Достапни линкови

„Кралски игри“ премиерно во Народен театар - Битола


Претставата „Кралски игри“, работена по текст на современиот руски драматург Григориј Горин, во режија на Љупчо Ѓорѓиевски, премиерно ќе биде изведена овој петок, на 4 март, на сцената на Битолскиот народен театар. Станува збор за приказна за еден владетел-апсолутист кој во своите раце ја прибира целокупната световна, духовна и материјална власт.

По „Парови“ од Миро Гавран во Народниот театар во Штип, обновата на „Чија си“ од Сашко Насев во Драмски театар, „Смртта на трговскиот патник“ од Артур Милер во Народен театар-Битола , „Крвави свадби“ од Лорка во театарот „Антон Панов“ во Струмица и „Таткото“ во Драмскиот куклен театар во Враца, соседна Бугарија, сите во последниве неколку години, режисерот Љупчо Ѓорѓиевски на матичната сцена се зафати да го исправи сценскиот спектакл „Кралски игри“ работен според текстот на современиот руски драматург Григориј Горин.

Премиерата на претставата е закажана за в петок, на 4 март, а Ѓорѓиевски вели дека авторот во овој текст се занимава со една исклучителна историска тема. Со сторијата за англискиот крал Хенри Осми и неговата голема љубов Ана Болејн. Појаснува дека таа тема не е значајна само по нивната љубов, туку поради фактот што поради неа тој ја менува англиската црква. Ја одвојува од Римската и формира нова Англиканска црква.

„Со тој чин Хенри Осми не само што ја имаше во себе световната власт, во свои раце ја зема и целокупната духовна власт, а со тоа и целокупното богатство. Значи, станува исклучителен монарх, апсолутист со една бескрајна моќ. Во таа моќ поданиците веќе немаат право на ништо. Немаат право да говорат, немаат право да чувствуваат, имаат право само да молчат и тоа кога молчат тоа молчење треба да биди од посебно значење. Но за да се воспостави една таква апсолутистичка власт мора да има поданици. Значи, еден таков апсолутист нити можи да се роди, нити може да вирее ако нема наоколу погодна почва за тоа. Тоа е она со кое точно се занимава претставата. Со оние кои чекаат од трпезата на власта да паднат неколку ронки и да ги зграбат. И сето тоа додека власта им служи. Во оној момент кога на тие поданици власта не им служи избираат нов монарх, слават нова личност и повторно и повторно се стремат кон истата цел – да зграпчат барем дел од тој колач наречен власт“, истакнува Ѓорѓиоски.

Режисерот ќе рече дека со ова очебијно е дека тие се занимаваат со нашето современие и дека театарот не може и не смее да биди аполитичен.

„Театарот е несомнено политички чин, но да се разбереме – претставата не е правена за никаква дневна политика или дневни случувања на нашево современие, затоа што сето ова што го реков во неа е прекршено низ конкретни човечки судбини. Сета таа приказна ја носат конкретни луѓе. Со конкретни судбини. Како врз нив се прекршува жедта за власт и што тие прават за да преживеат. Ете тоа ме интересира во „Кралски игри“. “

Во овој прв проект на Битолскиот народен театар годинава настапуваат 17 актери на ансамблот меѓу кои Слободан Степановски, Соња Михајлова, Викторија Степановска Јанкуловска, Катерина Аневска, Борис Чоревски, Митко С.Апостоловски, Иван Јерчиќ, Борче Ѓаковски и други, а ликот на Хенри Осми го толкува Петар Горко.

Говорејќи за актуелната улога тој забележува дека повторно ќе го отелотвори монархот Хенри Осми, но овојпат наместо на Шекспир оној на Григориј Горин. Дека станува збор за човек најмногу познат по формирањето на Англиканската црква, љубовта кон Ана Болин и како татко на првата жена наследничката Елизабета Прва. Човек со многу негативности во себе. Бескрупулозен, но од друга страна поет, музичар, вљубеник во жените -мал шест жени и некаде 14 деца ... „нешто неспоиво со него и што би го допрело како актер да го работи во една претстава“.

„Со режисерот Ѓорѓиевски со кого имаме прекрасна соработка во последниве 25 години успеавме да направиме нешто што за прв пат го правам. Да изиграм еден лик кој е коментар. Не карактер, не емоционален тип ...туку коментар на коментарот, на коментарот...А сето тоа носи едни фантастични решенија кои што ме прават импозантен на сцена и да се чувствувам благодарно и прекрасно во ова што го толкувам.

Во целата таа заложба многу придонесоа сценографијата која што е огромна и фантастична, музиката и костимите и сето тоа е споено во една претстава која се надевам дека допрва ќе почне да живее како врвен квалитет. Нешто што е продукт на нашиов театар кој секогаш тежнеел кон високите уметнички вредности и кој заслужува да биде виден од што поголем број на публика во земјава и надвор од неа. “

Инаку, преводот на текстот од руски на македонски јазик го направи Оливера Павловиќ, костимографијата е на Андреј Ѓорѓиевски, музиката е на Марјан Неќак, а сценографијата на Валентин Светозарев кој со „Кралски игри“ одбележува убав јубилеј, 100-та претстава во која ја потпишал сценографијата на матичната сцена во Битола.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG