Достапни линкови

Обама до лидерите на ИД: Вие сте на ред


Обама до лидерите на ИД: вие сте на ред
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:55 0:00

Обама до лидерите на ИД: вие сте на ред

Американскиот претседател Барак Обама изјави дека милитантната група Исламска држава загубила големи делови од територијата што биле под нејзина контрола во Ирак и Сирија. Сепак, тој наведе дека е неопходен натамошен напредок со цел побрзо справување со милитантите.

Говорејќи пред новинарите во Пентагон, Обама изјави дека групата Исламска држава немала спроведено успешна операција во Сирија и Ирак уште од летото.

„На многу места Исламската држава ја загуби слободата на маневрирање, бидејќи знае дека ако ги собере своите сили тие ќе бидат збришани“, рече Обама кој сепак додаде дека е неопходен натамошен прогрес.

„Ова продолжува да биде тешка борба. Како што реков претходно, милитантите на ИД се вкопани, вклучително и во урбаните средини, и тие се кријат зад цивили, употребувајќи беспомошни мажи, жени и деца како човечки штит. Иако сме немилосрдни, ние треба да бидеме паметни и нашите напади да ги насочуваме со хируршка прецизност“, изјави Обама при неговата ретка посета на Пентагон, што, според аналитичарите, е дел од напорите на Белата куќа да ја намали тензијата во јавноста пред претстојните празници до која дојде по ноемвриските терористички напади во Париз и пукањето во Калифорнија.

Ова продолжува да биде тешка борба. Како што реков претходно, милитантите на ИД се вкопани, вклучително и во урбаните средини, и тие се кријат зад цивили, употребувајќи беспомошни мажи, жени и деца како човечки штит. Иако сме немилосрдни, ние треба да бидеме паметни и нашите напади да ги насочуваме со хируршка прецизност.
Барак Обама, претседател на САД.

Овие два крвави настана во кои загинаа над сто и четириесет луѓе беа поврзани со милитантите на Исламската држава.

Обама одржа состанок на Националниот совет за безбедност во Пентагон и со цел да ја објасни неговата стратегија за запирање на милитантите во странство, но и на нивните симпатизери во Соединетите Држави.

Тој им кажа на новинарите дека американската стратегија вклучува потрага по лидерите на ИД, тренинг на локалните сили и запирање на финансирањето и пропагандата на милитантите.

Обама обелодени дека американски командоси започнале заеднички да работат со локални борци во Сирија околу градот Рака, кој се смета за главно место на милитантите на ИД и најави интензивирање на бомбардирањето на нафтената инфраструктура во Сирија.

Администрацијата на Обама во октомври соопшти дека одобрила распоредување на 50 специјалци во Сирија, прва таква мисија на американските копнени сили во таа земја. Но, досега не беше откриено местото каде овие војници биле распоредени.

„Лидерите на ИД не можат да се скријат и нашата порака е: вие сте на ред“, рече Обама, додавајќи дека побарал од секретарот за одбрана Еш Картер Соединетите Држави повеќе да придонесуваат во коалицијата што ја предводат против милитантите на ИД.

Веднаш потоа, Саудиска Арабија објави дека е формиран Исламски воен сојуз против тероризмот во кој учествуваат 34 земји.

„Овие земји решија да формираат воена алијанса предводена од Саудиска Арабија во борбата против тероризмот. Заедничкиот оперативен центар ќе биде базиран во Ријад“, се наведува во заедничкото соопштение во кое меѓу сојузниците се спомнуваат Египет, Катар, Обединетите Арапски Емирати, Турција, Малезија и Пакистан.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG