Достапни линкови

Ново масовно убиство во САД


Во Калифорнија најмалку 14 убиени
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:44 0:00

Во Калифорнија најмалку 14 убиени

Полицијата синоќа соопшти дека најмалку 14 луѓе биле убиени, додека 17 други биле ранети во оружен напад во Сан Бернардино, град во јужна Калифорнија. Во престрелка со полицијата биле убиени двајца осомничени, а ФБИ не ја исклучува можноста нападот да бил акт на странски или домашен тероризам.

Полицијата прецизира дека најмалку три вооружени лица влегле во Регионалниот центар за социјална заштита во Сан Бернардино, при што отвориле оган.

Тие потоа со автомобил го напуштиле местото на злосторството по што полицијата почнала да ги следи.

Безбедносните сили во престрелката до која дошло подоцна успеале да убијат двајца осомничени, меѓу кои и една жена. Според некои наводи еден од напаѓачите бил уапсен.

Полицијата соопшти дека била во потрага по уште еден осомничен по што почнала да врши претрес во куќите во соседното место Редлендс.

Се уште не е познат мотивот за ова уште едно масовно убиство во Соединетите држави. ФБИ не ја исклучува можноста дека станува збор за акт на тероризам.

Тие дојдоа подготвени да го направат тоа што го направија. Како да беа на некаква задача.
Жаро Бургуан, шеф на полицијата во Сан Бернардино

„Можно е, но не знаме се уште“, изјави Дејвид Боудич, помошник на регионалниот директор на ФБИ.

„Тие дојдоа подготвени да го направат тоа што го направија. Како да беа на некаква задача“, изјави шефот на полицијата во Сан Бернардино Жаро Бургуан, додавајќи дека напаѓачите носеле пушки и воена опрема.

Тој наведе и дека осомничените за убиството на местото на нападот оставиле и експлозивна направа што морала да биде отстранета од специјалните единици.

Муслиманската заедница соопшти дека еден од осомничените бил Саед Фарук, американски граѓанин.

Според полицијата, тој бил на забавата во Центарот во кој се води грижа за лица со попреченост која ја напуштил но набрзо се вратил со оружје.

Повеќето од убиените биле здравствени работници кои учествувале на забавата воцентарот за состаноци кој е отворен за јавноста.

Сан Бернардино е град со околу 214 илјади луѓе и се наоѓа на 100 километри источно од Лос Анџелес.

„Тоа не се случува во еден мал град како овој, навистина“, вели Клинт Росалес, еден од жителите на овој град.

Американскиот претседател Барак Обама го критикуваше ова, како што рече, повторување на масовните убиства и го повтори неговиот повик до Конгресот да донесе закани за построга контрола на оружјето во земјата.

„Една работа што ја знаеме е дека нашата земја има модел на масовни убиства што го нема никаде во светот“, изјави Обама.

Ова е најкрвав оружен напад во Соединетите држави од масакрот во основното училиште Сенди Хук, во Њутаун, Конектикат, во декември 2012 година, во кој беа убиени 27 лица, вклучувајќи го и напаѓачот.

Само годинава во земјата имало 350 напади во кои биле ранети по неколкумина луѓе во секој од нив.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG