Достапни линкови

Иванов - Спречени координирани терористички напади


Знаевме дека групата е сочинета од екстремно криминални поединци со исклучително воено искуство и вештини, рече претседателот Ѓорге Иванов.

Спречена е намерата за координирани терористички напади на различни локации низ државата кои имаа за цел предизвикување сериозна дестабилизација, хаос и страв, а со преземената акција полицијата имаше за цел да спречи и цивилни жртви, рече претседателот Ѓорге Иванов, по седницата на Советот за безбедност која траеше околу два часа.

За оваа група во почетокот на 2015 година писмено информиравме 17 партнерски служби на земјите од Европската унија и НАТО, како и земјите во регионот. Можам да констатирам дека размената на информации, со цел да се изврши превенција на намерите на групата не даде резултат.
Ѓорге Иванов, Претседател на Македонија.

Во изминатиот период имав безбедносни консултации на редовна, но и на вонредна основа, за намерата на оваа група, при што беше констатирано дека оваа група нема поддршка ниту во Република Македонија, ниту во регионот. Знаевме дека групата е сочинета од екстремно криминални поединци со исклучително воено искуство и вештини“, рече Иванов во обраќањето, во кое нагласи и дека претходно за оваа група ги информирале и другите партнери.

„За оваа група во почетокот на 2015 година писмено информиравме 17 партнерски служби на земјите од Европската унија и НАТО, како и земјите во регионот. Можам да констатирам дека размената на информации, со цел да се изврши превенција на намерите на групата не даде резултат“, нагласи шефот на државата.

Официјалните политички претставници овде и во регионот го осудија насилството. Тоа го зајакнува нашето разбирање дека вооружената група во Куманово е изолиран феномен.
Ѓорге Иванов, Претседател на Македонија.

Инаку, додека во тек беше седницата на Советот за безбедност, преку заедничко соопштение Делегацијата на ЕУ, Амбасадата на САД, Мисијата на ОБСЕ и Мисијата на НАТО порачаа дека се надеваат оти ова ќе биде моментот во кој лидерите на земјата заеднички ќе се ангажираат во дијалог за сите прашања со кои се соочува земјата, вклучувајќи ја и долготрајната политичка криза и неопходните реформи.

„Официјалните политички претставници овде и во регионот го осудија насилството. Тоа го зајакнува нашето разбирање дека вооружената група во Куманово е изолиран феномен“, се вели во соопштението.

Иванов, пак, нагласи дека прават сè за да не дојде до дестабилизација на државата и побара поддршка од меѓународната заедница, барајќи од ЕУ и НАТО да се ангажирале за деблокирање на интеграциите, оти, како што рече, статус кво ситуацијата создавала фрустрации.

„Политичкиот дијалог во земјава предолго го нема. Крајно време е лидерите на политичките партии да почнат да разговараат и да бараат решенија за политичката криза“, рече претседателот Иванов.

На седницата на Советот, пак, покрај членовите - претседателот Иванов, претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, премиерот Никола Груевски и министрите за одбрана, внатрешни и надворешни работи, Зоран Јолевски, Гордана Јанкулоска и Никола Попоски, како и трите члена Вели Креци, Флора Кадриу и Насер Сејдини, присуствуваа и лидерот на СДСМ Зоран Заев, а ДУИ и ДПА ги претставуваа Талат Џафери и Имер Алиу.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG