Достапни линкови

Политиката е дрога што го замаглува мозокот на секој човек!


„Народен пратеник“, првиот драмски текст на секогаш актуелниот Бранислав Нушиќ, наскоро ќе се најде на сцената на театарот „Антон Панов“ од Струмица. Премиерата е закажана за 27 јануари, а проектот го потпишува бугарскиот режисер Владлен Александров чија цел е да понуди пиеса која ќе говори за политиката како дрога и лудилото на времето во кое живееме.

Бранислав Нушиќ е еден од најголемите балкански драматурзи и можеби еден од најзначајните европски комедиографи. Неговите текстови се исклучително актуелни денес. Еве 100 години по настанувањето на „Народен пратеник“, при неговото препрочитување, гледаме колку е тој блисок со времево во кое живееме. Со сето она што се случува околу нас. Нештата со годините се преповторуваат.

Владлен Александров.
Владлен Александров.

Вака бугарскиот режисер Владлен Александров ќе ја почне сторијата за својата најнова претстава „Народен пратеник“ што ја подготвува со ансамблот на театарот „Антон Панов“ од Струмица. Премиерата е закажана за 27 јануари годинава, а улогите во проектот ги толкуваат актерите Кољо Черкезов, Јасмина Вучкова, Анкица Бенинова, Стојан Велков, Оливера Аризанова, Ванчо Василев и други.

Политиката и стремежот за власт се покажуваат како исклучителен допинг, дрога која што го замаглува мозокот на секој човек.
Владлен Александров, бугарски режисе.р

Инаку, Александров со Нушиќ се среќава по втор пат. Тој пред четири години, во Русинскиот драмски театар, ја поставил „Госпоѓа министерка“ - пиесата со која постигнал убав успех и од таму не чуди кога вели дека на првиот драмски текст на Нушиќ му пришол со желба да побара одговори на повеќе значајни прашања.

„При работата на Нушиќ, особено на „Народен пратеник“, едноставно видов дека се нужни појаснувања на повеќе значајни проблеми. Дека демократијата тешко се освојува. Дека за тоа е потребна слога и дека парламентарниот живот е всушност еден огромен театар. Затоа се решив да направам своја современа верзија и една пиеса за лудоста на времето во кое што живееме.“

Режисерот појаснува дека при работата на проектот не се водел од дневнополитичките настани - од штотуку завршените избори во неговата родна Бугарија или од претстојните вонредни во Македонија, туку од сознанието дека политиката и желбата за власт се силни опивки. Дроги.

„Таа лудост го заробува општеството. Го заробува секој човек којшто на некој начин сака сериозно да се занимава со социјална и политичка дејност. Политиката и стремежот за власт се покажуваат како исклучителен допинг, дрога која што го замаглува мозокот на секој човек. “

Дополнува дека притоа речиси е неможно да се избега од ваквите канџи. Посебно на просторот каде што ние живееме.

„Општеството каде што ние живееме, специјално овде на Балканот, се уште е многу незрело. Се уште не сме ја вкусиле зрелата демократија за да можеме да избегаме од овој тип на лудило. Ми се чини дека ниту вас, ниту нас не не чекаат посветли денови ако не го преиспитаме сопственото поведение кон власта.“

Роден во Асеновград, Владлен Александров дипломирал режија на НАТФИЗ „Крсто Сарафов“ во Софија. Деценија и половина бил директор на театарот во Пазарџик, а како режисер добитник е наповеќе значајни награди во Бугарија и во другите земји во регионот.

На сцените во Република Македонија тој зад себе има десеттина проекти, поставувал текстови на автори како Љубиша Георгиевски, Венко Андоновски и други, а со ансамблот на театарот „Антон Панов“ , како што знае да каже, досега ги направил двете свои најдобри претстави - шекспировите „Сон на летната ноќ“ и „Комедија на грешки“.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG