заменик-претседателот на Судскиот совет, од редовите на членовите кои не се судии.

„Законската одредба според која членовите треба да се од редот на универзитетски професори по право, адвокати или еминентни правни експерти не е почитувана во пракса: трojцa од петмината актуелни членови доаѓаат од јавната администрација, а само двајца се судии. Ова го поткопува професионалниот биланс и високото ниво на компетентност предвидени со закон. Дополнителните критериуми кои беа додадени со измените на Законот за Судскиот совет од април не допринесоа за значително подобрување на состојбата“, се вели во Извештајот.

Бужаровска вели дека Судскиот совет е продолжена рака на Владата, во него има членови кои никогаш не биле судии, а имаат ингеренции да изберат судии.

„Ние го сменивме системот на изборот на судии, сè со цел да се обезбеди ново тело, независно. Да ви кажам искрено, долги години наназад зборувам дека ние имаме такви независни тела што ништо не зависи од нив. И дефиницијава ми функционира. И Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, гледаме на што се претворија кутриве луѓе што се нафатиле на функција што не знаат, не се кадарни докрај да ја спроведат“, вели таа.

На јавните критики за проблемите во судството неодамна се огласи и претседателката на Врховниот суд, Лидија Неделкова, на неколкуте дебати поврзани со состојбите во судскиот систем. Таа истакна дека требало да престане јавниот линч кон судиите, затоа што така се уривал столбот на државната конструкција. Таа додаде дека јавни осуди од сите страни и создавање негативна енергија во општеството за судството претставува предизвик да ги оспори паушалните и неосновани критики кои се искажани за третата власт.

„Не со паушални, неодмерени, крајно деструктивни критики и вознемирувања, да го рушиме државотворното ткиво што е крајно штетно и опасно за државата, граѓаните и идентитетот на Република Македонија. Дел од овие критики се упатени кон судството, бараме поддршка од јавното мнение за запирање на јавната хајка против македонското судство, кое се претставува со искривена слика во јавноста. Значи не е доволно само да се каже дека има влијание, има притисоци, можеби не бараме исповест на судиите од кого им се притисоците, сигурно нема да ни кажат ни мене ни вас од кого се“, рече таа.

Може секој да му се јави на судијата, секој да се обиде да врши влијание врз него, но ако тој се држи до законот и до фактите, нема да може никој да влијае врз него.
Лидија Неделкова, претседателка на Врховниот суд.

Неделкова призна дека се можни притисоци, ама не од политичари.

„Може секој да му се јави на судијата, секој да се обиде да врши влијание врз него, но ако тој се држи до законот и до фактите, нема да може никој да влијае врз него“, рече таа.

Овој став пред еден месец го посочија и судиите на дебатата на советот за заштита од мешање во нивната независност. Судијката од Основниот суд Скопје1, Дијана Груевска Илиевска, која стана позната во јавноста по контроверзниот случај „Ликвидација“ и донесената пресуда против новинарот Томислав Кежаровски, изјави дека досега најголем притисок чувствувала од медиумите, но ниту еден наслов или објавен текст не влијаел во нејзините пресуди.

„Не чуствуваме политички притисок. Досега не ми се случило ниту телефонски, ниту на друг начин да ми се јави некој политичар или кој било човек на функција за да ми посочи да донесам некаква одлука, а уште помалку да ми се запрети со некаква реперкусија. Ниту една новинарска изјава, ниту кој било напис во кој било весник не може да влијае да донесе поинаква одлука од она што ја мисли. Судиите своите одлуки ги носат врз основа на списите во предметот и според доказите што се приложени кон тој предмет,“ изјави Дијана Груевска Илиевска, судија во Основен суд Скопје 1.

Најголемиот притисок судиите го чувствуваат токму од Судскиот совет, а не од медиумите, објаснува Бужаровска.

„Од ова тело што требаше да ги заштити, а не од медиумите, а морам да ви кажам дека парадоксални беа тие расправи пред судскиот совет, како да му кажат на овој претседателот што не разбира што е судство, дека не им вршат медиумите влијание на судиите, туку напротив, токму од нив доаѓа тој притисок. Кај нас најлесно се разрешува судија. Судиите велат - Не дај боже да ви го спомнат името на Судски совет, толку“, вели таа.

Уранија Пировска од Хелсиншки комитет смета дека во земјава не се почитува принципот на поделба на власта и владеењето на правото. Таа изјави дека еден од најважните механизми кој треба да се зајакне е Судскиот совет.

И покрај постоењето објективни критериуми, базирани на принципот на заслуги, Комисијата смета дека назначувањето на претседателите на судовите и на судиите во повисоките судски инстанци и натаму во голема мерка е дело на политичко договарање, што ја одолговлекува процедурата и оди на штета на судовите. Во Извештајот се наведува дека актуелниот систем во огромна мерка се базира на критериумите квантитет, цели и рокови, без притоа да се внимава на квалитетот на спроведувањето на професионалната обврска, а проблем е и нејасноста во судски одлуки. Во извештајот се забележува за де факто политизирање на судските именувања и напредувања и за нецелосно спроведување на реформите кои треба да доведат до професионална евалуација на именувањата во судството.

„Земјата особено мора да демонстрира реална политичка волја да се обезбеди целосна независност на судскиот систем и да се обезбеди целосна поддршка и ресурси за специјалниот обвинител именуван да ги разгледа создавањето и содржината на пресретнатите комуникации. Да се засилат институциите задолжени за спречување и борба против корупцијата и да се отстапи од какво било политичко мешање во нивната работа. Да се обезбедат целосна слобода на изразување и сериозни мерки за да се запре самоволието на полицијата и субстандардните услови во затворскиот систем. Да се врати довербата на јавноста, особено во политички чувствителните случаи со зголемена транспарентност во судските постапки и конзистентноста на законодавството“, пишува во извештајот.

На почетокот од годинава опозицијата започна со објавување на дел од прислушувани разговори за кои лидерот на СДСМ Зоран Заев тврди дека се водени меѓу високи владини функционери. Во еден од нив, како што тврди Заев, меѓу поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијаков и неговата помошничка Светлана Костовска се слуша како станала судијка во Управниот суд.

СДСМ: Сашо Мијалков и Светлана Костовска
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:51 0:00
Директен линк

Машки глас: Светле, што правиш?

Женски глас: Еве се спремам директоре.

Машки глас: Се спремаш, а?

Женски глас: Да.

Машки глас: Е па, сакав да ти кажам една работа. Сега ќе те бираме за судија или не те бираме?

Женски глас: Како нема да ме бирате?

Машки глас: А?

Женски глас: Јас би сакала да ме бирате.

Машки глас: Е па добро, јас средив работа да бидеш избрана.

Женски глас: Да?

Машки глас: Да. Што значи дека ќе треба да ме частиш.

Женски глас: Ееее, цел живот ќе Ви бидам должна.

Во друг разговор, кој според Заев, е воден меѓу Мијалков и неговиот коалиционен партнер Муса Џафери, се слуша како се делат местата во судовите по партиски договор.

please wait

No media source currently available

0:00 0:04:56 0:00
Директен линк

Прв машки глас: Во овој случај, оди избор на претседател на Врховен и Блерим стопира таму. Ни на договорено, ни на ништо. За место кое секогаш било наше и за кое не се разговарало. А и разговарав со Абдулаќим и не може да се разговара. Му објаснив на Абдулаќим и зошто и како со големо образложение мислам, сега, да кратам… Па потоа, ајде не тоа, Кривичен суд. И за тоа му објаснив зошто со аргументи. За нешто да се стопира на таков начин треба да има некој разговор. Не е убаво ние како партнери на сам избор да се стопира. И еве сега исто ставена е точка на дневен ред и треба да помине.

Втор машки глас: Јас сум запознат и Абдулаќим комуницира со вас.

Прв машки глас: Зборев сега со Абдулаќим. Но, добив информација дека Али рекол ти и Блерим да ја завршите таа работа односно да одлучите.

Втор машки глас: Јас морам со Али прво да разговарам. Друго, да се видиме на 5 минути пошто јас…

Прв машки глас: Може да се видиме и сакав да ти објаснам се. Види, не можеме да ја кочиме оваа работа. Колку и да разговараме, не може тука да направиме отстапка. Да разговараме за други работи. За Врховен и Кривичен суд не може да разговараме. Затоа што вие ја имате Двојка… да ја имате и Единица… и Единица, и Двојка, и Управен суд, и правобранител, и претседатели на други судови во Источна Македонија, заменик во Врховен, во Апелација – јас мислам дека тука е ситуирана ко никогаш досега. Ако некој има други амбиции, тоа е негов проблем. А знам кои се амбициите таму…

Заев пред објавувањето на овие разговори посочи дека тројца луѓе во Македонија ги влечат сите конци во судството, Никола Груевски, Сашо Мијалков и Гордана Јанкулоска. Тој додаде дека овие луѓе се пазареле, местеле судии и обвинители, а имале и одмазднички планови спрема сите кои не се однесувале сервилно кон нив.

Судството како темел на правдата денеска е со скршена кичма, затоа што дозволи да биде партизирано и да седне во скутот на Власта, вели поранешниот уставен судија Трендафил Ивановски. Тој додава дека судскиот систем се однесува како соучесник во продлабочувањето на кризата. Тој додава дека самата поставеност на судскиот систем не овозможува простор за независност на судот.

Во 2015 година буџетите на судовите и обвинителството се значително пониски од Европскиот просек по глава на жител, но истовремено ЕК наведува дека прашања во врска со ефикасноста покренува фактот што бројот на судиите и судскиот персонал е значително над европскиот просек.

Според Комисијата, подготовката на Стратегијата и акциониот план за реформите во судството 2015-2020 бара посилна политичка поддршка и многу подобра координација меѓу засегнатите страни. Последните измени на законската рамка, се посочува во извештајот, страдаат од несоодветна консултација со правните професии и меѓународни тела од областа.

Во извештајот се вели дека правната рамка за заштита на човековите права во голема мера е усогласена со европските стандарди, но акцентот треба повеќе да биде ставен на нејзиното применување. Кривичниот законик е во согласност со европските стандарди, додека пак, новиот Закон за кривична постапка е со цел да ја модернизира постапката, особено во сложените истраги.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG