Пауза до 25 февруари во мировните преговори за Сирија кои деновиве неславно стартуваа во Женева. Ова го изјави специјалниот пратеник на Обединетите нации за Сирија Стафан да Мистура, кој во Женева рече дека не станува збор за неуспех на преговорите, туку за натамошно справување со предизвиците.
Соединетите Држави и Франција ги обвинија Русија и режимот во Сирија за поткопување на мировните преговори поради кампањата за повторно заземање на некои делови во земјата што сега се под контрола на опозицијата.
Во изминативе неколку денови за време на преговорите во Женева, сириски копнени сили поддржани од руски воздушни напади презеле силна офанзива околу стратегискиот град Алепо на северот на Сирија.
Во воздушните напади, според наводите, имало и цивилни жртви.
Чекаме Соединетите Држави да престанат да раководат од позадина, а Русите да престанат да долеваат масло на огнот.Фарах ал Атаси, портпарол на сириската опозиција.
Американскиот државен секретар Џон Кери оцени дека ваквите акции на Русија и на сирискиот режим ја покажуваат нивната интенција сирискиот конфликт да го решаваат со воени средства, а не со преговори. Москва и Дамаск тоа го демантираат.
Во меѓувреме, на донаторскиот самит во Лондон се ветуваат милијарди долари за помош на Сирија и за мерките за справување со бегалската криза предизвикана главно од граѓанската војна во Сирија.
Деновиве, пак, УНИЦЕФ предупреди на страдањата на децата кои ги преживуваат ужасите од бомбардирањата на нивните домови и училишта.
Според податоците на оваа организација, околу 5 илјади училишта во Сирија се уништени или затворени.
„Кога прв пат дојдовме тука, одев на училиште околу четири месеци. Потоа дојде авион и го бомбардираше. Зошто тие бомбардираат училиште?“, се прашува деветгодишниот Рами.
„Кога дојдов на училиште видов голема дупка во дворот. Неколку училници немаа ѕидови“, вели десетгодишната Маха за новинската агенција Ројтерс, наведувајќи дека претходно слушала експлозии во близина на школото.
Ситуацијата за цивилите во Сирија и покрај обидите за прекин на борбите, постојано се влошува.
Неколку градови кои се под контрола на сириската опозиција се под опсада на владините војници, а на тамошните жители им е неопходна итна помош во храна и лекови.
Меѓународните хуманитарни организации тешко доаѓаат до нив поради интензивирањето на борбите.
Прекин на борбите и хуманитарна помош се главни услови на опозициските групи за да учествуваат на преговорите во Женева.
„Чекаме Соединетите Држави да престанат да раководат од позадина, а Русите да престанат да долеваат масло на огнот“, изјави портпаролот на сириската опозиција Фарах ал Атаси.