Во телевизиското обраќање премиерот Абади го пофали освојувањето на Рамади на западот на Ирак.
„2016 ќе биде година на голема и конечна победа, кога присуството на милитантите на Исламската држава во Ирак ќе биде завршено“, изјави тој додавајќи:
„Сега ќе го ослободиме Мосул што ќе биде силен удар за Исламската држава“, рече тој.
Мосул е втор по големина ирачки град и е под контрола на милитантите на ИД од јуни 2014 година.
Ирачката армија во неделата соопшти дека го освоила центарот на Рамади што беше прва поголема победа против милитантната група која во минатата година успеа да грабне скоро една третина од ирачката територија.
2016 ќе биде година на голема и конечна победа, кога присуството на милитантите на Исламската држава во Ирак ќе биде завршено.Хајдер ал Абади, ирачки премиер.
Снимките емитувани на државната телевизија покажаа како неколку војници се качуваат на една зграда за да го развеат ирачкото знаме. Ваквиот успех веднаш беше поздравен од Соединетите Држави.
„Ние можеме да ги пофалиме владата на Ирак и храбрите ирачки сили кои покажаа огромна упорност и храброст во борбата за враќање на Рамади, главниот град на провинцијата Анбар, на ирачкиот народ“, рече портпаролот на Стејт департментот Марк Тонер, на прес конференцијата во Вашингтон, додавајќи:
„Ирачкото националното знаме уште еднаш се вее над Рамади. Тоа е значаен чекор напред, но таму се уште има џебови на отпорот и тие треба да бидат исчистени од ирачките војници“, рече тој.
Според Тонер, станува збор за многу тежок процес кој треба да заврши со создавање услови за повторно враќање на луѓето во своите домови.
Ако ирачката влада ја задржи контролата врз Рамади, кој беше освоен од милитантите на Исламската држава во мај годинава, тоа ќе биде првиот ослободен град откако Соединетите Држави почнаа да ја обучуваат ирачката армија.
Во претходните битки, ирачките вооружени сили главно оперираа само како поддршка на иранските шиитски милиции.
Багдад пред извесно време вети дека ќе докаже оти ирачките сили се способни да го прекинат напредувањето на милитантите во провинцијата Анбар која е главно населена од сунити и која се протега по плодната долина на реката Еуфрат од предградијата на Багдад до границата со Сирија.
Соединетите Држави и нивните коалициони партнери ја поддржа операцијата за ослободување на Рамади која почна во минатата недела со над 630 воздушни напади, како и со обука и опрема за ирачката армија.
Таа се одвиваше забавено поради снајперски напади, поставени мини и бомби и уништувањето од страна на милитантите на скоро сите поголеми мостови во градот.
Се наведува дека во почетокот на офанзивата во Рамади имало 400 милитанти. Засега не е познато колку имало жртви и на двете страни.