Достапни линкови

Дипломатски притисок за одговорност и мир


СДСМ да се врати во Парламентот, а и од партијата очекуваме одговорни постапки, рекоа амбасадорите по средбата со Заев. ДУИ треба да помогне сите погрешни работи кои беа објавени да бидат целосно истражени на транспарентен и кредибилен начин, побараа меѓу другото амбасадорите од Ахмети.

Парламентот останува клучна институција во која опозицијата може да земе учество во истрагата на состојбите, порача дипломатската шесторка по средбата со лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во партиското седиште на СДСМ. На средбата присуствуваа амбасадорот на САД Џес Бејли, на Британија Чарлс Гарет, на Италија Ернесто Масимо Белели, на Франција Лорен Оер, заменикот на амбасадорот на ЕУ Робер Лидл и германската амбасадорка Кристине Алтхаузер. Таа во името на амбасадорите пренесе што му било речено на Заев.

Му порачуваме на Заев дека очекуваме одговорни постапки исто така и од опозицијата. Ја разбираме резервираноста што постои и потребата опозицијата да биде будна до степен од кој ќе може да ја одигра оваа странична улога. Парламентот останува клучна институција во која опозицијата може да земе учество во истрагата на состојбите, така да ја охрабруваме опозицијата да се врати во парламентот.
Кристине Алтхаузер, германска амбасадорка.

„Ја поздравуваме партиципацијата на Зоран Заев во Советот за безбедност во неделата, кој следеше по настаните во Куманово. Му порачуваме на Заев дека очекуваме одговорни постапки исто така и од опозицијата. Ја разбираме резервираноста што постои и потребата опозицијата да биде будна до степен од кој ќе може да ја одигра оваа странична улога. Парламентот останува клучна институција во која опозицијата може да земе учество во истрагата на состојбите, така да ја охрабруваме опозицијата да се врати во парламентот. Ја повикуваме опозицијата да помогне за да се разреши политичкиот ќорсокак и го поддржуваме правoто на мирен и јавен протест“, рече германската амбасадорка пред седиштето на СДСМ.

По речиси двочасовната средба во седиштото на делегацијата на Европската унија во Скопје со претедателот на ДУИ Али Ахмети амбасадорите од најмоќните земји порачаа дека ДУИ треба да го искористи своето влијание, за како што посочија, доброто и иднината на сите македонски граѓани.

Партијата има обврска да помогне во изградбата на државните институции и да осигура дека сите погрешни работи кои беа објавени ќе бидат целосно истражени на транспарентен и кредибилен начин.
Ернесто Масимо Белели, италијански амбасадор.

Во име на амбасадорите на САД, Велика Британија, ЕУ, Германија, Франција и Италија, кои се сретнаа со Ахемти, италијанскиот амбасадор Ернесто Масимо Белели, порача и дека ја поздравиле конструктивната улога која ДУИ ја одиграла за време на викендот вклучително и на Националниот совет за безбедност.

„Се надеваме дека ДУИ ќе продолжи на истиот конструктивен начин да работи со сите страни и институции. Како член на коалиционата влада ДУИ има одговорност за унапредување на демократските вредности и принципи. Партијата има обврска да помогне во изградбата на државните институции и да осигура дека сите погрешни работи кои беа објавени ќе бидат целосно истражени на транспарентен и кредибилен начин. Сега повеќе од било кога се надеваме дека ДУИ ќе зазема став и ќе го искористи своето влијание за доброто и за иднината на сите македонски граѓани“, рече Белели.

Ахмети, пак, ги избегна новинарите и не сакаше да одговори на прашањата поврзани со актуелните случувања.

Истата група амбасадори вчера по средбата со премиерот Груевски побараа преземање мерки и одговорност во врска со содржината од прислушуваните разговори што ги објавува лидерот на опозицијата Зоран Заев.

Генералниот секретар на СДСМ Оливер Спасовски денеска порача дека ќе продолжат со објавувањето на т.н. бомби, а најавениот протест во недела ќе се одржел.

„Мислам дека токму во овие моменти на една длабока политичка криза и на криза од секаков може аспект, граѓаните имаат право да го изразат своето незадоволство па и на ваков еден собир, на мирен протест, на којшто ќе се покаже мислењето на граѓаните во однос на владеењето и на погубните политики кои што ги креира Никола Груевски сиве овие години додека е на власт“, рече Спасовски.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG