Достапни линкови

Шекспиров викенд во Битола


Со изведбата на „Хамлет“ на славниот лондонски Глоуб театар во античка Хераклеја и премиерата на претставата „Отело“ што на сцената на Народниот театар ја постави потентниот словенечки режисер Диего де Бреа, овој петок и сабота, ќе се одржи Шекспировиот викенд во Битола. Ова случување не само што го чествува делото на големиот англиски и светски драматург, туку на повидок ја изнесува заложбата на тамошните театарски дејци за културна комуникација и засилен пробив на европската сцена.

Театарска Битола деновиве наново ќе го чествува творештвото на големиот Шекспир. Во градот под Пелистер, како една од малкуте балкански станици во рамките на светската турнеја со која се одбележува 450 годишнината од раѓањето на славниот драматург лондонскиот Глоуб во амфитеатарот во Хераклеја ќе ја прикаже „Хамлет“ на Доминик Дромгул и Бил Бакхарст, а Народниот театар, сопствениот Шекспиров викенд, ќе го заокружи со премиерата на претставата „Отело“ во режија на гостинот од Словенија – Диего де Бреа.
Се надевам дека интересот во Битола за гостувањето на театарот „Глоуб“ ќе биде огромен затоа и ја преместивме претставата во локалитетот Хераклеја каде што очекуваме амфитеатарот да биде исполнет до последното место.
Валентин Светозарев, директор на НУ Народен театар – Битола,


„Се надевам дека интересот во Битола за гостувањето на театарот „Глоуб“ ќе биде огромен затоа и ја преместивме претставата во локалитетот Хераклеја каде што очекуваме амфитеатарот да биде исполнет до последното место, а метеоролозите најавуваат убаво време што е и најголемиот предуслов сето да тоа добие убав епилог“, вели Валентин Светозарев, директор на НУ Народен театар – Битола, организаторите на Шекспировиот викенд и првиот човек на еден од трите балкански ансамбли кој ( со „Хенри VI – трет дел) имал можност да игра претстава на сцената на театарскиот храм крај Темза.

Тој дополнува дека истата вечер, на 6 јуни, тие со „Хеда Габлер“ во режија на Ѕвезда Ангеловска, го отвораат театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, а не ја крие и радоста што веќе наредниот ден, во сабота на 7 јуни, во матичната куќа ќе им се случи премиерата на „Отело“ што како своја прва претстава во Македонија ја работеше славниот Диего де Бреа, кој со своите зафати во последниве неколку години силно го предизвика внимането не само на регионалната, туку и на европската критика и театарска јавност .
За мене како режисер секогаш предизвик е сензацијата на сцената и затоа им дадов максимален простор на актерите. Воодушевен сум од мотивираноста на битолските глумци и верувам дека ќе имаме прекрасна премиера“, истакнува
Диего Де Бреа, режисер.

Во овој проект на битолскиот театар Борче Ѓаковски ја толкува насловната улога, Марјан Ѓоргиевски е Јаго, а настапуваат и актерите Катерина Аневска, Иван Јерчиќ, Никола Пројчевски, Валентина Грамосли, Петар Горко и Илина Чоревска.

„Во овој проект најмногу се бавевме со работата на глумците. Ги баравме тие внатрешни конфликти. Не избегнуваме никаков концепт, туку се обидувавме да претставиме работи што реално се случуваат во светот во кој живееме. Сакавме да покажеме како некои луѓе кои имаат моќ, всушност ја немаат на сите нивоа и оние што сакаат да го уништат тоа всушност го уништуваат она што најмногу го сакаме. Тоа значи дека таму е најчувствителната точка и местото каде што повеќе не сме цивилизирани, туку анимални“, вели Де Бреа.
Диего де Бреа, режисер.
Диего де Бреа, режисер.

Тој дополнува дека оваа приказна говори за една голема љубов во едно семејство кое има сè, но е чувствителна токму на тоа ниво.

„Во тие односи, и човек кој го губи тоа некое свое место во општеството, својата работа, што често се случува денеска, тогаш удира на најранливото место за да предизвика уништување. Овој текст едноставно покажува дека и најмоќните луѓе имаат чувствително место каде што можеме да ги скршиме. Со него се развива една несекојдневна приказна за тоа како еден човек кој има целосна контрола влегува во параноидна состојба, се соочува со љубомора и на крајот завршува трагично, што всушност е дел од мајсторството на Шекспир. За мене како режисер секогаш предизвик е сензацијата на сцената и затоа им дадов максимален простор на актерите. Воодушевен сум од мотивираноста на битолските глумци и верувам дека ќе имаме прекрасна премиера“, истакнува Де Бреа.

Инаку „Отело“ ќе биде составен дел на програмите на претстојниот „Битола – Шекспир фестивал“, на годинешното „Охридско лето“ и сличните културни манифестации во земјава, а Светозарев информира дека за претставата се пристигнати и покани за гостување во соседните Албанија и Србија. Тој потенцира дека во текот на наредната година, кога ќе имаат готов производ, претставата како дел од т.н „фестивалски репертоар“, дефинитивно ќе се игра и во некој од европските културни центри и најавува неколку нови интересни копродукциски проекти.

„Ние во октомври гостуваме во националниот театар во пекинг со претставата „Хенри VI“. Тоа само ја потврдува нашата амбиција да бидеме присутни насекаде низ светот и во името, повторно на тој Шекспир и на нашиот „Шекспиров фестивал“ ја најавивме и ќе ја официјализираме копродукцијата со театарот „Ла Мун“ од Санта Барбара, Калифорнија, а искрено верувам дека многу скоро ќе се случи и копродукцијата со Глоуб театар за која многу долго, долго разговараме. “
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG