Достапни линкови

„Ќе има (ли) војна“ во битолски Интимен театар


„Ќе има (ли) војна“ е насловен перформансот на актерката Ивана Атанасова, што овој петок, на 5 февруари, во 20 часот ќе ѝ биде претставен на публиката во независниот битолски Интимен театар. Во оваа едночинка, таа се прашува што се случува кога една ваква значајна изјава што најавува општа и неизбежна опасност ќе биде изговорена гласно.

По априлската праизведба и неколкуте репризи во Автономно културен социјален Центар (АКСЦ), потем оние за време на Студентската окупација на Филозофскиот факултет, на фестивалот БОШ во Гевгелија, на манифестацијата „Бела ноќ“ и конечно во скопскиот клуб „Менада“, Ивана Атанасова со кратката театарска фантазија „Ќе има (ли) војна“ патува во Битола.

Оваа силна изјава за мене е само една потврда за она што уметникот може како интуиција да го носи во своето креациско дело, така што театарот или ако сакате воопшто уметноста знаела на некое интуитивно ниво да ги чувствува работите, меѓутоа и да биде предвесник.
Ивана Атанасова, актерка.

Средбата со публиката е планирано да се одржи во Интимен театар, а и во оваа пригода, 12-та по ред, ќе биде поставено прашањето што се случува кога една ваква значајна изјава што најавува општа и неизбежна опасност ќе биде изговорена гласно.

„Ќе има (ли) војна“, како што пишува Атанасова, е 30-минутна едночинка, којашто посочува со прст кон толпата и нејзината масовно хистерична моќ, а истовремено го преиспитува индивидуалецот. Во неа ги гледаме неговите борби и падови, камшиците на сметка на индивидуалноста, лузните од кажаното, гневот свртен кон себеси и борбата да се надмине сето тоа, барајќи го најсоодветниот одговор со кој тој, уметникот, располага - креацијата.

Таа истакнува дека перформансот има таков концепт да сам по себе се ваја и зависи пред сè од реакцијата на присутната публика. Дека многу е битна токму повратната информација што актерот или перформерот ја добива. Дополнува дека, како што се развивал, така станувало сè поинтересно прашањето дали тој носи нешто или е само потврда на некоја општа ситуација, не само од локални, туку и од глобални рамки.

„Оваа силна изјава за мене е само една потврда за она што уметникот може како интуиција да го носи во своето креациско дело, така што театарот или ако сакате воопшто уметноста знаела на некое интуитивно ниво да ги чувствува работите, меѓутоа и да биде предвесник. Не е дека ние сега нешто предвестуваме со оваа изјава којашто во претставата се користи и за една друга намена, но овде сакам да ја нагласам пасивноста на публиката и нагласувајќи го тоа, јас всушност дојдов до моментот дека една толку силна изјава може да повлече и други работи“, вели Атанасова.

Актерката појаснува дека контактот со публиката многу ѝ значи. Особено на едно лично ниво, бидејќи секој од присутните знае да ја вметне сопствената приказна низ призмата на една раскажана болка.

„Приказната е ставена на тацна. Тука е. Сè се гледа, сè* може да се прочита и секој може да бира колку ќе се внесе, колку сака да размисли, колку прашалници сака да си постави, па дури ако сакате и ќе сочувствува. Тоа мене апсолутно ми ја менува креацијата во една позитивна смисла, затоа што фидбекот е направен, така што јас знам и во моментот како ќе го извајам нештото, но и дека за наредниот пат може да се роди некоја нова идеја која што може да го надополни перформансот“, вели актерката.

Вели дека ѝ се битни позитивните реакции, не само на оние на кои директно им се обраќа, туку и на сите кои ја крепат оваа форма на театарско дејание, на оваа алтернативна или поточно слободна, слободоумна форма којашто зборува за некои општествени ситуации, но и воопшто е доказ за креација на еден актер како тој во едно современо општество може да биде комплетен автор, сам на себе режисер, драматург, сценарист, кореограф и на крајот сето тоа самиот да го изведе.

„Многу е важна поддршката на сите од страна затоа што проектот зборува за една форма којашто е носител на една независна сцена којашто е и тоа како битна во ова општество. Искрено гледам позитивно на сето ова. Малку е тешко затоа што се оди фронтално, па и со герила акции, понекогаш херојски со глава во ѕид, затоа што си сам на себе и менаџер и мора да внимаваш на сите други технички и логистички работи, но во секој случај еве по цела една година гледам дека има заинтересираност. Малку повеќе време треба да се зафатат семките, но се надевам дека никулците ќе никнат“, вели таа.

Инаку, актерката во меѓувреме го подготвува и своето ново, како што вели „заокружено театарско дело“, коешто ќе трае подолго и би требало да ја добие потребната продукциска поддршка.

„Станува збор за една чешка женска икона, Милада Хоракова, којашто на почетокот од 1950-те била егзекутирана од тамошните власти. Таа вечерта пред да биде погубена пишува писмо до својата ќерка. Тоа писмо, кога прв пат го прочитав, а тоа беше пред неколку години, дури и пред актуелниов перформанс, едноставно ја изнедри потребата внимателно да го развивам од идеја и се надевам идна реализација. Хоракова за мене е инспирација за жена којашто се борела во своето време и која во последните мигови од својот живот, што се гледа од писанието, успеала да изгради неверојатно близок однос со својата ќерка“, вели актерката.

И, кон ова само уште неколку белешки. Родена 1990 година во Виница, Ивана Атанасова дипломирала на Факултетот за драмски студии, во класата на професор Владимир Милчин и професор Сузана Киранџиска.

Во септември 2014 играла во „Трамвајот наречен копнеж“, во режија на Филип Петковски и продукција на ТЕАТРА, а само два месеци подоцна се јавува со својот проект „Ќе има (ли) војна“.

Се занимава со пишување на текстови, меѓу кои и текстови со примена од личното театарско искуство. Го истражува движењето како сценски феномен и нејзините индивидуални досегашни проекти се стремат кон истражување на можностите на актерската креација, неговите способности и интелектот во создавање на едно дело.

Постојан дел од нејзиното секојдневие е работата со деца, згора на тоа предава и режира детски претстави. Учествува и води експресивни работилници за возрасни со примена на алатки од областа на театарот, танцот и креативно изразување, а во соработка со уметници од други области, како и психолози. Се занимава со културно-социјален активизам, дел е од колективот на АКСЦ и акцентот во нејзиното делување е ставен врз организирање на настани за придвижување и раздрмување на културните матрици во македонското општество. На 13-ти февруари „Ќе има (ли) војна“ на Ивана Атанасова ќе се најде на сцената на културниот центар Кино „Култура“.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG