Достапни линкови

Аферата Елсинор на Георгиевски – Дијалог со Шекспир во вид на пиеса


Со премиерната изведба на „Аферата Елсинор“, в среда на 12 февруари во МНТ од 20 часот, професор Љубиша Георгиевски одбележува два големи јубилеи – 77 години од животот и 55 години творештво. Во пиесата, која всушност ја чинат три претстави во само два часа, водејќи дијалог со Шекспир – тој вели дека открива една голема тајна, а публиката ја кани и овојпат да го допише неговиот проект.

Што се однесува до самиот текст, јас би го нарекол – дијалог со Шекспир во вид на пиеса на тема „Случајот Елсинор“. Вака авторот и режисер Љубиша Георгиевски ќе го започне своето кажување во пресрет на премиерата на „Аферата Елсинор“, претставата со којашто тој одбележува два јубилеја - 77 години од животот и 55 години уметничко творештво. Тој дополнува дека според пиесата „Хамлет“ на Шекспир, во Елсинор има најмалку пет или шест видливи трупови и затоа самата претстава е еден обид на форензичка анализа да се види кој, како и зошто загинал таму каде што има многу замешателства и за каде се вели дека има една голема тајна.
Да се прераскажи Хамлет за два саати е навистина подвиг и ве молам да ми верувате на тоа.
Љубиша Георгиевски, режисер.

Режисерот Љубиша Георгиевски.
Режисерот Љубиша Георгиевски.
„Структурата на претставата е тројна. Публиката ќе види три претстави во едно и замислете само за два часа. Тоа е една телеграфска претстава која нема да тврди дека водата е водена и дека од неа може да се настине, дека водата може да смрзне и т.н. Туку ќе речи вода, па потем нешто друго. Она е синкретичка и телеграфска. Да се прераскажи Хамлет за два саати е навистина подвиг и ве молам да ми верувате на тоа“, вели тој.
За прв пат во мојот актерски живот дојдов до ситуација да ми се лоши од ликот што го толкувам. Да не можам да го играм.
Ѓорѓи Јолевски, актер.

Георгиевски потенцира дека станува збор за рашомонијада во која првиот дел е според исказите, мислењата, дневниците, актите и сведочењата на Клаудиј – кралот на Данска кој и сам на крајот е жртва, вториот се потпира на изјавите и сведочењата на кралицата Гертруда и третиот, според изјавите, сведочењата и делириумите на Офелија во лудницата.

„Публиката ја повикувам не да сеири, ами да ми ја доврши претставата. Како што впрочем, ме знаат постарите меѓу вас, дека јас ниту една претстава не сум успеал да завршам. Не дека не сум сакал, не сум можел. Публиката ја довршувала, на овој или на оној начин. И таа публика што не го има читано „Хамлет“, потполно невина, ќе гледа една пиеса за родоскверни чифтосувања, за подметнувања во борбата за власт, за дворски интриги, за заривања на ножеви во грб, со еден збор за тоа како Шекспир си го вадел лебот театарски“, веи Георгиевски.

Во „Аферата Елсинор“ настапуваат Владо Јовановски, Ирена Ристиќ, Јордан Симонов, Искра Ветерова, Борче Начев, Магдалена Ризова Черних, Гораст Цветковски и други, а Ѓорѓи Јолевски, кому по деценија и половина откако го одигра Хамлет во Драмски театар сега му е доверена улогата на Полониј – маршал на дворот на Данска и татко на Офелија (та дури се испоставува во случајов и на Хамлет), вели дека бил актер во еден луд концепт кој го вовлекол „во центрифугата на светското лудило и политика, на големите трагедии, но дадени преку една неверојатна форма која што понекогаш доведува и до гротеска“.

„За прв пат во мојот актерски живот дојдов до ситуација да ми се лоши од ликот што го толкувам. Да не можам да го играм. Имаше еден период во процесот на работа кога не можев да излезам на сцена затоа што толку ми се гадеше од постапките и принципите кои што Полониј ги има како стратегија на неговото живеење“, вели Јолевски.

Сценографијата во претставата е дело на Мери Георгиевска („транс-историски концепт“ во чист метафизички – аскетски театар), костимите ги направи модниот креатор Никола Ефтимов кому ова му е прв театарски проект во кариерата (потпишал внатрешен интимен дијалог за облеката не само во контекст на пиесата туку и пошироко – на нас како конзументи), изборот на музика го сторил авторот на проектот, а помошник во режијата била Изабела Новотни.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG