Според Гутереш, бегалците не можат да бидат обвинувани за тероризам, бидејќи се обидуваат да си го спасат животот.
„Оние што ги одбиваат сириските бегалци, особено ако се муслимани, се најдобри сојузници на пропагандата на екстремистичките групи“, рече тој како коментар на последните изјави на некои европски лидери и американски гувернери.
Поради хаосот во кој се најде Сирија по избувнувањето на граѓанската војна, милитантите на Исламската држава презедоа големи делови од таа земја и Ирак каде што прогласија калифат.
Оваа група ја презеде одговорноста и за терористичките напади во Париз и Калифорнија во кои беа убиени многу луѓе.
Оние што ги одбиваат сириските бегалци, особено ако се муслимани, се најдобри сојузници на пропагандата на екстремистичките групи.Антонио Гутереш, висок комесар за бегалци на ОН.
Овие напади доведоа до повици за претпазливост во Европа и Соединетите Држави поради можните опасности од бегалците.
Неколку американски држави најавија затворање на вратата за сириските бегалци, а Доналд Трамп кој води во трката за можен републикански кандидат за претседателските избори во Соединетите Држави побара забрана влез на странски муслимани во земјата.
„Мора да не заборавиме дека и покрај реториката што ја слушаме овие денови, бегалците се првите жртви на таквиот терор, а не извор“, изјави Гутереш, додавајќи:
„Секако постои можност терористи да се инфилтрираат меѓу бегалците, но оваа можност постои во сите заедници. Најголема закана е радикализацијата на домашните екстремисти, како што впрочем покажаа последните напади“, рече тој.
Гутиереш додаде дека најновото испитување на Обединетите нации извршено меѓу илјада и двесте Сиријци кои избегале во Европа покажало дека 86 насто од нив имале средно, а скоро половина и високо образование.
„Сирија очекува голем одлив на мозоци. Само можете да замислите колку опасни ќе бидат последиците од таквиот егзодус за идната постконфликтна реконструкција на Сирија“, рече Гутереш.
На опасноста од растечката ксенофобија предупреди и шефот на Меѓународната организација за миграции Вилијам Лејси Свинг.
„Секоја личност која влегува од надвор е потенцијален терорист по она што се случи во Париз“, вели тој, додавајќи:
„Ние сме многу вознемирени од широкото антиимигрантско чувство, кое може да доведе до ксенофобија и до опасност по животите на мигрантите“, вели Вилијам Лејси Свинг.
Според него, докажувањето дека мигрантите придонесуваат кон продуктивноста на општествата може да биде дел од решението на сегашната криза.
„Сите наши земји секогаш биле отворени за нов бран луѓе и секогаш од тоа сме имале полза. Покажете им на луѓето дека тоа е така“, изјави Свинг во интервју за новинската агенција Ројтерс.
Тој притоа и оддаде признание на германската канцеларка Ангела Меркел за нејзината политика на отворена врата спрема бегалците, како и на канадскиот премиер Џастин Трудо кој вети дека до крајот на годинава неговата земја ќе прифати 10 илјади сириски бегалци.