Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, неговиот коалициски партнер лидерот на ДУИ Али Ахмети и првиот човек на Собранието Трајко Вељаноски, десет дена откако пет новинарски организации побараа средба со нив, не одговориле на поканата. Груевски и Вељаноски, како што вели претседателот на ЗНМ Насер Селмани, го игнорирале нивното барање, а Ахмети ги известил дека немал време да разговара за медиумските реформи.
Со одбивање на дијалогот како средство за решавање на проблемите во општеството, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ покажуваат дека немаат демократски капацитет да се справуваат со предизвиците.Насер Селмани, ЗНМ.
„Со жалење констатираме дека власта одбегнува сериозни разговори за медиумските реформи. Минимум политичката култура налага ВМРО-ДПМНЕ и спикерот Вељаноски да одговорат на нашето барање за средба, каков и да биде одговорот. Граѓанските организации и партиите може да имаат различни ставови за поедини прашање, но во демократија е незамисливо тие да не разговараат. Со одбивање на дијалогот како средство за решавање на проблемите во општеството, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ покажуваат дека немаат демократски капацитет да се справуваат со предизвиците“, рече Селмани во име на петте организации.
Тој нагласи дека ја повикуваат власта да ги исполни преземените обврски од договорот во Пржино и да не поднесува парцијални решенија во Собрание кои нема да ја подобрат состојбата со слободата на медиумите, а опозицијата ја повика да ги повлече од собраниска процедура законските измени за укинувањето на радиодифузната такса, сè додека не се постигнел партиски консензус за сите прашања. Селмани нагласи и дека ќе се спротивстават на секој обид, со козметички измени на медиумското законодавство, партиите да глумат медиумски реформи.
„Во постојана координација сме што потоа, не се исклучува можноста да организираме протести или друг вид јавни акции за презентирање на нашите барања и за поткревање на јавната свест за потребата од промени во медиумскиот сектор и медиумски реформи“, рече Теофил Блажевски од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.
ЗНМ, Синдикатот на новинари, МИМ, Советот за етика и Институтот за комуникациски студии бараат забрана за владините реклами, независен јавен сервис, професионален медиумски регулатор, помали казни и обврски за приватните национални телевизии, како и поотворени јавни институции. Тие официјално побараа средби со лидерите на партиите потписници на договорот од Пржино за да разговараат за застојот на преговорите за медиумските реформи. Досега се сретнаа само со лидерот на СДСМ, Зоран Заев, а претседателот Ѓорге Иванов им закажал средба за в петок. Од ДПА, како што рече Селмани, ја потврдиле средбата, но немале конкретен термин.
Во меѓувреме, сомнежи дека нешто се случува зад сцената предизвика интервјуто на министерката за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска, која за Радио Слободна Европа рече дека веќе се договорени финансирањето на владините кампањи, на МРТВ и казнената политика на Агенцијата за медиуми. Следуваа и информации дека ДУИ ќе поднесе закон поврзан со медиумите во Собранието, но СДСМ демантираше дека постои каков било договор за медиумите на кој тие се согласиле.