Јас со оваа претстава се обидувам да ја истражам историјата на Солун. Се разбира не детално, туку во периодот од 1430 година, па сè до депортацијата и холокаустот на 45 илјади солунски Евреи во логорот Аушвиц и тоа како од еден главно еврејски, потем мултикултурен, станал доминантно грчки град.
Мислам дека просто задача треба да ни биде да го запознаеме подобро Балканот за да се разбереме и себе си. Тоа се некои мои длабински истражувања, ако така можам да ги наречам последниве години, коишто повеќе дојдоа како резултат на некои недефинирани енергии отколку на некаков баш јасен план.Слободан Унковски, режисер.
Ова ќе го забележи режисерот Слободан Унковски во пресрет на праизведбата на претставата „Солун – град на духови“, работена по текст на Русомир Богдановски, инспириран од истоимената книга на Марко Мазовер, што во продукција на Театарот на Навигаторот Цветко, се обистинува вечерва на 2 март во Музејот на холокаустот на Евреите од Македонија.
Говорејќи за проектот, Унковски нагласува дека за него било поважно да ја прикаже важноста на Солун за цела Македонија, притоа мислејќи на целиот регион.
„Тоа беше едно возбудливо патување бидејќи дознавме многу, многу нови факти и направивме една претстава којашто историјата ја прави емоционална, којашто ја прави возбудлива. И на некој начин мислам дека просто задача треба да ни биде да го запознаеме подобро Балканот за да се разбереме и себе си. Тоа се некои мои длабински истражувања, ако така можам да ги наречам последниве години, коишто повеќе дојдоа како резултат на некои недефинирани енергии отколку на некаков баш јасен план“, вели Унковски.
Убеден сум дека е добро тој комплекс на македонското прашање на Балканот или во големава Македонија да се истражи, да се испита и да се видат аспектите. И самиот сум многу љубопитен до каде ќе дојдеме со тоа истражување и што конечно ќе пронајдеме. Во секој случај сметам дека темата заслужува истражување и дека е возбудлива и тоа ме држи радосен бавејќи се со овие навистина тешки прашања.Слободан Унковски, режисер.
За оваа документарно-играна драма на Богдановски, возбудлива по настаните, судбините на луѓето и течењето на времето, режисерот одбра млада екипа во која се актерите Симона Димковска, Ивана Павлаковиќ, Наталија Теодосиева, Стефан Вујисиќ, Мартин Манев, Горан Ников и Владимир Петровиќ. За нив професорот Унковски знае да каже дека се извонредно талентирана група на глумци, актери коишто се и ќе бидат иднината на македонскиот театар и кои, конечно, со многу жар влегле во темата.
„Тие навистина се една нова енергија во македонскиот театар и ќе бидат и понатаму. Не мислам дека со оваа претстава тоа е исцрпено. Исто така таа нова енергија е врзана и со новото регрупирање на нашите односи на Балканот и дека на некој начин мораме да се отвориме, да ги разбереме другите, да осознаеме повеќе за другиот за да можеме да комуницираме понатаму. Мислам дека е недозволиво да трае тој застој, таа мртва точка во взаемните односи. На пример меѓу Македонија и Грција. Тоа не е добро за никого“, вели Унковски.
Во дослух, пак, со иницијалната идеја, особено е бележита и оригиналната музика за „Солун град на духови“ на Златко Ориѓански со кого Унковски, патем, соработуваше и на „Огнени јазици“ што по текст на Горан Стефановски, пред две години, осамна на сцената на Драмски театар. Во случајов, следствено сопствената промисла за спецификите на македонскиот музички јазик и неговото допирање и вкрстување со останатите од овој дел на светот, впрочем богатата балканска традиција, Ориѓански потпишува звучна слика чија употребна вредност со ништо не ќе може да се ограничи.
„Солун – град на духови“ инаку е замислена како театарска трилогија која е замислено да ги опфати и проектите „Лерин – полиња жито, ридишта крв“, чија реализација е планирана за годинава и „Скопје - Скопје“ во 2016.
Појаснувајќи го ова, Унковски ќе каже дека мислел оти би било интересно „да направи едно патување од Солун до Скопје преку Лерин, преку македонските прашања за време на Граѓанската војна во Грција“.
„Убеден сум дека е добро тој комплекс на македонското прашање на Балканот или во големава Македонија да се истражи, да се испита и да се видат аспектите. И самиот сум многу љубопитен до каде ќе дојдеме со тоа истражување и што конечно ќе пронајдеме. Во секој случај сметам дека темата заслужува истражување и дека е возбудлива и тоа ме држи радосен бавејќи се со овие навистина тешки прашања“, вели Унковски.