Достапни линкови

Мултимедијална прослава на седумте децении на МНТ


Вечната куќа, театарска претстава.
Вечната куќа, театарска претстава.

Со отворањето на големата изложба на костими, скици од сценографии и реквизити напладне и со вечерната изведба на „Вечната куќа“, претставата со којашто беше отворен новиот објект, овој петок, на 3 април, ќе започнат безмалку тримесечните активности со кои Македонскиот народен театар ќе ги одбележи 70-те години од своето постоење. Во рамките на големата прослава е планирано да се одржат и гостувања на театрите од земјава, премиера на Малата сцена, јавно читање на драмски текст и второто издание на меѓународниот фестивал на нашата национална театарска куќа.

Во петок, на 3 април, се навршуваат 70 години од денот кога драмскиот ансамбл ја одиграл првата претстава „Платон Кречет“ од советскиот драматург Александар Корнејчук, во превод на Блаже Коневски и режија на Димитар Ќостаров.

Размислувавме како да го направиме тоа, дали треба да правиме патетична слика за тоа што е Македонскиот народен театар и сфативме дека, всушност, овде создаваме големи работи и треба да го посветиме тоа на нашата публика, на медиумите, на пријателите на МНТ, особено на сите вработени во куќата и на сите оние што на некој начин учествувале во каков било сегмент и било колку во создавањето на историјата на Македонскиот народен театар.
Дејан Лилиќ, директор на МНТ.

По тој повод Македонскиот народен театар својот голем јубилеј ќе го одбележи со низа активности кои ќе се одвиваат во претстојните два и пол месеца.

„Размислувавме како да го направиме тоа, дали треба да правиме патетична слика за тоа што е Македонскиот народен театар и сфативме дека, всушност, овде создаваме големи работи и треба да го посветиме тоа на нашата публика, на медиумите, на пријателите на МНТ, особено на сите вработени во куќата и на сите оние што на некој начин учествувале во каков било сегмент и било колку во создавањето на историјата на Македонскиот народен театар. Свеченоста во петок ќе биде наша благодарност на сите кои се од МНТ кон онаа друга страна на рампата или на бариерата“, вели Дејан Лилиќ, директор на МНТ.

Во изминатите две години, откога започнавме, музејот на МНТ има собрано, евидентирано и дигитализирано над 15 илјади предмети и документи. Така што, ќе имаме огромна изложба која ќе биде на трите ката во МНТ и притоа сакаме со гордост да потенцираме дека тоа е само еден мал дел кој ќе покаже оваа изложба.
Дејан Пројковски, уметнички директор на МНТ.

Од таму, сосема разбирливо е што официјалностите ќе започнат напладне со перформанс и со отворање на изложбата на која е предвидено да бидат презентирани оригинални уметнички дела, сценографски и костимографски скици, фотографии, артефакти, програми, парчиња сценски мебел и оригинални костими, лични предмети на истакнати македонски актери, танчари и пејачи, а за чиј концепт се погрижи театралогот Јелена Лужина.

Сон на летната ноќ, театарска претстава.
Сон на летната ноќ, театарска претстава.

„Во изминатите две години, откога започнавме, музејот на МНТ има собрано, евидентирано и дигитализирано над 15 илјади предмети и документи. Така што, ќе имаме огромна изложба која ќе биде на трите ката во МНТ и притоа сакаме со гордост да потенцираме дека тоа е само еден мал дел кој ќе покаже оваа изложба. Инаку, Музејот на МНТ е конципиран како евидентно пост-модерен музеј чија стална поставка ќе биде исклучително динамична и интерактивна комбинација од реални музејски предмети, артефакти и документи, но и од поголемо количество на дигитални презентации низ кои приказните за македонското театарско минато ќе функционираат како голема мултимедијална презентација со практично неограничени можности за пребарување и истражување. Работен наслов на овој темелен музејски проект е „Клик театар“, појаснува уметничкиот директор и режисер Дејан Пројковски, со чија претстава „Вечната куќа“, во вечерните часови, симболично ќе биде побарана врската со минатите значајни датуми и најавен театарскиот маратон.

По нејзиното прикажување, МНТ ќе ги отвори своите порти и за националните театри од земјава на тој начин креирајќи и своевиден фестивал на домашните сценски дострели. Во првиот дел од гостувањата (од 4 април до велигденските празници), на обете сцени во МНТ, предвидено е да бидат изведени „Каренина - мејд ин Маседониа“ на Битолскиот театар, „Лисистрата“ на Театар Комедија, „Лулка“ на Народниот театар Штип, „Приказни од 6-от кат“ на Велешкиот театар, шекспировата „Сон на летната ноќ“ во две видувања – на Турскиот и Прилепскиот театар, „Предавање“ на Албанскиот театар, „Детектор за лаги“ на Народниот театар Охрид и „Живот во тесни чевли“ на Драмскиот театар-Скопје.

Понатаму се очекува да бидат претставени и проектите на Народниот театар од Куманово, Театарот „Антон Панов“ од Струмица и на дел од независните продукции и академии, а билетите за посетителите ќе бидат со симболична цена од 100 денари.

По пример на големите светски театарски куќи, во рамките на јубилејот, ќе се случи и јавно читање на драмскиот текст „Утерус“ на Дејан Дуковски во режија на Нина Николиќ, а на 16 април на малата сцена премиерно ќе биде изведена претставата „Тероризам“ во која како режисер по прв пат ќе се потпише актерот Јордан Симонов.

Инаку, во пресрет на јубилејот, во овие два дена, актерите на МНТ ќе посетат установи за деца без родители (Домот „11 Октомври и СОС Детско село), лица со посебни потреби и старечки домови. За децата ќе го изведат перформансот „Принцезата Сиси“, а за слепите и за старите лица ќе читаат француска и полска поезија. Згора на ова, со нагласена љубопитност се очекува и второто издание на меѓународниот фестивал на МНТ, кое во периодот кога се слави големиот јубилеј (почнувајќи од 27 мај), е најавено дека ќе претстави значајни и респектабилни проекти од театарските куќи во западна и источна Европа.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG