Достапни линкови

Маријан Ѓорѓиевски - „Кокошка“ е актерска претстава


Актерот и стендап комичар Маријан Ѓорѓиевски, како магистерски труд, на сцената на Народен театар – Битола, ја поставува претставата „Кокошка“, еден од најпоставуваните текстови на современиот руски драматург Николај Кољада. Премиерната изведба на овој камерен проект е најавена за понеделник, на 9 февруари, а во ова негово деби режисерско видување играат актерите Јулијана Мирчевска, Катерина Аневска, Соња Ошавкова, Александар Димитровски и Никола Пројчевски.

Читав многу дела пред да се одлучам што е она што би го работел и некако заглавив кај текстовите на Николај Кољада. Ми се чини дека го препознав тој сензибилитет на авторот многу близок до актерите и кога продолжив да буричкам низ неговиот драмски опус видов дека тој не само што е драматург, туку е и режисер, актер и има своја трупа, свој театар во Екатеринбург, во Русија, во кој сем неговите драми на нивен начин ги играат и класиците како „Хамлет“, „Крал Лир“ и други.

Правејќи паралела со она што нам овде кај нас ни се случува во денешницата доаѓаме до сознание дека и ние остануваме како некои мали палјача кои постојано само фантазираат и умислуваат дека прават нешто во своите единствени животи.
Маријан Ѓорѓиевски, режисер.

Вака актерот, стендап комичар и сега режисер Маријан Ѓорѓиевски ќе ја започне сторијата во пресрет на премиерната изведба на „Кокошка“, еден од најпоставуваните текстови на современиот руски драматург Николај Кољада, што треба да се случи овој понеделник, на 9 февруари, во Народен театар – Битола како еден од двата камерни проекти во продукција на оваа наша национална установа.

Основната задача на актерот е да игра, а тоа некако во последно време го забораваме и се опиваме од големите концепти на режисерите.
Маријан Ѓорѓиевски, режисер.

Тој дополнува дека текстот е напишан во осумдесеттите години на минатиот век (поточно во 1989), во еден подолг транзициски период за земјата, за луѓе кои упорно и секојдневно мечтаат за еден подобар, посреќен живот. За актери кои сонуваат за тоа да направат една виша уметност, а живеат еден банален, здодевен, монотон живот во својот провинциски театар во Дошатов, Русија. Всушност она што го мечтаат никогаш не го исполнуваат и затоа постојано тапкаат во место.

„Сцените од животот на ликовите се како слики од рапав мозаик. Луѓето од едно мало зафрлено гратче копнеат по љубов и решаваат од својот живот да направат театар, а од театарот - живот. Ја прифаќаме сегашноста како нешто привремено и не ја сметаме за ништо друго освен како пат на исполнување на нашата цел. Затоа, повеќемина на крајот на животот, обѕрнувајќи се, сфаќаат дека го проживеале без да почувствуваат дека го вкусиле и ќе бидат изненадени кога ќе воочат дека она што го пропуштиле бил токму животот. Правејќи паралела со она што нам овде кај нас ни се случува во денешницата доаѓаме до сознание дека и ние остануваме како некои мали палјача кои постојано само фантазираат и умислуваат дека прават нешто во своите единствени животи“, вели тој.

Говорејќи за својата одлука да се проба на едно друго поле, Ѓорѓиевски појаснува дека често пати се случува да прават претстави во нашите театри исклучиво со луѓе коишто се режисери и кои доаѓаат со некакви „концепти“. Вели дека тие опиени од одамна заборавениот пост-модернизам во Европа ги тераат актерите да се чувствуваат единствено како марионети, да бидат „во функција на тој голем режисерски концепт“. Смета дека на тој начин тие немаат простор за играње и дека се задушени во таквите режисерски замисли.

„Мене, на некој начин, поривот ми беше да направам претстава кадешто актерите ќе бидат живи. Ќе живеат вистински актерски живот. Каде што реално ќе живеат. Основната задача на актерот е да игра, а тоа некако во последно време го забораваме и се опиваме од големите концепти на режисерите. Инаку, ова е и мојата магистерска претстава на Факултетот за драмски уметности во класата на професорот Слободан Унковски“, вели Ѓорѓиевски.

Но, иако има некои планови, актерот и сега веќе новопечен режисер не е сигурен дека настојчиво ќе се држи до идејата да го стори пробивот и на ова тло. Истакнува дека бара самомислечки луѓе со кои би сакал да работи во иднина. Ова го илустрира со фактот дека и самата екипа за „Кокошка“ е „малку зачудна“. Вели дека Јулијана Мирчевска, која го толкува ликот на Ала Ивановна Кострова, веќе две и пол години не играла во театарот и дека со оваа улога им се враќа на штиците што значат живот и дека имаат и еден актер гостин.

„Многу ми е битна таа екипа којашто ќе се создаде во самиот процес на креација. Се надевам дека и натаму ќе продолжам да работам како режисер, но не го знам вистинскиот пат и начин на којшто функционираат тие работи. Јас сум актер и веќе пет години интензивно играм во претстави во Битолски народен театар. Затоа чувствувам огромна благодарност до раководството на оваа наша институција што несебично ми ја пружија таа можност, а еве сега застанаа со целиот капацитет и зад овој проект, но сепак ќе речам дека начинот како функционираат тие задкулисни игри ми е малку непознат и се впуштам единствено во креативната работа, во она што ми е самата претстава“, вели Ѓорѓиевски.

Инаку, во неговото видување Кољадината комедија „Кокошка“, сем Јулијана Мирчевска, играат Катерина Аневска, Соња Ошавкова, Александар Димитровски и Никола Пројчевски. Драматург е Оливера Павловиќ, сценограф Валентин Светозарев, за костимите се погрижи Благој Мицевски, а за светлото Димче Спасевски.

Кон ова само уште информацијата дека собраните средства од премиерата и серијалот театарски презентации на овој најнов проект, НУ Народен театар - Битола ќе ги донира во фондот за настраданите подрачја од поплавите.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG